Денешна дата
04/04/2020

Читање на изборна „деконструкција“

ПишуваБардуљ Заими

 

Анкетите ја покажуваат чувствителноста на електоратот во одреден социо-политички момент, но и можните обиди на каде би можел да се движи овој електорат. Последните резултати од анкетата спроведена од страна на „Телма“ и Македонскиот центарот за меѓународна соработка, покажаа политичка и социјална чувствителност, што не е далеку од перцепцијата и направените анализи во времето.

Всушност, во некои аспекти, ова истражување само ги потврдува социо-политичките аргументативни анализи направени од внимателни набљудувачи и експерти на изборната социологија. Секако некои резултати од ова истражување остануваат за анализа, бидејќи претставуваат еден вид „изненадување“ за изборните движења во овој период.

Според ова истражување, најголем дел од испитаниците, речиси 59 проценти, се изјасниле дека не се за предвремени избори. Континуираното одржување на предвремени избори, се чини дека се следи со еден вид на замор кај граѓаните. Се чини дека е драстично намалена чувствителноста за предвремени избори. Многуте проблеми со кои се соочуваат граѓаните ги донесоа изборите во втор план како можност за промена, како што секогаш се тврди од страна на политичките партии.

Токму оваа изјава се поврзува и со друг факт што произлегува од оваа анкета. Скоро 40 проценти од анкетираните граѓани не искажале доверба во ниту еден политичар. Овие два факти покажуваат една изборна апатија со разочарувачки размери кон политиката. Секако, оваа изборна апатија не е сегашна, таа останува присутна во речиси секој изборен циклус и на некој начин го означува и бројот на неопределените на гласачкото тело.

Без оглед на другите резултати што произлегуваат од оваа анкета, кои може и да се „транскрипираат“ со триумфализам или со сомнежи, едно нешто останува сигурно, чувствата на апатија се присутни насекаде кај македонските граѓани. Но, генерално, политичката чувствителност во одреден момент, но и за време на изборите, се мери со тоа гласачко тело кое ја изразува волјата за демократско учество.

Веќе се знае дека изборните структурирања не се трајни. Тие се подложени на трансформации во зависност од политичките понуди и во зависност од доверливоста и способноста за убедување на електоратот за една политичка визија. Понекогаш изборните движења може да бидат поизразени, а во други случаи тие се покажуваат како бавни, но со постојани тенденции.

Иако СДСМ од ова истражување излегува победничката партија на државно ниво кај македонскиот електорат, та е околу 5 проценти зад ВМРО-ДПМНЕ, која се чини дека и покрај нискиот рејтинг на нивниот лидер, има структуриран електорат. Јасно се гледа дека резултатите од рејтингот на лидерот не се совпаѓаат со партиските резултати. Тоа ти прави да сфатиш дека граѓаните знаат да ја разликуваат изведбата на лидерот од партиската идеологија, која во повеќето случаи се поврзува со една „традиционална“ структурирана чувствителност.

И кај албанскиот електорат се забележува оваа разлика помеѓу рејтингот на лидерот и рејтингот на партијата. Али Ахмети од ДУИ води како лидер кај Албанците пред лидерот на АА, Зијадин Села. Двете партии не забележаа некакво искачување кај електоратот и отприлика остануваат на претходните бројки. Движењето БЕСА има рејтинг од 2,5 проценти.

Едно изненадување што ја „деконструира“ досегашната изборна логика е поврзано со политичката посветеност на СДСМ кај албанскиот електорат. Лидерот на оваа партија, Зоран Заев, веќе е втор по рејтинг кај Албанците, а неговата партија е минимално поомилена кај албанскиот електорат. За прв пат, македонската политичка партија има поголем рејтинг кај електоратот во однос на албанските партии.

Се чини дека овој феномен има две објаснувања. Очигледно е дека ДУИ од минатите избори е во процес на делегитимирање и отфрлање на дел од албанскиот електорат. Едно бавно политичка закопување, на прв поглед и незабележително што се адресира на политичка структура, која лека полека се чини дека се „распаѓа“ и покрај високиот рејтинг на нивниот лидер. Можеби и несилната позиција во владата овозможи дел од албанскиот електорат да биде ориентиран кон СДСМ.

Второто објаснување е поврзано со недостатокот на јасна, креативна и сеопфатна алтернатива, која би имала корист од ова политичко „закопување“ на ДУИ. Една од време на време фрагментарна опозиција која не успева до крај да ја објави својата визија во опозиција со партиите на власт.

Како и да е, секогаш според ова истражување, имаме еден вид на изборна „деконструкција“ која веќе поставува едно друго политичко „размислување“ и политички одраз за да ги промени дури и актуелните позиции. Една работа останува сигурно, бројните очекувања, бројните социјални распаѓања, „деконструкцијата“ на големите наративи кои не се проследени со чувство на реалност, веќе создадоа една непредвидлива ориентација на електоратот, особено на оној албанскиот. Исто така, во оваа фаза на политичка еволуција, се чини дека останува решавачка политичката понуда, која мора да препознае еден политички анимиран и уверлив проектот за граѓаните на било која изборна хемисфера.

Рејтингот на лидерот не секогаш може да биде „транскрипиран“ во рејтингот на партијата. Рејтингот на еден лидер може да се одреди со други параметри, понекогаш и како „митски“ проекции. Рејтингот на партиите се одредува од внатрешните структурирања и проширувањето на една политичка визија кај електоратот. Секако и од политичката идеологија обликувана како понуда за сложената севкупност наречена електорат!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.