Денешна дата
20/11/2019

Стигмата посилна од насилството врз жените

• Граѓаните во Македонија се уште не го препознаваат семејното насилство, освен ако тоа не е физички напад. Жртвите ретко ги пријавуваат случаите, а кога тие ќе стигнат до институциите работите бавно се решаваат.

Автор: Бјанка Станковиќ

 

Семејното и родовото насилство во Македонија истиот не се третира соодветно сѐ уште е завиен со предрасуди и стигматизација. Ова појава особено е присутна во помалите општини, каде нема доволна свест за почитување на правата на жените, ниту пак за пријавување на можното насилство.

Според статистика од Министерството за внатрешни работи, бројот на жени жртви на семејно насилство  останува висок, иако се бележи покажуваат благ пад во однос на претходните три години. Ако во последното деветмесечје од 2018 година вкупниот број жени жртви на насилство изнесува 630, во 2015-та тој бил 859. Најчесто жртви се сопругите, а потоа ќерките во семејствата.

За разлика од нив, мажи жртви на семејно насилство варира во просек од околу 200 жртви годишно.

 

 

Невладините најгласни во спречување на насилството

 

Сите општества ја водат битката како да се превенира зголемувањето на бројот случаи на насилство.

Невладиниот сектор во Македонија активно се занимава со оваа тематика. Изработуваат најразлични прирачници, брошури, анализи и истражувања. Но, имајќи предвид дека голем дел од активностите што би требало да ги преземе државата, се чини дека институциите бавно ги решаваат случаите со жртвите на насилство.

 

Советот на Европа против насилство врз жените и семејното насилство на 11 мај 2011 година во Истанбул, Турција ја потпиша „Конвенцијата на Советот на Европа против насилство врз жените и семејното насилство позната“ како „Истанбулска конвенција“. Нејзина цел е да спречи насилство, да овозможи заштита на жртвите и да стави крај на неказнивоста на сторителите.

Македонија ја има потпишано Конвенцијата на 8 јули 2011 година, но ја ратификуваше шест години подоцна, на 22 декември 2017 година. Со ова, интитуциите ќе треба засилено и активно да се борат против искоренувањето на насилството врз жените и семејното насилство, каде најголем процент на жртви се жените.

 

Маја Балша од невладината организација „Х.Е.Р.А“ вели дека Центарот за советување и психо-социјална поддршка, кој е првиот семеен центар во Скопје, работи од 2013 година. Од центарот  соработуваат со неколку други градови меѓу кои Велес, Куманово, Гостивар, но и со корисници и од Гевгелија, Кавадарци. „Остатокот од државата нема вакви достапни сервиси кои нудат услуги. Единствена помош за оние кои што се соочуваат со семејно насилство се центрите за социјална работа.“

Балша додава дека помошта која ја добиваат луѓето што се соочуваат со насилство најчесто е еднократна.

„Во малите градови,институциите немаат доволно ресурси и најчесто еден човек работи со повеќе случаи. Тие може да добијат помош, насока во која што би требало да делуваат и слично, меѓутоа нема каде да ги сместат доколку тоа е потребно“, вели таа.

Стигмата поизразена во малите општини, информираноста на ниско ниво

 

Жителите во градовите надвор од Скопје се соочуваат со најголемиот предизвик во однос на насилството, а тоа е стравот од осуда, уцена и повторување на насилството. Предрасудите преовладуваат и се посилни од поддршката.

Кристина Павлоски, психолог и претседател на здружението „Луна Тринити -тренинг центар за личен развој , комуникација и советување“ од Прилеп, вели дека информираноста за семејно и родово базирано насилство е се уште на ниско ниво во помалите општини. Во тие места жртвите најчесто не ги препознаваат облиците на насилство.

„Семејствата кои се соочуваат со насилство и се обраќаат до нашата организација, за насилство го сметаат само физичкото, и тоа се најчесто случаи поврзани со алкохолизам. Имајќи предвид дека ова е се уште е табу тема, бројот на случаи кои допреле до нас е далеку помал од реалната бројка“, изјави Павлоски.

На ова се надоврзува и Маја Балша која вели дека настрана од родовото базирано насилство, во семејното се препознава само сексуалното и физичкото насилство.

Но, во Скопје ситуацијата е малку поинаква. Балша вели дека во големите градови луѓето се охрабруваат да го пријават насилството бидејќи стравот дека некој може да дознае за тоа е помал.

 

 СВЕТСКА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА:

  • 1 од 3 жени низ светот биле жртва на физичко и/или сексуално насилство, најчесто од страна на интимен партнер;

  • Насилството влијае врз здравјето на жените. Жените кои страдаат од насилство се со поголема веројатност да подлежат на повреди, да страдаат од депресија или анксиозни нарушувања, сексуално преносливи инфекции, вклучувајќи и ХИВ, самоповредување или самоубиство;

  • Насилството врз жените има повеќе форми: насилство на интимен партнер, вклучувајќи ги физичкото, психичкото и сексуалното насилство, генитално осакатување, принудени и рани бракови, фемицид, трговија со жени.

 

„Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство“ изработи Анализа на случаи на фемици убиства на жени во Република Македонија. Заклучоците велат дека од направените увиди во предметите за убиства на 34 жени, кривичното дело може да биде класифицирано како фемицид во 28 случаи. Кај повеќе од 60 проценти од анализираните случаи на убиства на жени во Македонија кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого живееле во заедница. Во повеќе од 80 отсто од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата.

 

Потребно е сеопфатно сексуално образование 

Невладините организации што се занимаваат овие теми, коренот на проблемот го гледаат во образованието. Тие се согласни дека е неопходно овие теми да се вклучат уште во развојот на детето.

Маја Балша вели дека со децата во другите држави се зборува за сеопфатно сексуално образование уште во градинка.

„Тоа не е случај во Македонија. Кај нас кога луѓето ќе го слушнат изразот сеопфатно сексуално образование мислат дека со тоа ќе се сексуализираат децата, односно ќе се зборува само за сексуалните односи. Напротив, момчињата и девојчињата ќе имаат можност да научат и да се охрабрат како да го почитуваат своето тело, своите, но и правата на другите околу нив“, вели таа.

Кристина Павлоски се надоврзува на ова и вели дека за да се сруши стигмата неопходна е работа во училиштата и новите генерации.

„Сметам дека е потребно е државата повеќе да му верува на невладиниот сектор кога тој се занимава со вакви теми, но и од друга страна финансиски повеќе да се вклучи во овој процес“ – КРИСТИНА ПАВЛОСКИ

 

Во меѓувреме, државата работи на акцискиот план со кој би се имплементирала Истанбулската конвенција. Невладината „ХЕРА“ заедно со „UN Woman“ го поддржаа Министерството за труд и социјална политика во изработката на планот.

„Во овој акциски план кој е предвиден за период од 2018 до 2023 година, опфатени се сите овие работи што недостасуваат. Како отворање на сервиси низ целата држава, обучување на професионалци што ќе постапуваат и кои што ќе работат во тие сервиси. Зборуваме за специјализирани сервиси кои што треба да бидат раководени од граѓанските организации, не од државните институции, бидејќи сервисите што ги нудат државата се општи, додека овие другите се специјализирани“ велат од „ХЕРА“.

Преостанува граѓаните самоиницијативно да се информираат и отворено да зборуваат за оваа тема, воедно рушејќи ја стигмата и стереотипите. Препораките од Светската здравствена организација се во насока на поддршка и помош на начин кој ќе биде најсоодветен за онаа личност кој што се соочува со насилство, како и внимателно сослушување без осуда.