Денешна дата
14/07/2020

Горките пилули

Пишува: Александар Кржаловски

 

Не, овој текст нема да се занимава со бегството на екс-премиерот. Еуфоријата и јавниот изблик на гнев од тој чин, како и за секое чудо, така и за ова – ако не за три дена, почнува да спласнува по десетина дена и полека се враќаме на другите важни теми кои не преокупираа пред тоа бегство, а секако не избегаа и уште помалку се решија самите од себе, туку напротив – остануваат на дневниот ред (агендата).

Пред се, тука мислам на постапката за измена на Уставот. По изгласувањето на предложените измени во двете надлежни комисии во Собранието, во очекување сме на јавната расправа (која можеби и заврши, без расправа, додека се занимававме со бегството), а потоа и на пленарната седница на Собранието за усвојување на Нацрт-амандманите. Со оглед на потребното мнозинство од 61 глас во оваа фаза, нема сомнение дека владејачките партии ќе ја поминат оваа фаза, а потоа претстои последниот и главниот дел од расправата пред второто (и конечно) гласање на Предлог-амандманите до крајот на декември или поверојатно, во јануари.

За тоа ќе треба повторно (како и на 19 октомври) двотретинско мнозинство, односно 80 гласа „за“ секој од предложените амандмани. Со оглед на првото вакво гласање и обезбедените 80 гласа, навидум е за очекување дека така ќе биде и вториот пат, односно дека осумте пратеници од опозицијата и овој пат ќе гласаат истоветно. За очекување е и дека и некои други пратеници ќе се приклонат кон мнозинството, па не би требало да биде толкав проблем да се обезбеди потребното мнозинство, како што беше првиот пат.

 

Но, начинот на кој се стигна до 80 пратеници доцна вечерта на 19 октомври, по одлагањето на почетокот на седницата три пати (требаше да се одржи во 11, 15 или во 21 часот), како и условите кои 8-те опозициски пратеници ги обзнанија по гласањето, отворија дилеми во јавноста дали се работи за гласање по сопствено убедување или некаков нивни договор со власта. И самото нивно повикување на „подадената рака на Премиерот за помирување“, во настапот во Собранието неколку дена порано, предизвика различни толкувања и расправи кој што подразбира со тоа – дали помирување или помилување. Зборот амнестија тогаш се избегнуваше и брзо се демантираше дека станува збор за било каква амнестија под повикот за помирување, но гледаме деновиве дека не само што се користи, туку и активно се расправата за тоа и станува релативно неспорно дека некаква амнестија ќе има, а се прават разни градации или категории (дали само за случајот „27 април“ или и пошироко; дали само за тие што влегле во Собрание, но не направиле никакво насилство или за сите учесници во настаните тој ден; итн.). Бегството на Груевски само „долеа масло на огнот“, со инстант-теории (на заговор) дека и тоа е дел од договорот за 8-те гласови во Собранието.

 

Опозициската партија обвинува за обид за селективна правда (со алузија договор – амнестија во замена за гласови, само за тие пратеници што гласале „за“ Преспанскиот договор) и бара целосна амнестија. Од друга страна, поддржувачите на владејачката СДСМ, особено учесниците во „шарената револуција“ во која битно место имаше паролата „нема правда, нема мир“, одбиваат да прифатат секаква помисла за било каква амнестија. Тие сметаат дека постапката за уставни промени не смее да биде по цена на „изигрување или избегнување на правдата“, односно овозможување да се ослободат од судско гонење сите оние кои учествуваа во настаните од 27 април 2017 година и утврдување на нивната вина во тоа (а секако и изрекување соодветни казни потоа). Уште повеќе, некои од нив сметаат дека не може да се оди во ЕУ и НАТО со прекршување на принципите на владеење на правото и на правдата.

Нејсе, оваа аргументација ме потсети на летните расправи за Договорот од Преспа и особено референдумската кампања. Само, тогаш истиве овие аргументи ги користеа тие што беа против Преспанскиот договор.

Имено, покрај патриотско//националистичките причини (во смисла „името не го даваме“) или партиската лојалност (со тек на времето, меѓу потпишувањето и референдумот, имаше видлива хомогенизација по партиска линија, односно приклонување кон ставот на партијата и во двата табори, условно речено „за“ и „против“ договорот), имаше и аргументи кои спореа дека содржината на Преспанскиот договор не е во согласност (а можеби е и во спротивност, односно ги прекршува) некои од фундаменталните Европски вредности. На пример, владеењето на правото – договорот од Преспа не ги зема предвид (иако се повикува на нив), а во некои делови е и во спротивност со претходниот договор со Грција (од 1995), пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, како и самата Повелба на Обединетите Нации. Понатаму, правдата – не е праведен, од веќе споменатото непочитување на донесени пресуди, до асиметричноста (одредби на кои се обврзува Македонија, не важат и за Грција). За непочитување на правото на самоопределување веќе секому е јасно, иако, интересно – грчката Влада „се брани“ токму со тој принцип, според кој не можела да ни забрани да го користиме името на јазикот (па затоа „попуштила“ на таа точка), ама ете – можела да ни го ускрати правото на името на државата според истиот тој принцип. Конечно, целиот овој случај, а и самиот договор, може да се класифицира како класичен пример на дискриминација, за што верувам ќе се сложат и врвните авторитети на тоа поле кај нас – според Европската дефиниција за дискриминација, на Македонија и е ускратено правото на асоцијација/здружување (во случајов – пристапување во членство кон ЕУ и НАТО), не заради постигнувањата (Европската комисија девет пати препорача почеток на преговорите – значи сме ги исполниле критериумите за тоа), туку заради некоја лична (во случајов групна/национална) карактеристика (името на државата/нацијата/мнозинската етничка заедница). И јас се согласувам дека ова се многу валидни (и Европски) аргументи против договорот.

 

Во тој период често се слушаше фразата дека Преспанскиот договор е „горка пилула“ што мораме да ја голтнеме, за да ги постигнеме стратешките цели за членство во ЕУ и НАТО. Односно, тие што ја употребуваа (вклучително и повремено самите директни учесници во преговорите) сметаа дека Договорот не е најповолен, дека е далеку од идеален, но дека не можело да се постигне подобар во овој момент од историјата и дека мора да се прифати за да се оди понатаму. И тука мислам дека беше главното прекршување кај секој од нас индивидуално при изјаснувањето на референдумот – дали да се голтне горката пилула за да „оздравиме“ како општество и се приклучиме кон западноевропските алијанси или да се бара друго чаре или „иљач“. Јас лично, излегов на гласање (зошто сметам дека и тоа е една од Европските вредности – лично да се учествува во изборите и со тоа во носењето на одлуките), но сметав дека е премногу горка пилулата за да гласам „за“, или со други зборови не ми беше прифатливо да „одиме кон ЕУ, на не-Европски начин“.

 

Некој месец подоцна, интересно, се чини дека во слична ситуација се наоѓа голем дел од луѓето кои на 30 септември решија да излезат и да гласаат „за Европска Македонија“. Сега се соочени со истата дилема, дали ако цената за изгласување на Договорот во Собранието е амнестија (за било што – од учество во толпата на 27 април, преку „криминалите на режимот“, до фамозното отворање на вратите од Собранието – односно дали пратениците кои ги отворија портите на Собранието на 27 април, ќе бидат помилувани/амнестирани, за да ги отворат портите на Европа со своето гласање). И дали тоа ќе е прифатливо за нив, или ќе е премногу горка пилула за голтање. Јавните настапи во голема мерка (ако не и целосно) се на страната на неприфаќање на таков „дил“. И јасно, бидејќи со таков чин би се погазил принципот на владеење на правото… или исто како и погоре – ќе се оди кон ЕУ со прекршување на Европски вредности. Можам да ги разберам и нив, па и за мене е неприфатливо такво решение.

 

Но, кога веќе се продолжи со уставните измени и покрај резултатот од референдумот, се чини дека Владата е одлучна да го исполни својот делот од обврските и да направи се што е потребно, тие измени да бидат и изгласани во Собранието, па макар тоа да значи и некаква амнестија за некого (особено за дел од тие осум пратеници од опозицијата кои веќе гласаа „за“). А можеби е тоа и добро – кога веќе се голтна горката пилула по референдумот, треба да се голтне и оваа – за истата цел, да конечно станеме дел од ЕУ и НАТО (малициозните би рекле „ако не сте за амнестија, значи не сте за ЕУ и НАТО). Впрочем, формираната Комисија за помирување веќе работи на тоа и најавен е некаков предлог во таа смисла кон средината на декември. Брзо ќе дојде, па ќе видиме.

 

Можеби сето ова ќе е за арно. Јас не сум многу уверен во исправноста на постапките (и при склучувањето на договорот и референдумот, како и сега за евентуална амнестија), но можеби навистина ќе води кон некакво помирување – како што со Договорот тоа би требало да не „помири“ нас со Грција, така со евентуално „простување“ (за 27 април или и повеќе од тоа) ќе се помират раскараните партиски (и не само партиски) табори во земјата. Или што би рекла канцеларката Меркел „добро е кога и двете страни се подеднакво незадоволни“, односно кога и едните и другите ќе ги голтнат своите горки пилули!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.