Денешна дата
11/12/2018

Власта не прифати амнестија, опозицијата обвинува за селективна правда

  • Законот за амнестија предложен од ВМРО-ДПМНЕ не помина во Собранието.
  • Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ вели дека обвинетите не се терористи.
  • Констандин Констадинов од СДСМ е дециден: не смее да се амнестираат оние кои го нарачале, планирале и извршиле насилство на 27 април.
  • Маргарита Цаца Николовска смета дека целосната амнестија би значело уривање на владеењето на правото

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Откако предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ за целосна амнестија на учесниците на 27 април не помина во Собранието, опозициската партија обвинува дека власта спроведува селективна правда.

Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Владо Јовановски не се терористи. Тоа го знаете и вие и целата македонска јавност. Ако сакате национално помирување и неселективно спроведување на правдата треба да се поддржи овој закон“. Ова на собраниската говорница го изјави Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ образложувајќи го предлог законот за амнестија за случувањата на 27 април.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов ги отфрли обвинувањата и порача дека ВМРО-ДПМНЕ треба да направи разлика помеѓу оние што нарачале или оние што извршиле насилство и оние кои биле во еуфорија за време на насилствата во Собранието.

„Не смее и не може да се амнестираат оние кои планирале, нарачале и извршиле насилство на 27 април“, рече Костадинов.

Деновиве премиерот Зоран Заев изјави дека амнестија ќе има само за оние кои не биле директно вклучени во случувањата на „крвавиот четврток“. И министерката за правда Рената Дескоска Треневска порача дека ВМРО-ДПМНЕ бараат ослободување на сите осомничени, обвинети и осудени. „Заради тоа што беше преширока амнестијата која е опфатена во тој предлог закон, ставот беше дека евентуална амнестија треба да се решаваат во рамки на телото за помирување“, изјави министерката Дескоска.

 

Цаца Николовска: Не  станува збор за селективна правда, има различен пристап во различни дела

 

Маргарита Цаца Николовска од Институтот за човекови права вели дека целосна амнестија, во која би биле опфатени сите, според категории и тежина на кривичните дела, е уривање на владеењето на правото. Според неа обвинувањата на опозицијата дека постои селективна правда се неприфатливи, бидејќи како што вели, „прво треба да се има предвид за какви кривични дела станува збор, потоа за обемот на кривичните дела и да се види целта на тој акт“.

„Не се согласувам дека станува збор за селективна правда исклучиво од аспект што има различен пристап според тежината на делото. Ако некој е обвинет за тероризам, таквото дело се разликува од напад во толпа, од злоупотреба на службената должност и така натаму и ако е така, тогаш ние секогаш имаме селективност. Значи има различен пристап во различни дела и не прифаќам дека станува збор за селективност. Предлог законот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ според нивното кажување зборува дека треба да се амнестираат сите кои учествувале на настаните на 27 април. Тука имам проблем и не се согласувам“, вели Цаца Николовска.

 

Помирувањето не смее да задира во принципот на владеење на правото

 

Таа укажува и дека мора да се внимава и со понудата за помирување, која како што истакна никаков не смее да навлегува во владеењето на правото и независноста на судската власт.

Јас не знам какво ќе биде тоа помирување, всушност јас тоа го сфатив како идно однесување меѓу пратениците, но апсолутно мора да се има предвид владеењето на правото и независноста на судството. Ние имаме поделба на власта и никој не смее да го доведе во прашање принципот на владеење на правото, еднаквост во одговорноста за исти кривични дела и независноста и непристрасноста на третата власт, судската, која за жал во Македонија веќе подолг период е критикувана“, нагласува Цаца Николовска.

Во Македонија на неколку наврати се одреди амнестија откако претходно партиите направија политички случаи. Тоа беше широката амнестија за конфликтот во 2001 година кое во јавноста беше претставено како помирување на етничките заедници, а оттука произлезе и амнестијата на Хашките случаи.