Денешна дата
11/12/2018

Многу мерки, малку резултати: уште една сезона на задушување

  • Жителите на Скопје подолго време слушаат исти ветувања, но секоја зима се соочуваат со истото разочарување.
  • Од Градот Скопје велат дека во септември и октомври годинава се изречени 269 мандатни казни за загадувачите, што е двојно повеќе од истиот период лани.
  • Граѓаните се жалат дека нема еколошки јавен транспорт, а здруженијата ги потсетуваат властите за ностварените ветувања.

 

Пишува: Теодора Цветковска

 

Максималните дозволени концентрации на честичките ПМ10 во амбиенталниот воздух во Скопје постојано се надминати во последните две месеци. Статистиките на страницата на Министерство за животна средина покажуваат дека овој месец скоро и да нема ден кога не биле надминати овие гранични вредности. Во неколку општини во метрополата канцерогените честички се искачија дури до 200 мг на метар кубен, што е четири пати повеќе од дозволената граница.

Години наназад Скопје се соочува со овој проблем и истиот проблем се актуелизира со почетокот на ноември, кога загадувањето почнува да станува сериозен проблем за секојдневниот живот.

Жителите на Скопје подолго време слушаат исти ветувања, но секоја зима се соочуваат со истото разочарување. Преку социјалните мрежи секојдневно објавуваат фотографии на кој јасно се гледа појавата на густи облаци. Во своите објави тие пишуваат дека се загрижени што и оваа година нашата држава котира на високото петто место на најзагадени држави во светот.

 

РАСТЕ БРОЈОТ НА КАЗНИ, НО НЕ И СВЕСТА

 

Од Град Скопје велат дека ги следат сите индустриски инсталации кои имаат добиено од Градот Б интегрирана дозвола или усогласен елаборат за заштита на животната средина.

„Овој период посетени се сите капацитети кои работат со Б Интегрирана дозвола, а инспекциските служби работат во две смени. Засилените активности и контроли на Инспекторатот на град Скопје резултираа со драстично зголемување на бројот на мандатни казни, како и со превентивно делување со укажувања на граѓаните како се депонира комуналниот отпад и каде отпадот како градежен шут, кабаст отпад треба да биде однесен и депониран“, стои во писмениот одговор кој го доби нашата редакција.

Според официјалните податоци, Градот Скопје во септември и октомври годинава има изречени се 269 мандатни казни. Дел од нив се пратени на извршител за наплата, а најголемиот дел е во вид на извршување на општокорисна работа. Исто така се изречени и 200 превентивни опомени за физички и правните лица. Градските власти велат дека ова е зголемување на изречени казни за 100 проценти во однос на овие месеци лани.

 

НИКАКО ДО ПОЕКОЛОШКИ ЈАВЕН ТРАНСПОРТ

 

Компанијата „Челиот моторс“  на Град Скопје во април месец годинава, му додели електричен автобус на пробно користење од 6 месеци.

Градоначалникот Петре Шилегов рече дека со овој пилот-проект ќе можат граѓаните, но и Градот да видат како функционираат овие автобуси и дека сè уште во Градот не е одлучено какви еколошки возила ќе се купуваат.

Како што кажаа претставниците на компанијата, за еден ден возење низ Скопје електричниот автобус ќе прави трошок за електрична енергија од 21 евра, што е многу помалку отколку трошоците за дизел гориво на двокатните автобуси кои се 121 евро за еден ден. Еден електричен автобус кој го произведува компанијата чини околу 500.000 евра.

Ваквиот пилот проект не продолжи со набавка на нови електрични автобуси, туку се што добија граѓаните се автобуси кои се стари и дотрајани, бидејќи во најголем број двокатните повеќе не се во функција.

И во однос на користење на велосипедите нема некаков напредок. Снежана Домазетовска од Здружението „На Точак“ за Инбокс7 изјави дека нема проширување на мрежите кои работат за подигање на свеста на граѓаните за користење на велосипед како превозно средство.

Од Градот Скопје велат дека работат на подобрување или изградба на нова инфраструктура за велосипеди.

„Промоцијата на велосипедизмот е друга сфера во која Градот работи, преку подобрување на условите и изградба на нова вело инфраструктура. Ги  стимулираме граѓаните да набават нови велосипеди, при што само во 2018 година Град Скопје додели 3.119 субвенции за ова намена. Градот Скопје за првпат распиша јавен повик за субвенции за набавка на електрични тортинети, каде ние ќе субвенционираме 50 посто од цената на тротинетот, но не повеќе од 10.000 денари“,  велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

 

 

ЗДРУЖЕНИЈАТА АКТИВНИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО

 

Ели Пешева од Здружението „Коалиција за чист воздух“, во разговор со Инбокс7, вели дека очигледно ветувањата не се остварени. Според неа, вината не треба да се бара само кај градоначалникот, туку и во останатите институции, пред се на Министерството за животна средина и просторно планирање, Државен инспекторат и општинските служби.

„Дозволија да мине цела година со тоа што есента и зимата повторно не фатија неспремни. Многу мал дел од ветувањата и активностите се почнати, повеќето не се ни на стартот. Имаме и влошување на состојбата, посебно во сегментот на Водно, кое наместо да биде заштитето, ќе биде уништено, наместо да имаме намален сообраќај се прават планови за нови сообраќајници со кои ќе се олеснува сообраќајот кон/од центар“, вели Пешева.

Таа смета дека решавањето на овој проблем ќе биде исклучително тешко.

„Со години имаме инертно однесување кое доведе до влошување на ситуацијата и денес наместо да имаме јасно дефинирани мерки за решавање на проблемот на терен веднаш, ние допрва имаме организирање на конференции, анализи и приказни за научни методи и пристапи“,  вели Пешева.

Здруженијата и активистите велат дека за да се обезбеди ефикасна заштита на здравјето и животната средина е потребно итно координирање на инспекциите за животна средина. Особено е алармантна состојбата во Скопје каде, според нив, дејствуваат дури три нивоа на инспекторати (државен, градски и општински), а исходот е незадоволителен.