Денешна дата
26/11/2020

Дали сакаме демократија или диктатура?

пишува: Денко Малески

 

Минатата недела, во интервју за  новата телевизија „Клан – Македонија“, Билјана Георгиевска, веднаш по објавувањето на веста за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски од Македонија, бара мое мислење. Одговарав онака како што ми налага разумот а не чувствата. Укажав на фактот дека вакви работи се случуваат и ќе се случуваат во демократски општества во кои на обвинетите им се загарантирани нивните човекови права. „It goes with the territory“, би рекле Американците: опасностите некој да ви избега во еден демократски систем се неспоредливо поголеми од оние во една диктатура. Сега навистина можеме да поверуваме дека не се прислушкуваат граѓаните на Македонија и странските амбасади (Унгарската?), освен, се разбира, со судска одлука. Сега можеме да поверуваме дека обвинетиот и осудениот Груевски навистина имал шестмина полицајци кои го штителе на негов повик, а не затворски чувари кои не му давале да претне. Значи, прашањето е дали сакаме да живееме во демократија или диктатура. Без демократско искуство, ние, како народи, секогаш сме имале проблем како да ја држиме репресивната моќ на државата под контрола. Нашите песни и приказни се полни со онеправдани луѓе врзани со синџири и фрлени во зандани, а нивна модерна варијанта се злоупотребите на власта откриени во нелегално ( а, како поинаку, легално?!) добиените снимки. Оттука, сега кога нашата главна задача е да се демонтира репресивниот апарат кој прислушуваше и контролираше илјадници луѓе, 24/7, како услов за една правна држава, поведението на органите на прогонот се под постојана присмотра на идните партнери во ЕУ и во НАТО. Од нас, имено, се очекува да го смениме своето доскорешно поведение и обвинетите да ги третираме со должната човечка почит. Во моментот се присеќавам дека, во комуникацијата на западните демократии, и најголемите криминалци се ословуваат со „господинот“ или „госпоѓата“.

Следејќи ја дебатата за овој случај во деновите што следеа после моето интервју, се изненадив дека активни учесници во рушењето на автократијата на Никола Груевски, се најдоа на иста линија со претставници на партијата ВМРО-ДПМНЕ, чиј почесен претседател е бегалецот: критика на владата и на министерството за внатрешни работи, како и на судството и обвинителството. Зошто дозволиле да избега бившиот премиер? Критикувајќи го поведението на нашите институции, двете страни ја осудија владата, поточно премиерот и министерот за внатрешни работи, а, нешто помалку, судството и обвинителство. Критиката е легитимна и потребна. Впрочем, нема институција во Македонија која не заслужува сериозна критика, но она што ме загрижи е целосно отсуство на поентата која јас ја апострофирав: дека во демократска и слободна земја, вакви и слични работи ќе ни се случуваат. Не треба да губиме нерви, обвинувајќи се едни други (владата,судот, судот обвинителството, обвинителството…) оти од тоа може да страда само демократскиот систем и слободата. Зашто, во вакви случаи, кога зборуваме за човековите права, ние не мислиме на нашите туку на правата на политичките противници. Само така, имено, се брани и сопствената слобода.

Изминативе месеци, Никола Груевски, во придружба на еден припадник на полицијата во цивил, во функција на заштитник, кој се движеше десетина метри зад него, повремено го забележував како пешачи или џогира покрај Вардар. Бев целосно рамнодушен од неговата појава, но и задоволен дека на репресивниот систем му се поткастрени крилјата. Со одобрување гледав на нашата демократија во настанување: до правосилноста на судската одлука, Груевски е слободен човек. Потоа, одлучи да побегне. Приказната за бегството треба да се расветли, да се утврди одговорноста на оние кои не си ја вршеле работата, да се осуди улогата на трети земји во организација и спроведувањето на бегството… Но, никако не треба да се реагира панично и да се поништуваат тешко стекнатите придобивки на кревката македонска демократија. Сега, повторно мораме да внимаваме, борејќи се против аждерите кои ја загрозуваат нашата слобода и нашиот демократски систем, да не станеме како нив.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.