Денешна дата
14/07/2020

И азилот, како и демократијата, се злоупотребува

пишува: Денко Малески

 

Во дебата во Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ, пратеник од социјалдемократите, вака го коментира бегството на Груевски и азилот добиен во Унгарија: … „Системот Груевски“ ги искористува демократските средства. И тоа е она што е навистина вознемирувачко во овој синџир на случувања – како демократски сомнителни сили злоупотребуваат демократски инструменти. Можам само да се надевам дека Унгарија во случајов постапувала еднакво како во случајот со сите баратели на азил. Случајот Груевски со тоа станува лакмус тест за веродостојноста на правната држава во Унгарија“. Да, еден од значајните инструменти на човековите права на модерниот свет е правото на азил. И, да, тоа, како и се друго, може да биде злоупотребено. Луѓе во неволја имаат право да бараат заштита од други држави, а тие, пак, особено демократските држави, се должни да им ја пружат. Но, што станува кога „демократски сомнителни сили злоупотребуваат демократски средства“? Тоа е прашањето поставено во Бундестагот на Германија.

Всушност, одговорот е само меѓународно продолжение на една домашна тема за која пишував пред неколку години, посветена на таканаречените „антисистемски партии“, израз кој во политичката наука се јавува во шеесеттите, а се однесува на поведението на фашистичките, нацистичките и комунистичките партии. Имено, забележале истражувачите на политичките партии, анализирајќи го нивното поведение во политичките системи на своите држави во периодот помеѓу двете светски војни, тие учествуваат во демократскиот процес за да го уништат. Тие сознанија ги ставив во функција на анализа на поведението на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ за која реков дека учествува во македонскиот демократски систем за да го уништи. Неколку години подоцна, водачот на таа партија, Никола Груевски, наоѓа засолниште кај свој сојузник Виктор Орбан кој, исто така ја користи слободата која ја дава либералната демократија во Унгарија, за да ги поткопа нејзините темели. Денес, двајцата авторитарни водачи ги поткопуваат и темелите на системот на азил наменет за луѓе во неволја. Имено, иако германскиот пратеник вели дека „може само да се надева дека Унгарија во случајот постапува еднакво како што постапува со други баратели на азил“ и дека „случајот Груевски станува лакмус тест за веродостојноста на правната држава во Унгарија“, неговите зборови само сакаат да ја засрамат земјата и нејзиното политичко водство за нивното нехумано поведение кон вистинските бегалци, баратели на азил визави она за бившиот македонски премиер.

Сојузниците се бранат и се помагаат меѓу себе, ќе изјави унгарскиот премиер Орбан. Што друго, покрај автократијата, ги обединува овие две личности? Бодликавиот тел на нашата и на нивната граница и нехуманиот третман на луѓе во неволја. И ние како и Унгарците станавме „популарни“ во светот по снимки кои беа идентични на двете граници: шок бомби и пендреци со кои, всушност, сме ја одбраниле и Унгарија. Обидот подоцна да ја поправиме сликата за себе не ја промени генералната политика со која водството на Македонија, долги години, се гордееше: дека ние ја браниме Европа и за таа цел ќе ја направиме нашата граница непробојна за бедниците од Блискиот Исток и од Африка. Ете како Унгарија и Македонија се однесувале кон баратели на азил, нешто што добро им е познато на пратениците на германскиот парламент. Специјалниот третман кој водачите на „антисистемските партии“си го даваат едни на другите треба да ја загрижи демократска Европа. Цинизмот да се користи такво загарантирано  човеково право, за, меѓусебно, да се штитат автократски водачи  кои креваат бодликави жици против оние на кои вистински им треба азил, е евидентен. Додека оние што бегаат од војни, со студено срце, се отфрлаат, „сојузниците“ кои бегаат од правдата, топло се пригрлуваат.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.