Денешна дата
11/12/2018

Владата со план против загадувањето: ќе дишеме чист воздух после две години

  • Само 80 возила се исклучени од сообраќај поради штетни емисии на гас за еден месец
  • Владата предвидува еколошки налепници и субвенции за еколошки и хибридни возила
  • Старосната граница на возилата во Македонија е 16.6 години 

 

Пишува: Бјанка Станковиќ

Поттикната од последните медиумски известувања дека Македонија е една од најзагадени држави во светот, власта побрза да ја претстави Програмата за намалување на аерозагадување која што е предвидена за периодот 2019-2020 година.

Како што изјави заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, нејзина цел е да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50 отсто, а во другите градови помеѓу 30 отсто и 50 отсто.

Мерима Кондов, од иницијативата Скопје Смог Аларм не е оптимист дека нешто конкретно ќе се реши со Програмата.  Вели дека граѓаните гласале за оваа власт, сѐ со цел таа веднаш да преземе мерки, а не по две години да почнат со планови.

„И додека секој нормален ова парче земја го прогласува за токсично, небаре нуклеарка пукнала овде, еве што нашите министри направија претходната недела: Донесоа план на планот! Инаку, во планот кој детално го разгледавме има очајни седум таканаречени мерки со многу широк дијапазон на акција кој споредбено со темпото со кое работат, ќе изгубиме уште илјадници животи додека некој таму сфати дека и 2020 е многу далеку.“ – изјави Кондов.

 

Субвенции и еколошки налепници – едни од мерките на Владата 

 

Надлежните со загадувањето ќе се борат преку мерки предвидени во неколку области, меѓу кои и транспортот. Имено, во планот се вели:

Загадувањето на воздухот од овој сектор најдиректно го чувствуваат граѓаните, бидејќи емисиите се емитуваат на нивото на секојдневно движење на граѓаните. Затоа, активностите од овој сектор ќе бидат насочени не само кон намалување на емисиите, туку и кон намалување на изложеноста на граѓаните дури се движат од едно до друго место.“

Активностите ќе се фокусираат кон: измени на законот за возила (воведување на еколошки налепници, субвенции за набавка на електрични и хибридни возила, субвенции за вградување на уреди кои користат нафтен или земен гас), преструктуирање на јавниот транспорт, воведување на зимски режим на сообраќај и воведување Park&Ride систем.

Според податоците од Макстат базата на Државниот завод за статистика, просечната старост на патничките возила минатата година, во Македонија е 18.7 години.

Ланската година биле регистрирани вкупно 466.221 возила, вклучувајќи моторцикли, патнички, товарни, работни, влечни автомобили, како и автобуси и трактори. Од нив, најголем дел 233.281 илјади се корисници на нафта, додека на бензин се вкупно 218.554 илјади. Бензин-гас користеле само 12.111, а алкохол 1.720. Регистрирани возила кои користат електрична енергија биле само 80.

 

 Се обративме и до Министерството за внатрешни работи во кое прашавме колкав број на возила се исклучени од сообраќајот поради штетни емисии на чад во период од јануари 2017 до октомври 2018 година, а оттаму ни одговорија:

„Ве известуваме дека во моментов располагаме со следниве податоци: во периодот од 20.09. до 20.10.2018 година исклучени се вкупно 80 патнички моторни возила по основа на издувни гасови.“ – се вели во одговорот од министерството.

Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, чиј предлагач е Владата на РМ, а претставници се министерот за економија, Крешник Бектеши и неговиот заменик Кире Наумов, предвидени се два нови члена во однос на еколошката категоризација на возилата.

Имено, согласно Законот, сите возила кои учествуваат во сообраќајот на патиштата мора да бидат означени со еколошка налепница заради означување на еколошката категорија на возилото.

  • Прва еколошка категорија – зелена налепница ќе имаат возилата со стандарди Евро 5 и Евро 6, како и возилата со Евро 4 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас, како и електричните и хибридните возила

(При енормно зголемување на загадувањето на воздухот во градовите, тие возила ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, според одлуките на општините и Град Скопје.)

  • Втора еколошка категорија – жолта налепница ќе имаат возилата со стандарди Евро 3 и Евро 4, како и возилата со Евро 2 на кои им е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас.

(При зголемено загадување на воздухот во градовите, за овие возила ќе има ограничување во движењето, според одлуките на општините и град Скопје.)

  • Третата еколошка категорија – црвена налепница ќе имаат возилата со Евро 2 или Евро 1 стандард или без таков стандард.

(При зголемено загадување на воздухот во градовите, за овие возила ќе биде забранет сообраќај во периоди на загадување на воздухот.)

 

Имено, како што за „Мета“ објаснија од Министерството за економија, налепницата би се правела само еднаш и би важела сè додека не се смени законот или во возилото не се вгради уред за течен нафтен гас, или метан, со што возилото би можело да помине во повисока категорија.

Во врска со мерките, реагираа и од иницијативата „НаТочак“ преку фејсбук објава:

„Наместо фокус на автомобилот и неговиот погон (кој е сосем во ред да се промени, но не смее да се третира како суштината на проблемот со сообраќајот); потребен ни е фокус на градот, неговото планирање и управување. Потребна ни е промена на начинот на кој го гледаме сообраќајот, потребни ни се нови мултимодални концепти во кои пешачењето, возењето точак, јавниот превоз се сериозни и преферирани опции.

Модерен погон е аналгетик за некои од проблемите, ама модерен град е лекот за сите проблеми кои потекнуваат од сообраќајот: загадување, ефект на климатски промени, небезбедност, метеж, физичка неактивност, окупиран јавен простор.“

 

Власта ќе мотивира со субвенции

 

Во Македонија, за последниве шест години, се регистрирани 377 автомобили кои користат електрична енергија. Со предлог-законот предвидени се субвенции од 5.000 евра за секое купено електрично возило, а 3.000 евра за купено хибридно возило. Во првата година по стапувањето на законот ќе се доделат вкупно 200 такви субвенции. Исто така, ќе има субвенции и за вградување на уреди на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, односно метан, и тоа најмногу 50 отсто од трошоците за набавка и вградување на уредот, но најмногу до 300 евра по возило. Во првата година, планирани се 1.200 субвенции.

Во Предлог-буџетот за 2019 година, Владата предвидува 11 милиони за Министерството за животна средина и околу милион евра за работата на Државниот инспекторат за животна средина. Но, ќе издвои почетен фонд од 1.5 милиони евра, кои ќе бидат дополнителни средства, покрај веќе постојните во различни министерства кои се поврзани со заштита на животната средина.

Помислата дека можеби за две години од сега, граѓаните ќе можат да ја почувствуваат промената на воздухот, ги поттикнува да продолжат со борбата, додека власта и опозицијата си ја префрлаат топката едни кон други

Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата „МојВоздух“ ја направи и првата архива на загадувачи. Во неа, секој може да прикачува слики, опис и локација на видливите загадувачи. До сега, евидентирани се 61 загадувач.

Неколку граѓански организации уште пред две години, односно во 2016 година, го изнесоа предлогот за еколошка категоризација во рамките на низата препораки што ги дадоа за справување со загадувањето.