Денешна дата
11/12/2018

ГРУЕВСКИ ГИ МАТИ ОДНОСИТЕ НА МАКЕДОНИЈА СО УНГАРИЈА

  • Информациите дека бегството и азилот на Никола Груевски се целосно организирани од страна на унгарските власти го поставува прашањето дали по ваквиот исход е можно сериозно нарушување на односите меѓу Македонија и Унгарија.
  • Поранешниот амбасадор Огнен Малески вели дека сега Унгарија е исправена пред сериозен проблем, како да го образложи својот потег.
  • Унгарија која е членка на Европската унија и НАТО досега изразувала силна поддршка за членство на Македонија во северноатланската алијанса и интеграција во ЕУ.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Протестната нота што Македонија и ја упати на Унгарија не го предомислија премиерот Виктор Орбан да му даде засолниште во својата земја на екс премиерот Никола Груевски, за кој веќе има една правосилна пресуда и за кого се водат уште четири судски процеси.

Канцеларијата за имиграции и азил експресно ја донела одлуката за барањето на Груевски за политички азил во Унгарија. Ако се има предвид дека процедурата за азил трае од 15 до 60 дена се претпоставува дека таа е поднесена уште пред Груевски да избега од Македонија.

 

ГРУЕВСКИ ПОВТОРНО СЕ ЈАВИ НА ФЕЈСБУК

 

Информацијата лично ја потврди и самиот Груевски. Овој пат во пообемен напис во однос на претходниот, во кој напиша дека му е одобрено барањето за азил од унгарските власти

 

 

МАЛЕСКИ: СЕГА УНГАРИЈА Е ПРЕД СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ

 

Информациите дека бегството и азилот на Никола Груевски се целосно организирани од страна на унгарските власти го поставува прашањето дали по ваквиот исход е можно сериозно нарушување на односите меѓу Македонија и Унгарија.

Поранешниот амбасадор Огнен Малески вели дека сега Унгарија е исправена пред сериозен проблем, како да го образложи својот потег за доделување азил на Груевски. Но, исто така додава дека Македонија мора одмерено да ги презема следните чекори во натамошните реакции кон Унгарија.

Македонскиот политички врв сега треба да донесе одлуки кои ќе и бидат натамошните чекори, но морам да напоменам дека некој голем маневарски простор нема. Еве упативме демарш преку унгарскиот амбасадор кое беше на дипломатско ниво и со дозирана реакција дека бараме почитување на меѓународните норми и стандарди. Така треба да се продолжи, а паралелно да се води истрагата кој го организирал бегството на Груевски па во некоја иднина има меѓународни судови и би можеле да се разгледаат опции дали некаде ќе се тужи. Но мора да се напомене дека Унгарија сега има сериозен проблем како да го оправда ваквиот потег со давањето азил“, вели Малески.

Одлуката ќе фрли голема дамка на односите на двете држави посочува натаму Малески, но воедно укажува дека сепак ние сме пријателски земји кои соработуваат на билатерално ниво, заедно членуваме во регионални организации и сојузи и мораме дозирано да реагираме.

Дали Груевски ќе ги помати односите меѓу Скопје и Будимпешта до степен Унгарија да стане една нова „Грција“ во евроатлантските процеси на Македонија?

Унгарија која е членка на Европската унија и НАТО досега изразувала силна поддршка за членство на Македонија во северноатланската алијанса и интеграција во ЕУ. Па оттука, како што посочува и екс амбасадорот не треба да се очекува дека поради ова би се заостриле односите до степен Будимпешта во иднина да го промени ставот и да стане уште една пречка на патот на Македонија за прием во НАТО и почеток на преговорите со Европската Унија.

„На некој начин ќе стои како дамка сето ова, но не очекувам да има проблем на билатерален план, но сигурно ќе има одредени ефекти во ЕУ и НАТО но не врз нас туку врз Унгарија. Добро е што дозирано реагираме и бараме почитување на меѓународните норми и стандарди, бидејќи нема никаква потреба од преземање некакви драстични чекори од типот на повлекување амбасадори и дури прекинување на односите“, вели Малески.

 

КОЈ ИЗБЕГАЛ ОД ЛИЦЕТО НА ПРАВДАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ТЕШКО СЕ ВРАЌА

 

Иако премиерот Зоран Заев неодамна рече дека тој е сигурен дека Груевски ќе биде вратен во Македонија, сега веќе малку надеж има дека екс премиерот би можел да биде екстрадиран за да ја одлежи затворската казна, но и да се соочи со другите случаи што се водат против него. Досегашното искуство со избегани македонски политичари и функционери од правдата во Македонија покажува дека ретко кој бил вратен во земјава. Откако им беше изречена мерка притвор, Горан Грујовски и Никола Бошковски обвинети во предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“ избегаа во Грција.

Иако македонското власти бараа нивно екстрадирање, грчките власти го одбија барањето по што и двајцата се на слобода кај јужниот сосед. Во Бугарија долго време се криеше и поранешниот министер за здравство Владо Димов и тоа благодарение на двојното државјанство, македонско и бугарско, но откако беа повлечени сите обвиненија тој се врати во земјава. Таму се уште е поранешниот стечаен управник Владимир Тамбурковски, кој исто како и Димов има и бугарско државјанство. И поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски се уште е во Србија и скоро 20 години ја избегнува екстрадицијата. И Даравелски е со двојно, македонско и српско државјанство.

Двајцата првообвинети во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исмаиловиќ осудени за петкратното убиство кај Смилковско Езеро се уште се кријат на Косово и покрај меѓународните потерници.

Во Србија се криеше и новинарот Зоран Божиновски обвинет во случајот „Шпион“, но тој и беше испорачан на Македонија. Во Бугарија беше фатен и екстрадиран Зоран Даневски поранешен директор на Дирекцијата за ветеринарна управа кој заедно со својот брат, екс градоначалникот на Свети Николе Слободан Даневски беа осудени за финансиски малверзации со Агрокомбинатот „Џумајлија“.