Денешна дата
11/12/2018

Даниела Драштата: Должност на новинарите е да отвораат тешки теми

Новинарот има задача со своите приказни да ја промени сликата за лицата со различности и попречености

 Даниела Драштата е хрватска новинарка и уредник. Дипломирала на Факултетот за политички науки во Загреб, а подоцна продолжила со специјализација во полето на човековите права и националните малцинства. Професионално со новинарството почнала да работи во 1993 година во Информативниот програм ХТВ. Од 1994 година уредува и води мултинационален магазин „Призма“. Подоцна во 2002 година води Редакција за национални малцинства, емиграција и цивилно друштво, а од 2003 година интернационални мултикултурни документарни серии во рамките на ЕБУ како уредник и сценаристка.

Серијалите „City Folk“, „Муслимани у Европи“ и „Синови и очеви“ се емитирани во околу 20 земји. Има добиено награди за документарните филмови „Пет“, „Тјескоба“, „Жена змај“, „Боје невидљивог“, „Чушпајз“, „Селим Биг Бос Велагиќ“. Извршна продуцентка е на ЕБУ сериите „Роми у Европи“, „Гласови страха“ и „Inside Offside“.

 

разговарала: Бјанка Станковиќ

Со Даниела Драштата имавме прилика да разговараме во Охрид, каде беше обучувач на тродневната обука „Во чевлите на другиот“ во организација на „Македонскиот институт за медиуми“, „Мedia Diversity Institute“ и „НСИОМ“.

Драштата зборуваше за важноста на инклузивното известување во новинарството, а со работната група ги сподели своите искуства, но и отвори дебата низ која се родија многу идеи за темите поврзани со попречености и различности. Ја прашавме каква е ситуацијата во Хрватска, дали таму овие теми се поеднакво застапени во медиумскиот простор како и останатите. Скромно одговори дека ќе зборува само за Хрватската радио телевизија, каде што и работи.

„Општо за малцинствата, не само за лицата со инвалидитет туку за сите малцинства, малку се пишува во медиумите, а ако се пишува тогаш најчесто е поврзано со некаков скандал“ – изјави Драштата.

Груба проценка е дека една третина од луѓето во големите градови се сметаат за припадници на некоја малцинска група.

Со оглед на тоа дека работи во Хрватската радио телевизија која е јавен сервис и се финансира со јавни пари, таа нагласува дека должност и задача е новинарите да отвораат тешки, болни теми, теми со кои комерцијалните медиуми не сакаат да се занимаваат.

„Јас чувствувам одговорност да работам на теми кои другите новинарите ги игнорираат“ – децидна е таа.

Вели дека колегите новинари ретко пишуваат за темите со различности и попречености, а оние кои ги обработуваат најчесто ги сожалуваат или ги претставуваат како граѓани од друг ред, што е погрешно бидејќи на тој начин се поставуваат во ситуација на надмоќ.

Но, дел од проблемот со недостатокот на овие приказни е напливот на дневно-политичките збиднувања кои за уредниците се секогаш попривлечни. Ја прашавме како во своето долгогодишно искуство успева да ги наметне овие теми кај уредниците.

Таа е сигурна дека уредниците ќе ги прифатат темите ако се обработени на најквалитетен начин.

„Уредниците треба да се третираат како и публиката која секогаш бара многу, која е навикната на полесни содржини, која не сака ниту во утринска, ниту во попладневна или вечерна програма да се занимава со туѓите проблеми. Тие најчесто си велат „имам свои проблеми, подобро ќе гледам комедија отколку тешка тема“. Затоа овие теми треба да се спакуваат на начин да бидат атрактивни, за две класи подобри од темите за фудбал или забава, за најпрво да ја прифати уредникот, а подоцна и публиката“ – додава Драштата.

За приказните смета дека носат позитивен резултат ако новинарот целосно се посвети кон нив и долго време работи во една насока.

„Јас сум утопист и секогаш верувам во тоа дека секој новинар во себе има морален квалитет кој го води во неговата работа“

За истата да биде атрактивна и содржински исполнета, ја нагласува важноста дека новинарот мора добро да го познава медиумот во кој работи.

„Ако зборуваме за телевизиска емисија или репортажа, тогаш максимално треба да се посветиме на прикзната на тој начин што камерата ќе сведочи за она што се зборува, а не само да ја имаме личноста пред екранот. Камерата мора да е во движење, со цел подобро да се запознаеме со протагонистот и со него да поминеме одредено време, притоа да бидеме внимателни со речникот кој го користиме“ – советува Драштата.

Таа вели дека на новинарите им се случува од невнимателност или без лоша намера да употребат збор кој е пресилен за да се истакне некаков проблем.

„Со употребата на овие зборови стануваме патетични. Од една страна никој не ни верува, од друга страна ја навредуваме самата личност со инвалидитет“ – вели таа.

Наведе неколку од многуте примери со кои работите се промениле по објавувањето на нејзините репортажи, како ситуацијата за неасфалтирана улица која подоцна била санирана, но и за жените на кои не им било дозволено да се фотографираат за лична карта со марама која им ја покрива косата.

„Медиумите имаат огромна моќ да влијаат врз политиката. Секако, не треба да се биде илузионист дека со една репортажа ќе се смени светот, но малите чекори го прават патувањето“ – посочува Драштата.

Земајќи ги предвид чекорите кои Драштата ги оди повеќе од 20 години во новинарството, не интересираше дали има промена во известувањето и исходот од приказните за различностите и попреченостите.

„Што се однесува до малцинствата во Хрватска, сигурно дека се гледа голем напредок. Од една страна новинарите во комерцијалните медиуми се освестија дека има малцинства во Хрватска, а од друга страна и малцинските организации направија голем чекор во однос на едукацијата за медиумските настапи, препознаа дека е важно  и тие да бидат проактивни и дека добриот ПР прави чуда“ – вели таа.

За медиумите во Хрватска и Македонија вели дека ја делат истата мака.

„Сите на телевизија се бориме за гледачите кои се префрлија на интернет, новинарите од печатените медиуми се борат за публиката која сега чита портали итн. и тука сите се соочуваме со еден ист проблем“ – потенцира Драштата.

Неколку пати напомена дека од огромно значење е редакциите почесто да ги испраќаат новинарите на ваков вид едукациски работилници каде што тие ќе можат да стекнат знаење за овие теми.

„Сметам дека многу е важно да се посетуваат вакви работилници и новинарите да се освестат дека ваквите теми мора да бидат составен дел од нашето известување. Наша задача е да ја промениме сликата за лицата со различности и попречености“ – вели Даниела Драштата.