Денешна дата
25/11/2020

„Империја“ на корупција и на „спектакл“

Пишува: Бардуљ Заими

 

Поранешниот премиер Груевски останува недостапен за органите за правда. Тој требаше лично да ја прими одлуката за отпочнување на издржувањето на двегодишната затворска казна за злоупотреба на службената должност во случајот за купување на владиното луксузно возило во износ од 600 илјади евра. Но, по се изгледа поранешниот премиер Груевски го избегна издржувањето на казната, а Основниот суд -Скопје 1, пак, издаде потерница за негово апсење. Полицијата, во меѓувреме, е во потрага по Груевски, „ тропајќи“ на вратата од неговиот дом, но проширувајќи ја потрагата и пред седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Сегашниот премиер, Зоран Заев, истакна дека не верува оти „господинот Груевски ќе си дозволи такво нешто, барем според она што го кажа досега“. Останува енигма каде се наоѓа поранешниот премиер Груевски.

Без оглед на епилогот што ќе го добие овој настан, една работа станува сигурна, а тоа е дека во Македонија се гледаат првите знаци на функционирањето на правдата, на борбата против корупцијата и на функционирањето на институциите. Потерница за апсење на поранешен премиер е показател дека работите се движат напред, и покрај многуте слабости кои се појавуваат на целиот овој пат за да се донесе зад решетки Никола Груевски.

Секако, оваа завршна правна постапка за издржување на казната изречена од страна на судот, е проследена со еден вид непотребна глорификација , па дури и со еден вид на спектакл кој можеби ја искривува целата суштина на казнување и ја претвора во групни овации. Во правдата нема место ниту за жалење ниту за мразење, на правдата и е доволна правда.

Самата завршна фаза на појавување на Груевски во затвор, како да се искриви со „информации“ на исчекувања пред затворот „Шутка“. Се разбира, без исклучување на можноста за криење или бегство, целиот овој процес можеби бараше поголемо внимание, во согласност со нормалниот епилог што требаше да го добие.

Токму, оваа сеприсутно набљудување кое се пренесе и на социјалните мрежи, извади на површина и една друга појава, која е поврзана со бизарната партизанска логика, за која нема мака Груевски, а која укажува на еден вид иден типичен сервилизам каков што имавме можност да видиме во времето на поранешниот премиер, кој треба да издржува казна за своето лошо работење.

Филозофот и есеист Ѓерѓ Конрад вели дека идеологиите имаат потреба од омраза, од страсна омраза. Токму овие идеолошки ирационалности ги обработува Конрад во својата книга „Анти-политика“. И веќе гледаме дека „знамето“ на јавната врева го држат луѓе кои во времето на владеењето на Груевски молчеа и никогаш не кажаа ниту еден противречен збор против режимот. Напротив, многу од нив профитираа во тоа време, а денес, со многу „финеси“ ја преземаат улогата на дисиденти.

Несомнено, оваа „нова“ преобразба за лепење со „победниците“, со актуелната влада, бара зголемување на децибели за да се покаже лојалност, а целта и логиката остануваат исти: власт.

Никола Груевски е само Ајсберговиот врв, како што се вели, во „империјата“ на криминалот и корупцијата. Десетгодишно владеење не може да се идентификува со само еден човек, било тоа да е и премиер. Оваа „империја“ останува мрачна и со многу „матрушки“, кои што треба да се следат до крајот на направените злоупотреби, кои се бројат во милиони евра. Овој процес не бара спектакл и „партиски“ овации кои сега сакаат да се прилепат преку „гневот кој го немаат во срце“, како што вели Шекспир во еден стих на „Хамлет“.

Но, се чини дека политичкиот „театар“ останува неизбежен. Како и да е, направен е чекор напред во воспоставувањето на правдата. Останува уште многу сеопфатна работа за да се „излечат“ метастазите на енормната корупцијата. Случајот „Империја“ е еден од нив. Реформите во судството остануваат постојани препораки на ЕУ. Во една емисија на една национална телевизија, амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, истакна дека очекува многу подлабоки реформи во сферата на судството. Се чини дека нема место за „фалења“, без оглед на епилогот што ќе го добие случајот Груевски.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.