Денешна дата
21/09/2017

Источна Македонија масовно на печалба во Италија

Среда наутро. На Автобуската станица во Виница врие како во кошница. Два двоспратни автобуси се полнат со работници секој ден и го започнуваат патешествието долго 2.000 километри да заработат за парче леб.

Дејан Трајанов, од Виничко, два пати годишно го минува „патот на грозјето“, како што на шега го нарекуваат овдешните мештани.

„Сега започнуваат сезонските работи во лозјата во областа Пиемонте близу Милано во Италија. Таму имам сестра и ќе одам кај неа “, вели Трајанов.

По два месеци колку што траат сезонските работи на лозјата, тој ќе се врати во родната Виница. Во септември повторно ќе замине да го обере грозјето.

iseluvaci

Секоја година во почетокот на Мај, од 3.000-5.000 сезонски работници од Кочани, Виница, Македонска Каменица и Делчево заминуваат во Италија.

За заминување под Алпите се подготвува и 36-годишниот Ристе Зашов од Кочанско, но за разлика од Дејан, тој ќе замине 400 километри северно од Пиемонте, на италијанско-швајцарската граница во околината на градот Болцано.

„Во Болцано одам 10 години по ред. Секоја сезона работам кај ист газда, таму сме македонска екипа на работници и целата берба на јаболка и сите други работи околу јаболката ја вршиме ние“, вели Зашов.

Тој додава дека во неговата група работат 9 Македонци, сите од Виничко и Кочани, како и тоа дека сите имаат бугарски пасоши.

Avtobus iseluvanja istocna makedonija (1)

Работници заминуваат на работа во Италија

На автобуската станица, Ристе покрај неговите најблиски го испраќа и неговиот 57-годишен колега Трајчо Николов, од Кочани. Тој ќе му се придружи за 3-4 дена, но за Италија ќе замине со својот „бугарски“ мерцедес.

„Работев во фабриката „Треска Борис Кидрич“ од Кочани 27 години. Фабриката се затвори и сега одам кај децата кои живеат во Италија за да заработам некоја пара и да се прехранам во текот на годината“, вели Николов. Тој додава дека за 3-4 месеци работа во Италија ќе заработи околу 2.000 евра.

Со ваква математика секоја година во Мај од Брегалничкиот регион заминуваат неколку илјади сезонски работници, но добар дел од нив веќе и останале да живеат таму.

 

Источна Македонија се испразни

Репортажата за Источна Македонија ја продолжуваме во виничкото село, Блатец, симбол на иселувањето во последните 20-тина години. На пат го среќаваме свештеникот Орце Пешов. Пријателски нé пречека пред селската црква во Блатец, иако се брзаше. Истиот ден требаше да ја изврши најнепопуларната церемонија во христијанството, односно да погребе една постара жителка на село Блатец.

„Од почетокот на годината досега во селата Блатец, Липец и Пеклани погребав 17 жители, а крстив само 3 деца“, со тажен глас констатираше дедо Орце.

Crkva vo s. Blatec

Црквата во село Блатец

Неговото разочарување за исселувањето во Блатец го дели и Стиви Николов,жител на Блатец.

„Од 600 куќи колку што има во селото, дали 10-20 куќи немаат некој иселеник или пак некој што оди и работи како сезонски работник во Италија, Словенија, Швајцарија и Германија“, вели Николов.

На ова се надоврзува и дедо Орце кој вели дека за големите христијански празници, кога се осветува вода, од 600 куќи во селото, влегува само во 200 до 300, останатите се затворени. Во тие куќи каде осветува вода, поголем дел од населението се постари луѓе, раскажува тој.

И во Основното училиште „Кочо Рацин“ од Блатец учениците се бројат на прсти. Директорот Ванчо Михајлов, наредната година очекува едвај 15-тина првооделенци.

ou koco racin selo blatec (1)

Училиштата се попразни

„Во моментов во училиштето учат околу 100 деца. Кога јас дојдов за наставник во школото во 1980 година, овде учеа над 400 деца“, вели Михајлов.

Тој вели дека од Блатец, повеќе ученици посетуваат настава во италијанските основни училишта, отколку во родното Блатец.

 

Затворањето на фабриките, стави клуч и на многу домови во Блатец

На сред село пусто. Нема некоја раздвиженост. Среќаваме еден препродавач на земјоделски производи, кој со комбе од Кочани превезува 2-3 постари жители, неколку деца, а превезува и зеленчук. Еден од патниците е и Винко Миленов, еден од последните воденичари во Македонија. Тој работел во кочански „Руен“, некогашен гигант за производство на автомобилски делови, кој имал и свој погон во Блатец.

Се затвори Руен и јас останав дома. Немав работа и морав да заминам на работа во една фирма во Виница. Во приватна фирма ми работи и сопругата. Живуркаме некако“, натажено ни раскажува Миленов. Вели дека безизлезноста и затворањето на фирмите во Блатец ги принудиле неговите синови да заминат во Скопје и во Германија како инженери.

Како и синовите на Винко, излез во странство гледа и младиот Мики кој штотуку го завршил средното образование. Вели дека ќе извади бугарски пасош и ќе оди во странство бидејќи тука нема што да работи.

ou koco racin selo blatec (2)

Директорот на Основното училиште во Блатец, Михајлов вели дека некогаш во ова место се живеело многу добро. Имало земјоделска задруга, Шумско стопанство, пилана, погон на „Руен“ и уште неколку мали капацитети кои ја вработувале машката работна сила. Тој проценува дека доколку сега се отворат повеќе работни места, дел од младите ќе се вратат од странство.

Го напуштаме Блатец со надеж дека оваа желба на директорот Михајлов можеби еден ден ќе стане стварност. Но, се додека реки од работници заминуваат во еден правец-кон Италија, од ден на ден остануваат се помали надежи дека може да се очекуваат посветли денови на македонскиот исток.

Оставете коментар

Коментар(и)

lefkov@inbox7.mk