Денешна дата
14/07/2020

Aко избори има утре ќе победи никој

По којзнае кој пат општеството го заплиснуваат настани во кои, како по правило, жртвата се граѓаните и нивните надежи за слобода за правда за еднаквост

Пишува: Зоран Иванов

 

Додека нашите преведуваат, бегалецот си се вдоми во Централна Европа. Во срцето на Европската Унија. Таму, наместо загадените Вардар и Скопје, сега во дворот му се Дунав и Будимпешта, В’лтава и Прага, Сена и Париз.

Излегува дека Груевски испадна најголемиот македонски, балкански и европски фраер. По десет годишна диктатура и според општиот впечаток во најшироката јавност и со дебел грст евра народни пари, дечкото, онака по маалски, на сите ни удри по жешка заушка. На Заев, на СДСМ, на Шарените, на СЈО и судот, на Брисел и Вашингтон, на правото и правдата, на демократијата и особено на граѓаните и на нивната борба против неговиот режим. Им го стори тоа на оние кои му веруваа, кои го подржуваа и кои вени сечеа за него, како и на оние кои му даваа отпори и кои протестираа против неговото себично и грамзливо владеење.

Секако, веќе искуствено, кој последен се смее… Но сега, парахеројот на тоа негово криминално време ликува од главниот унгарски град. Пишува писма, испраќа пораки, дели лекции, соли памет. Брисел засега невообичаено воздржан. Ја пушта власта посрамотена и понижена да си се снаоѓа во сопственото не снаоѓање. Со молкот оттаму практично ѝ испраќа порака дека за бегствата на Груевски во Унгарија и на Бошковски и Грујовски во Грција, во земји членки на Унијата и на НАТО, таа самата си е поприлично виновна.

Со случајот со Груевски Македонија е на правна и дипломатска крстосница. Владата е на испит да се извлече од незгодните прашања за тоа како осуденикот од посебен маштап и кидна пред нос. И како тоа власта која се устоличи со клучната помош на граѓанскиот активизам ќе се отчита пред своите избирачи за бегството, но и за евентуалните амнестии на обвинетите од тимот на азилантот за децениските местенки, за тендерите, за авансите, за изборните кражби, за коруптивните партиски финансирања и за нејзините бројни хировити агресивни постапки. Како ќе ја оттргне недвојбената констатација на јавноста дека земјава се уште нема ниту „п“ од право, ниту „п“ од правда, ниту „П“ од Прибе и ниту „и“ од институции.

Продолжува практиката реформите во правниот систем да се одвиваат според принципот тргни застани. Доминантен е впечатокот дека правните одлуки наместо во институциите се уште се готват во партиските штабови. Не е напуштена и инертноста во однос на реформските обврски што европските вредносни стандарди ги пролонгира до недостижност. Па, сакала, не сакала, со таквите активности власта практично ги погребува очекувањата на граѓаните од времето на шарената револуција. Ги поништува надежите за доминација на правото, правдата, еднаквоста и за колку толку спастрена држава.

Таа тоа го прави и со обидите за релативизирање на криминалите на претходните властодршци, со сигналите во насока на ублажување на квалификациите во обвиненијата, со очигледното оркестрирано медиумско менаџирање на широко отворените ТВ студија за обвинетите и со нивните синхронизирани јавни настапи. Во таа насока се и најавите за делумни или за целосни амнестии со вградени примеси на политички калкулации.

Партиската држава повторно се надвиснува врз правната. Со апсењето на поранешниот шеф на управата за безбедност Мијалков, колку толку, се подиздиши напливот од незадоволство по веста за добиениот унгарски азил за неговиот прв братучед. Природно, исто како и за тенките образложенија за брзото и со мирис на одмазднички примеси притворање на Јанакиевски и Божиновски, власта повлече потези за замаглување на сопствените пропусти со случајот на кидавелата на најпопуларниот македонски осуденик.

А кој тоа стои зад параваните и ги влече конците, кои се сценаристите и режисерите на актуелниот македонски политички серијал, сега дури и не мора да е најјасно ако мотивите за компромисите се целите кои водат кон интеграциски напредок на земјата. Засега, каков и да е контекстот на овие случувања, е охрабрувачки што во отсуство на реални објаснувања за актуелните македонски филмски настани, по повеќе од цела декада конечно позабрзано и повидливо се распаѓа еден систем на владеење инсталиран според севернокорејски модел. Се разградува едно уредување тоталитарно, непотистичко, антиинтеграциско. Се урива еден модел на владеење чии основни полуги беа партизам, непотизам, клиентелизам, уцени, корупција.

Иако засега во врска со азилот на експремиерот е уште молчелив, Брисел нема да ја остави Македонија на цедило. Искуството на соработката со Унијата и со Алијансата покажуваат дека навидум инертната европска па и НАТО дипломатија се габаритни, тромави. Се покренуваат бавно, а кога ќе тргнат тие мелат со тежината на своите востановени демократски правни стандарди. Дали така ќе биде и со враќањето дома на нашиот брегалец, ќе се знае во блиско време. Но притоа, македонските авторитети ќе треба дополнително добро да се испотат и да ја уверат европската централа дека покрај сите свои пропусти и дилетантски гафови, интензивно работат на хармонизирање на македонското општество, на разградување на партиско државните полуги и на втемелување релевантен институционален правен поредок.

Сега, со штитот или на него, е предизвикот за власта. Таа ќе мора бргу да почне да ги дава одговорите и конечно да соопшти кога граѓаните посилно ќе ги почувствуваат ветените системски промени. Кога ќе го стартува бројчаникот што го монтираше на груевата триумфална капија. Како во вакви околности ќе го дореализира преспанскиот договор. И како со веќе значително нарушената доверба ќе ја унапредува земјата економски, социјално, правно.

По којзнае кој пат општеството е втурнато во околности во кои, како по правило, жртвата се граѓаните и нивните надежи за слобода, за правда, за еднаквост. Затоа очекувањата, со опипливи резултати да се испорачаат многу бргу додека целосно не спласнале, сите ентузијазми и сите верби за држава која обезбедува подобра и поправедна сегашност. Да се случи тоа додека се уште не исчезнале сите оптимизми родени во граѓанските битки за уривање на еднодеценискиот партиски режим. И додека целосно не зацарувале разочарувањата, апатијата, негативните реакции.

А тие, од ден на ден стануваат по гласни и по негативни спрема сите политчки партии и нивните водства.

Па, судејќи по се`, ако избори има утре, ќе победи – никој.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.