Денешна дата
01/12/2021

Говорот на омраза го замени новинарскиот речник

Во македонскиот медиумски простор буквално секојдневно фрчат обвинувања, се повикува на линч, или пак, јавно се посочува наводниот криминал во новинарските редови

Во длабоко поларизирана атмосфера, медиумите годинава ги дочекаа разочарувачките оценки на американската организација „Фридом Хаус“ кои ја рангираа Македонија најдолу на листата според слободата на медиумите, споредено со земјите од регионот. Лошите оценки само се надоврзаа на претходните извештаи за слободата на медиумите во Македонија, која со најновиот извештај е дефинирана како делуно слободна земја. Но, за разлика од лани, состојбата е влошена. Ова, сепак и не е изненадување за македонскиот медиумски простор, каде буквално секојдневно фрчат обвинувања дека едни се опозициски, а други провладини медиуми, каде се повикува на линч, или пак, јавно се посочува наводниот криминал во новинарските редови. Наместо, новинарите да бидат бранители на јавниот збор и промовирање на демократските вредности, говорот на омраза стана буквално замена за професионалните новинарски вредности, кои би требало да бидат мото на новинарската професија каде единствена водилка би требало да биде-вистината.

Како што е познато, Македонија годинава се рангираше на 122 место според Извештајот за слободата на медиумите на „Фридом Хаус“ која го мери нивото на независност на медиумите во 197 држави и територии. На скалата, Македонија која имаше пад од две места од лани, го дели местото со Конго и Кенија. Од соседството, пред нас се Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Србија..Според рангирањата, Македонија во последниве 20 години немала полоши оценки. Македонија е последна од земјите во регионов и на листата на „Репортери без граници“ каде се наоѓа на 123-то место со пад од седум места споредено со лани.

Новинарите не го одбележуваат Денот на слободата на медиумите

 

Новинари, медиумски работници и претставници на невладини организации, денеска одржаа симболичен собир во 12 и 5 часот, испраќајќи порака дека на Денот на слободата на медиумите, Македонија нема што да одбележува. Владо Апостолов од ССНМ изјави дека говорот на омраза во Македонија не само што не поминува неказнето, туку и се стимулира, како и тоа дека политичките и економските центри на моќ ги диктираат уредувачките политики и дека постои нетранспарентност во сопственичката структура на медиумите.

Здружението на новинари на Македонија, вчера, обави соопштение во кои стои дека новинарите немаат причина за прославување затоа што слободата на изразување и независноста на медиумите се сериозно загрозени.

„ИНБОКС 7“ направи мини-анкета за да го провери пулсот на уредниците, какви се нивните размислувања за состојбите во македонското новинарство и до кога за земјава ќе се известува дека „новинарството е во слободен пад“ или дека „македонското новинарство го допре дното“. Има ли воопшто надеж за враќање на професионалните вредности? И дали Македонија има причини да го прославува 3 Мај-Денот на слободата на медиумите?

И додека едни со неверување одбиваа да коментираат под разни изговори, други се погласно зборуваа дека е дојдено време за „помен“ на македонското новинарство поради разните форми на притисоци врз новинарството и заканите со судски процеси, дури и за туѓ изречен збор. Сепак, едногласна е оценката дека слободата можат да ја вратат самите новинари.

„Немаме што да славиме. И годинава ќе ги повториме тажните и страшни факти – во Македонија се соочуваме со континуирано гушење на слободата на медиумите. Новинарите се замолчани, на нивно место и во нивно име говорат пропагандисти. Во Македонија веќе нема елементарни услови за новинарската професија. Институциите се затворени за сите кои се таргетирани како „“непријателски“, критичките медиуми се под постојан удар со тужби за клевета, истражувачките новинари по случајот со Томислав Кежаровски се исплашени. Медиумите кои се обидуваат да ги задржат елементарните стандарди на професијата – да информираат за секоја злоупотреба од позиција на моќ во интерес на јавноста  се борат на нерамноправен пазар на кој е неможно да се опстане ако не сте субвенционирани преку „владини реклами“ како што го нарекуваме тој одворен вид на клиентелизам и корумпирање на медиумите “, констатира Тамара Чаусидис од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Според истражувањето на ССНМ,  62% од новинарите биле жртви или сведоци на директна цензура, додека 57% велат дека практикуваат автоцензура. Чаусидис вели дека секојдневни имаат поплаки за притисоци од новинарите. Во моментов Синдикатот води 20 случаи на незаконски отпуштања. Иако, таа нагласува дека судските спорови траат долго, додека голем број новинари се одлучуваат да молчат за да имаат егизстенција. „Сето тоа резултира со исплашени, замолчени новинари кои ги распродаваат последните идеали на професијата. Таа слика е навистина тешко да се гледа“, со разочарување потенцира Чаусидис.

И одговорната уредничка во „Телма“ телевизија, Емилија Лазаревска констатира дека нема причина за славење. „Поточно, може да се прослави на два начини. Едниот, колку што може погласно да зборуваме на овој ден. Мене не ми било јасно она молчење со минута молк. Не, не. Напротив ние треба многу да зборуваме, а тој ден да ги искористиме нашите медиуми и да кажеме во каква состојба се наоѓаат медиумите во Македонија.

Вториот начин е со погребна поворка-дека е мртво новинарството“ вели Лазаревска. Таа потенцира дека новинарите кога одат на настан не смеат да прашат ништо.  „Не се плашете, зошто се плашат? Нека прашаат. Како ќе се изборат за својата новинарска слобода и за својата професија? Ти прашај, па не мора уредникот да го пушти тоа, ама ќе бидеш чист пред себе и своите колеги и знаеш дека си направил нешто. Така се води борба против уредувачкиот апартхејд“ вели таа, коментирајќи дека новинарската професија станува се поопасна. Иако, смета дека сепак, се додека постојат медиуми кои што не се плашат да работат, постои и надеж за новинарството.

„Освен ние, друг нема да ти ја подари слободата зошто нема интерес да го направи тоа. Секој сака послушни новинари, кои, ете, ќе направат се што ќе им кажат. Ќе го исплукаат секој свој колега за кој ќе им кажат дека е предавник и дека работи спротивно интересите на државата“, смета Лазаревска, која додава дека нема дно за македонското новинарство кое е во бесознание.

Александар Димковски, главен и одговорен уредник на дневниот весник „Нова Македонија“ порача дека најдобар начин за прослава на Денот на слободата на медиумите е на насловните страници на сите весници да се објават универзалните принципи на новинарските стандарди, а тоа да биде и ударна вест на телевизиите. Тој не сакаше да ги коментира најновите извештаи на „Фридом Хаус“ и „Репортери без граници“, објаснувајќи дека му е непозната методологијата.

Најважно е да се почитуваат стандардите. Кога ние како фела би ги почитувале стандардите и кога спонзорите ќе видат дека не отстапуваме, веројатно и формите на притисок би се намалиле или би исчезнале. Тогаш веројатно нема да има ситуација на мек стомак. Тогаш не е битно дали некој весник е лев, десен, бидејќи тогаш ќе се намали просторот на влијанија“, смета Димковски.

Исен Салиу, главниот и одговорен уредник на весникот на албански јазик „Лајм“ ни изјави: „По мое мислење, најголемата грижа на новинарите не треба да биде ниското ниво на кое годинава се наоѓа слободата на изразување, туку тоа што следната година таа слобода ќе биде на уште пониско ниво. Исто како што годинава е на пониско ниво во споредба со претходната година. Единствена причина за славење може да имаат провладините медиуми, кои слободно може да се надеваат на уште една успешна „жнеачка“ сезона и на уште повеќе милиони од Владата и државните институции. Додека, слободните и независните медиуми наместо датум за славење треба да одредат датум за помен на слободното новинарство кое кај нас е речиси замрено. А како моја идеја за тој датум би бил денот кога се затвори А1 ТВ, на пример. Ние како Лајм, директно на наша кожа го чувствуваме притисокот врз независниот збор бидејќи освен другите форми на притисок, се користат и судски процеси за текстови кои се објавени во форма на колумни и коментари од лица кои не се вработени во Лајм“, рече Салиу.

zafirova.zafirova@gmail.com