Денешна дата
11/12/2018

Пописот уште незапочнат ги зовре страстите

  • Предлогот на пописот во 2020 година да се изостават графите за етничка и верска припадност доаѓа од Државниот завод за статистика.
  • СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и помалите етнички заедници се едногласно против – мора да има графа за етничка и верската припадност.
  • Наместо статистичка операција, пописот во Македонија е политичка калкулација.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Иако во многу развиени земји пописот е нормална статистичка операција, во Македонија тој не поминува без политички препукувања. Со задоцнување од десет години, наредниот попис предвидено е да се спроведе за околу две години. Како и во 2011 година, и овој пат ова операција веќе почна да ги бранува духовите во Македонија. Со новиот модел на попис се предлага да нема графа во кој граѓаните би се изјаснувале за нивната етничка и верска припадност туку само прашања поврзани со јазикот кој го говорат.

Токму заради несогласувањата помеѓу политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои во 2011 ја сочинуваа власта, пропадна и пописот. За овој случај Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори предмет против тогашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети поради одлуката да го прекинат пописот со што го оштетија буџетот за околу три милиони евра.

 

ДЗС: НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ПОЛИТИЗАЦИЈА НА ПОПИСОТ

 

Предлогот на пописот во 2020 година да се изостават графите за етничка и верска припадност доаѓа од Државниот завод за статистика. Според директорот на оваа институција Апостол Симовски, податоците за припадноста на еден народ немаат никаква употребна вредност и се подложни на политички злоупотреби. Затоа, како што вели тој, наместо прашања за етничката и религиозната припадност, ќе има две прашања – кој е вашиот мајчин јазик и кој јазик се говори во домаќинството.

Немало попис што не бил цел на политизација, а најмногу се политизира етничката компонента. Затоа сме подготвени да се откажеме од некој аспект, но политизација нема да дозволиме. Да потсетам, ова е статистичка операција. Според нашиот Устав правата на одредена група граѓани произлегуваат од јазикот што го говорат, а не од етничката припадност“, вели Симовски.

Поранешниот директор на Државниот завод за статистика Дончо Герасимовски  вели дека прашање за етничката припадност претходно било следено во сите пописи, но, во најголем дел од поразвиените земји тоа се избегнува.

„Претходно е потребно да се извршат длабоки анализи и да се согледа потребата од податокот за етничката припадност. Да се согледа дали во Уставот и многу закони тоа прашање има влијание. Институциите во државата треба да седнат и да се даде оценка, со предлог од стручен аспект дали е тоа потребно. Пописот ни е потребен, бидејќи според препораките на ОН, секоја земја е задолжена да го спроведе на секои 10 години и ние тоа мора да го почитуваме“, укажува Герасимовски .

 

ПАРТИИТЕ ИНСИСТИРААТ НА ГРАФА ЗА ЕТНИЧКА И ВЕРСКА ПРИПАДНОСТ

 

Нашиот политички систем е базиран на бројки, односно процентуална застапеност, па оттука е нејасно како тоа натаму ќе фунционира доколку го немаме податокот за етничка застапеност. Но за спроведувањето на најголемата статистичка операција претходно е потребно да се донесе Закон за попис кој треба да биде изготвен од Владата, а изгласан од Собранието. Оттука дефинитивната одлука по овие прашања повторно ќе биде политичка.

Од владејачката СДСМ велат дека според нив потребно е да има графа за етничка припадност.

„Ова е предлог на Државниот завод за статистика но според нас логично е да постои графа за етничка припадност. Се планира идната година да има тестирање на системот пред да биде спроведен пописот во 2020 година па ќе видиме како тоа ќе оди. Сепак Владата треба да го изготви предлог законот за попис, ќе видиме какво решение ќе понуди, но според СДСМ најлогично е да постои графата за етничка припадност“, ни изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека оваа тема се злоупотребува во јавноста од СДСМ, но оставаат простор да видат каков закон ќе биде предложен од власта.

„Важно е дека пописот мора да е статистичка, а не политичка операција и затоа е потребно тој да се води строго според методологијата на европската статистичка агенција Еуростат и на ОН, вклучително да се има и механизам за контрола на постојано место на живеење и престој во државата, како и гаранции за автентичност на лични податоци и биометриска потврда на идентитет на лицата“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

И албанските политички партии се со став дека етничко изјаснување е потребно да има на пописот.

Артан Груби од ДУИ оцени дека моделот што сега се предлага е во спротивност со начинот на кој се одредуваат правата на Албанците во Македонија.

„Свесни сме дека процесот на пописот на населнието кај нас не може да биде само еден обичен статистички процес, туку и политички процес заради уставните промени и Рамковниот договор со кој се одредуваат правата на заедниците во Македонија преку проценти“, вели Груби.

Според Зијадин Села од Алијансата на Албанците предлогот ќе удри во формата на функционирањето на државата и балансот помеѓу етничките заедници.

Најавите дека на пописот ќе постои графа само за јазикот има за цел на вештачки начин да се зголеми бројот на населението кои зборува на македонски јазик и со тоа да се прикрие демографската реалност во Македонија. Ги повикуваме сите албански субјекти кои се дел од Владата да се сротивстават на овој предлог“, истакна Села.

Против овој предлог се и од двете крила на движењето Беса.

Многу сомнителен елемент, сега се одрекуваме од етничкиот елемент додека етничкиот елемент го имаме во уставот, го имаме во позитивните закони на државата“, изјави Фадил Зендели.

Според Африм Гаши од другото крило на Беса јазикот не може да ја замени етничката припадност.

За нас, јазичниот идентитет не секогаш го покрива и етничкиот идентитет. Има многу луѓе што за различни причини зборат еден или неколку јазици но имаат една етничка припадност“, вели Гаши.

 

РЕАГИРААТ И ПОМАЛИТЕ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ

 

Лавина реакции дојде и од помалите заедници, кои велат дека нивната етничка припадност се разликува од јазикот кој го говорат и затоа со овој модел нема да се добие реалната слика за демографската состојба во земјава.

Демир Далип од Коалицијата на Египќаните вели дека многу генерации своето образование го завршиле на македонски јазик а реакции има и од ромската заедница затоа што велат дека многумина Роми говорат турски јазик. Од Бошњачката заедница сметаат дека со прашањето за мајчин јазик и јазикот кој се зборува не може да се одреди точно бројот на одреден етникум и според нив, попис без етничка и верска припадност го доведува во прашање мултиетничкиот карактер на земјава.