Денешна дата
11/12/2018

Држава без антикорупциска – рај за политичарите

  • Драган Малиновски, поранешен член на ДКСК, вели дека не можеме да очекуваме позитивни коментари во извештајот што следи од Европската комисија.
  • „Поранешната Антикорупциска не функционираше, но сега воопшто немаме“, вели бившиот антикорупционер Ариф Муса.
  • „Требаше веднаш да се постапи и по стариот Закон да се назначат членови“, потенцира Слаѓана Тасева.
  • Освен Антикорупциска, „осакатена“ е и КОМПСИ – од месец мај нема кој да одлучува за предметите бидејќи во моментов Комисијата, покрај претседателот, има само еден член.

 

Пишува: Бјанка Станковиќ

 

Веќе девет месеци не функционира една од најважните институции за борба против корупцијата во Македонија –  Државната комисија за спречување на корупција. Пет членови во март годинава си поднесоа оставки по информацијата за нивните патни трошоци што ја обелодени порталот „Сакам да кажам“. Сега во Комисијата има само двајца антикорупционери, Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски. За нив, оваа информација не влијаеше тие да ја напуштат Антикорупциската комисија.

 

СОБРАНИЕТО НА ПОТЕГ

 

Премиерот Зоран Заев во неодамнешно интервју на Алсат-М изјави дека Владата го усвоила новиот Закон за Антикорупциска комисија, тој е предаден во Собранието и во тек е постапката на негово донесување.

„ Владата покажува желба тоа да се заврши и ќе се заврши во најбрз можен период. Штом Парламентот го донесе Законот, веднаш ќе бидат избрани членови и ќе биде оформена комисија со една нова легислатива која што е во комплетна координација со Венецијанска комисија, со Европска делегација, а вградени се и сите слабости што сме ги воочиле од порано.“, потенцира премиерот.

На прашањето до каде е постапката за донесување на новиот закон за антикорупциска комисија, од Собранието велат: „Во прво читање е на Собрание, на политички систем помина првото читање, а на законодавна правна комисија е во понеделник“.

 

„НА ВЛАСТА ѝ ОДГОВАРА ДА НЕМА АНТИКОРУПЦИСКА“

 

Експертите велат дека државата ме смее да си дозволи долг период без функционално тело кое ќе се бори против корупцијата. Иако навидум постои начин како да се реши ситуацијата, се чини дека веќе неколку месеци се занемарува неопходноста на ова тело во државата.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл“ вели дека постоело опција да се назначат членови се со цел да не се затвори институцијата. Според неа, Комисијата формално не може да работи ако нема доволно членови, а воедно, сите одлуки се носат од мнозинството членови. Тасева потенцира дека во ниеден случај не смеело да се дозволи ДКСК да остане празна, односно без членови.

„Требаше веднаш да се постапи и по стариот Закон да се назначат членови, па потоа да се работи на нов и да чекаме избирање на нови членови на Комисијата според новиот Закон“, изјави Тасева.

Ариф Муса, поранешен член на Државната Комисија за спречување корупција, вели дека непостоењето и нефункционирањето на оваа институција е голема штета за државата и огромен пропуст на оваа влада. Со ист став како Тасева, Муса смета дека власта не гледа потреба од постоењето на ова тело.

„Поранешната Антикорупциска не функционираше, но сега воопшто немаме. Всушност, на власта и одговара да не постои оваа институција. Продолжува истата шема од како и со старата, така и со новата власт, што помалку контрола – тоа подобро. Разликата помеѓу нив, е што е направен некој исчекор во однос на Договорот со Грција“, објаснува Муса.

Тој додава дека власта не може постојано да се потпира на Договорот со Грција, како изговор за бавното спроведување на останатите реформи во државата.

„Оваа власт можеби мисли дека ќе го тргне вниманието на јавноста со уставните промени поврзани со Договорот со Грција, но тоа е само еден сегмент. Другите органите во државата треба да функционираат настрана од ова, бидејќи не зависат од самиот Договор, пример државната администрација. Односно, треба да имаме контролни органи, особено Антикорупциска комисија, Државен завод за ревизија, Обвинителства, кои ќе функционираат онака како што треба“, додава поранешниот антикорупционер.

 

И ВЕБ-СТРАНАТА НА ДКСК „ХИБЕРНИРА“ ПОДОЛГО ВРЕМЕ

Последниот објава на веб-страната на Државната комисија за спречување корупција е објавата по повод донесената Одлука за распишување на референдум. Оттаму известуваат дека „Комисијата нема законски основ да постапува и одлучува по доставени барања и пријави од различни субјекти поврзани со процесот на одржување на референдумот.“

Претходно следат неколку објави поврзани со мисија за систем за спречување на судир на интереси, известување за завршен настан, обука, панел дискусија. Известувањето за јавноста од 29 март годинава е десет дена подоцна откако Собранието ја донесе одлуката за разрешување на членовите на ДКСК. Тие во известувањето велат дека комисијата нема да има можност да решава и одлучува по однос на доставените барања и пријави од странките, но Секретаријатот како стручна служба ќе постапува и ќе ги врши административните и техничките работи на ДКСК.

 

СЕ ИЧЕКУВААТ КРИТИКИ ОД БРИСЕЛ

Во март идната година се очекува извештајот од  Европската комисија (ЕК) за напредокот на Република Македонија во однос на реформите кои треба да ги спроведе, доколку сака да ги отпочне преговорите за влез во Европска унија (ЕУ).

 

Драган Малиновски, поранешен член на ДКСК во периодот од 2002 до 2007 година, вели дека не можеме да очекуваме позитивни коментари во извештајот што следи од Европската комисија.

„Во секој случај пофалби нема да добиеме, а ниту можеме да очекуваме. Сепак зборуваме за Република Македонија, која бездруго е лошо рангирана во врска со прашањето за корупцијата, уште да немате функционална комисија, навистина не е за пофалба“, изјави Малиновски.

Слаѓана Тасева вели дека иако сѐ уште е рано да се зборува за извештајот на ЕК, но смета дека многу поенти ќе бидат разочарувачки.

„Се надевам на реален и објективен извештај од Европската комисија. Патем, има многу прашања кои висат и кои чекаат, почнувајќи од судството и обвинителството, како и непостапувањето воопшто во борбата против корупцијата. Власта има многу работа до месец март, ако сакаме да добиеме барем малку позитивен извештај кој ќе ни обезбеди почнување на преговорите.“ – додава таа.

Доколку Собранието не го изгласа новиот закон за Антикорупциска за брзо време, тоа ќе значи зимски сон за Комисијата со нејзините двајца членови и Секретаријатот. Оваа ситуација ќе ја стави државата во ризик на продлабочување на корупцијата. Во меѓувреме, борбата преостанува во рацете на новинарите и независните тела.

 

И КОМСПИ Е „ОСАКАТЕНА“

Предметите кои треба да ги решава Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер се заглавени во четирите ѕида на Комисијата. И тие се соочуваат со истиот проблем како Антикорупциската комисија. Имено, од месец мај нема кој да одлучува за предметите бидејќи во моментов Комисијата, покрај претседателот, има само еден член. За соодветно функционирање потребен е претседател, заменик претседател и три члена. Извори на Инбокс7 велат дека не постои волја ниту од власта ниту од опозицијата, а постапката за назначување нови членови е заглавена во лавиринтите на Собранието.

Го побаравме претседателот Блерим Исени, но ни беше одговорено дека претседалот не е на работа поради празникот „Ден на Албанската азбука“.