Денешна дата
14/07/2020

„Државата“ и „народот“ на „мајката“ партија

Пишува: Бардуљ Заими

 

Со многу малку незабележителни промени, политичката и јавната сцена во Македонија останува „окупирана“ од истите „здодевни“ лица. Дури и новите лица кои се вклучени во политиката, повеќе служеа за да им се даде „сјај“ на партиските фасади отколку за да се донесе навистина нов дух и нова логика во јавниот живот.

Во Македонија, со време е создадена логиката партија – држава и партија – народ. Партијата си има своја држава и свој народ. Партијата си има своја клиентела која ја храни постојано со материјални добра од даноците на сите граѓани. „Мајката“ партија одлучува за сè, а нејзините „филтри“ не одат подалеку од „партиски милитанти“ кои се мотаат наоколу правејќи ги изборните математики за гласовите на следните избори.

Институцијата за натпреварување и понатаму останува фасада, а не механизам кој може да ги одбере најстручните за една дадена работа. Еден албански поет напиша „кај нас на човекот му наоѓаат работа, а не за работата човек“. Ова е логиката на „мајката“ партија на власт, која секогаш се грижи да ги среди своите послушници, оние кои во најголем број случаи немаат никаков друг квалитет освен што знаат да лепат партиски плакати за време на избори.

И, за да биде сè „транспарентно“, се објавуваат конкурси и се запазуваат законските рокови. Но, како што веќе е јавно познато, секогаш списокот на конкуренти „се пегла“ од страна на некој локален шериф на партиите на власт, кои се грижат да не го „нарушат“ редот на нивниот партиски список. Еден млад кој сака да се вработи, било да е и на конкурс, мора да помине низ „вратите“ на разграноците на „шерифите“, без оглед на резултатите кои може да ги покаже во текот на конкурсот. Професионализмот останува последното нешто што може да се види за време на вработувањата.

Политичката моќ на владејачките партии ја одредува судбината на едно вработување, иако се труби за критериуми на вредности. Било нормалните вработувања, било вработувањата на „правична застапеност“ поминуваат низ „рајот“ ” на партиски избор. Парадоксално, едно семејство може да има 3-4 вработени, а друго кое нема наметнат политички статус може да виси со години за едно заслужено работно место на еден свој член.

Дури и на раководните позиции, повторливите јавни лица се неизбежни. На директорски позиции и на позиции на членови на управните одбори на јавните институции, секогаш се на список првите имиња кои што гравитирале неколку пати на раководни позиции.

Една невладина организација деновиве соопшти дека раководниот персонал во јавните и државните институции во најголем број случаи се назначува на нетранспарентен начин и со порака од партијата на власт. Резултатите од ова истражување се шокантни. Назначувањата се случуваат без никакви критериуми, а партиите на власт си продолжуваат по стариот терк на избори со порака и партиски заслуги. Претставниците на граѓанското општество побараа промена на законот за назначување (именување), со цел да може да дојде до израз професионализмот.

Рускиот писател Ф. Достоевски, вели дека „нема пофантастично нешто од реалноста“. Токму оваа „фантастична“ партиска реалност овозможи да имаме неуспешни институциите, кои не го познаваат критериумот на вредност, професионален интегритет и човечко достоинство. Карл Попер истакна дека институциите ги обликуваат луѓето со своите вредности, со сета рамка на способности и енергија што ја поседуваат за да бидат во функција на луѓето.

Се чини дека ние сме многу далеку од оваа логика и во време кога јавниот дискурс останува окупиран од европските „принципи“. Истражувањата на невладините организации, секако го изнесуваат на површина она што секогаш се зборува меѓу луѓето како логика на институционално функционирање. „Мајката“ партија се чини не го напушта лесно „престолот“ за да ги качи на раководните позиции во државните и јавните институции луѓето кои имаат квалитети. Инаку, изборите секогаш би биле непредвидливи, затоа што во Македонија се мисли само на избори!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.