Денешна дата
11/12/2018

Жртвите на семејно насилство немаат доверба во институциите, бараат спас кај невладините

  • Од Хелсиншкиот комитет велат дека во нивното работење има случаи каде што придружник на жртвата  сведочел како судијата пробува да ја убеди жртвата или насилникот дека треба да се смираат.
  • Од невладините организации велат дека жртвите не секогаш сакаат да одат во центрите за социјална работа и тоа претставува проблем.
  • Македонија во моментов е дел од глобалната кампања за поддршка за ставање крај на насилството врз жени и девојчиња.

 

Пишува: Теодора Цветковска

 

И по четири години од донесувањето на  Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство ситуацијата останува скоро непроменета. Жртвите на семејно насилство најпрво бараат помош од невладините организации, а поретко се обраќаат до институциите .

„Малку се одбивни спрема инсистуциите поради бавноста и неефикасноста, ама и институциите не прават ништо за да ја вратат таа доверба“, вели Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Игор Јадровски

Од невладините организации велат дека жртвите не секогаш сакаат да одат во центрите за социјална работа и тоа претставува проблем. Според нив, ако не се пријави случајот во полиција и во Центарот за социјална работа, не може да се добие статус на жртва од семејно насилство.

 

Привремени мерки има, но само на хартија

 

Според експертите, постојат два вида на заштита од семејно насилство. Први се привремените мерки за заштита кои се превидени со Законот, и тие се предвидени со цел да не повтори или да се спречи понатмошното семејно насилство.

„Ова е мерка на заштита која се добива преку граѓански суд и е прва инстанца. Овде судот треба да одлучува по брза постапка и има прилично кратки рокови во кои може брзо да одлучува. Но, не е така затоа што судот не секогаш е сензибилизиран за овие мерки. Затоа многу често зависи кај кој судија ќе се падне случајот“ вели Јадровски.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека во нивното работење има случаи каде што придружник на жртвата  сведочел како судијата пробува да ја убеди жртвата или насилникот дека треба да се смираат за некои повисоки цели, од типот дека имаат деца, дека се млади, дека работите ќе се променат.

Исто така, судот многу ретко се одлучува за некоја од другите привремени мерки , освен декларативната забрана ако сторителот се заканува. Постојат и други мерки, но судот не ги изрекува и покрај тоа што има потреба. Ако се прекрши декларативната забрана има само парична казна.

„Со чекањето на рочишта и повикување сведоци се прави дополнителна виктимизација и се промашува поентата на мерката која треба да е итна и да даде заштита во моменот“, додава тој.

 

Самохраните мајки се откажуваат од тужби

 

Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство не е наклонет и прилагоден ни на жените кои се самохрани мајки. Тие немаат време и средства за по судови бидејќи и онака оттаму не ја добиваат соодветната поддршка.

Од невладината „Една може“  велат дека судските процеси многу бавно одат кога станува збор за насилство. Од нивно искуство споделуваат дека не е заведен ниту еден случај на уплатена казна од насилникот. 

„Жртвите чекаат многу време, и процесот завршува со тоа што се повлекуваат од било каква тужба. Најчесто се премислуваат или се повлекуваат, затоа што барем нашите кориснички на услуги се самохрани мајка. Скоро секогаш проблем се парите, кој наместо да ги даваат по судови им требааат за децата“, додаваат од „Една може“.

Македонија во моментов е дел од глобалната кампања за поддршка за ставање крај на насилството врз жени и девојчиња, со што беше означен почетокот на „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

Останува прашањето дали државата ќе промени нешто во однос на оваа проблематика и дали законите ќе се почитуваат онака како што се пропишани.