Денешна дата
13/11/2019

Општините трошат, владата потпишува, граѓаните плаќаат

  • Најзадолжени општини се Охрид, Тетово и Карпош

  • Владата ги раз должува општините, Тетово побрза со нови задолжувања

  • Ќе има ли капацитет кај локалните самоуправи да излезат од финансиските дупки или со тоа уште повеќе им се дава комодитет во нивните трошења?

  • Од Центарот за економски анализи посочуваат дека покривањето на долгот на општините од буџетски пари е загрижувачко

 

Пишува: Светлана Унковска

 

По само десетина дена откако беше усвоен ребалансот на буџетот, со кој се одвојуваат околу 50 милиони евра за покривање на долговите на локалната власт, општина Тетово донесе одлука да земе кредит за набавка на автобуси за јавен превоз.

Според официјалните податоци, ова општина должи околу 15 милиони евра, или 900 милиони денари, и е втора на листата на најзадолжени општини после Охрид со околу 16 милиони евра.

Градските власти во Тетово со пари од Светската банка ќе купува пет автобуси со што, како што реагираа и дел од советниците од општината, долгот на уште повеќе ќе биде зголемен. Според податоците кој ги има Инбокс7, ова општина досега нема нема земено кредит така што целиот долг е врз основа на доспеани фактури.

Ќе има ли капацитет кај локалните самоуправи да излезат од финансиските дупки или со тоа уште повеќе им се дава комодитет во нивните трошења?

 

ЕКСПЕРТИТЕ ДЕЦИДНИ: ПОТЕГОТ Е ДИСКРИМИНАТОРСКИ КОН ГРАЃАНИТЕ

 

Од Центарот за економски анализи посочуваат дека покривањето на долгот на општините од буџетски пари е загрижувачко и со тоа се испраќа сигнал дека е во ред локалната власт неодговорно да работи. Економскиот експерт Марјан Николов вели дека очекува Владата да објави детален извештај за финансиските состојби на општините и да се утврди дали е можно на поинаков начин да се подмири долгот на општините.

„Кои се оние општини кои би можеле да се репрограмираат со краткорочна позајмица од буџетот на Македонија? Дали и за кои општини е потребно да се активираат одредбите од финансиската нестабилност согласно поглавјето на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа? Во секој случај, трошокот од овие операции мора да бидат покриени од самите општини“.

Николов уште додава дека со оваа мерка се доведуваат во дискриминаториска положба граѓаните и фирмите кои редовно мораат да си ги подмируваат сметките и воедно директно ја поткопува правната држава.

„Точно да се утврди кои се оние неодговорни градоначалници кои што трупале неоправдано неплатени обврски. Кои се оние законски одредби од регулативата кои биле прекршени и тие да се санкционираат, затоа што во спротивно ваквиот начин на откуп на долгови води кон натамошно еродирање на правната држава. Со ваквиот инструмент неодговорните партиски кадри во улога на градоначалници се сигурни дека нема да се соочат со законот “, вели Николов.

 

ТЕВДОВСКИ: БУЏЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ БЕА НЕРЕАЛНО ПРОЕКТИРАНИ

 

И додека експертската јавност излезе со голем број критики дека со ова не се решава проблемот со минусите во општинските буџети, министерот Драган Тевдовски на неодамнешната прес конференција рече дека со оваа помош на општините, ќе се подобри финансиската состојба ќе се овозможи и воспоставување механизам за проблемот со задолжувањето веќе да не се повторува.

 

Како главна причина за неплатените обврски тој наведе дека се досегашните нереални проектирање на буџетите на општините. „Се креирале огромни буџети и се преземале обврски кои потоа не можеле да се платат. Сега воведуваме механизам со кој ова ќе се спречи. Ќе ставиме ред за проблемот да се реши, но и за да се превенира во иднина“, рече министерот.

 

НАЈЗАДОЛЖЕНИ ОПШТИНИ СЕ ОХРИД, ТЕТОВО И КАРПОШ

 

Најзадолжена општина е Охрид со околу 20 милиони евра, што е скоро половина од вкупната сума што се одвојува од буџетот за санирање на долговите.

Но, меѓу оние кои се со големо минусно салдо е и општина Карпош. Градоначалникот Стефан Богоев не успеавме да го исконтактираме за да добиеме одговор како ќе се справува со натрупаните долгови. Од неговиот кабинет ни одговорија дека вкупниот долг на општината изнесува околу 18 милиони евра, а по последните пресметки и консултации со Владата и Министерството за финансии на општината ќе и бидат доделени околу 4 милиони евра.

Оттаму тврдат и дека во изминатиот период драстично се намалени непродуктивните и трошоците за репрезентација, а е продаден и поголем дел од службените возила за обезбедување и механизација за собирање отпад.

Во насока на намалување на буџетската дупка, ги прашавме дали размислуваат да ја намалат огромната администрација која е сериозен финансиски товар за општината.

Уште на почетокот на мандатот е направена рационализација на администрација. Беа затекнати огромен број на вработени со договор за дело кои воопшто не доаѓале на работа. Договорите не им беа продолжени, токму како резултат на фактот што придонесуваа за штетата на буџетот на Карпош“, велат од кабинетот на Богоев.

Инаку целокупниот долг на општините изнесува нешто помалку од 100 милиони евра. Покрај Охрид, Тетово и Карпош големи долгови покажува и општина Куманово, а најмалку Валандово и Дојран.