Денешна дата
26/05/2019

Државата на Николо Макијавели

Во овие редови прашањето не е дали политиката го повредува правото, туку дали, во ова актуелно македонско време, инсистирањето на правото не ги повредува перспективите на државата

Пишува: Зоран Иванов

Секој политички филозоф сонува неговата ука да биде потврдена во животот и врз база на своите теориски постулати да биде организирана и да функционира општество уредено во мала хумана и солидарна комуна или пак во голема строга и сурова држава, сеедно.

На времето, некаде пред цели двесте и нешто години, за тоа сонувале  Св.Симон, Фурие,  Овен, пред нив Мор, Кампанела. По нив Маркс, Енгелс и следбениците. Гледано историски, многу често еволуцијата страда од нетрпеливата револуција. Прескокнувајќи епохи, транзиции, реформи, Лениновата доктрина неправно  и насилно го руши митот на утопистите за мирно конституирање праведна заедница на еднакви.

Нема да е неточна констатацијата дека воведов не е најсоодветен обид да се допре до поентата на овој текст и особено да се најдат оправдувања за тезите во него. За појаснување, опитот е колку толку да се амортизира раскрештената галама за кршењето на правото и за руинирањето на правната држава, за непочитувањето на законите и процедурите и за политичкиот волунтаризам. Ова затоа што таа бука не нуди решенија, туку само оправдано, но не секогаш и принципиелно, посочува на штетите што врз поредокот на правната држава ќе ѝ ги направат оние кои токму државава ја туркаат на нејзиниот пат кон европските интеграции. Ете затоа во овие редови прашањето не е дали политиката го повредува правото, туку дали, во ова актуелно македонско време, инсистирањето на  правото не ги повредува перспективите на државата.

Врз Македонија е надвисната нова правна маглина во која повторно политиката револуционерно е надвисната над правното. Од осамостојувањето до денес Република Македонија не успеа да се закачи за вредностите на европската композиција и полека еволутивно, без поголеми потреси и превенирајќи ги кризите, со силината на политичката волја на инволвираните партиски субјекти, да креира правна култура согласно правните норми.

Така и сега. Актуелните општествени процеси испровоцирани од политичките напори за надминување на последиците од таканаречениот крвав четврток од април минатата и од договорот со јужниот сосед од јуни оваа година, на дневната политичка практика и испровоцираа радикални зафати кои го игнорираат правото, законите, процедурите. Да речеме дека ѝ изнудија некаков макијавелистички радикализам во оригинално македонско издание.

Филозофот политиколог, фиренчанецот Николо Макијавели, е првиот мислител кој уште на своето време од пред петстотини години согледал дека постулатите во политиката не се темелат врз етичките и врз правните принципи. Тој објаснува дека за нешто да се оправда во политиката, на неморалното треба да му се даде морална димензија. Од таа негова гледна точка, методите на актуелните македонски политички елити, а во нивниот поход до поставената цел, се кристално макијавелистички.

Аксиомата што му ја припишуваат и според кој „целта ги оправдува средствата“, е евидентно доминантна во македонската политичка практика. Неговата теориска линија е омилениот метод на дејствување на македонските политички водства. Врз таа водилка е веќе одомаќен дел од македонската политичка култура. Напати, како сега, дури и посакуван инцидент.

За волја на вистината, во својата оригинална доктрина Макијавели никаде не го употребил терминот „оправдува“, туку го форсира поимот „одредува“. Конкретно, „целта го одредува средството“.  Имено, со фикцијата „одредува“ философот упатува на ненасилни, на подемократски методи до саканите цели. На политичарите меѓутоа, разбирливо, по блиска им е популистичката трансформација „оправдува“. Ваквото именување на нивните неправни зафати им обезбедува избор на поширок асортиман неказниви дејства.

Макиавелизмот е континуитет на македонскиот партизам. Со оваа филозофска политичка прагма е инфицирано цело наше општество. Ваквиот политички стил се практикува уште од осамостојувањето на државата и еве егзистира со несмален интензитет. При поголеми и потурболентни кризи, практиката на насилие врз правниот систем е повидлива, во помирни времиња подзатскриена.

Сега, разбирливо, судејќи според реакциите, овој актуелен неправен амбиент, посебно за многумина теоретичари легалисти професори, правници, експерти, аналитичари, е очаен, мачен, фрустрирачки. Заглавени во теоријата, блокирани од кабинетското разбирање и салонското практикување на правото, за нив се особено шокантни  зафатите кои правната држава ја прават политичка. Па сепак, во конкретниве актуелни општествени околности, еве да се окуражиме и да бараме оправдувања и за неправните дејствија. Со тој факт веројатно ќе треба сите да се соочиме, дури и да се помириме со тоа. Во државата на Николо Макијавели, нормално е нели, целта (да) ги оправдува средствата.

Патем, вака некако предуставно беше и во 2001-та. И тогаш се прекршуваа уставните и законските правила. И тогаш реакциите на стручната и на општата јавност беа идентични. И тогаш, нешто со милост, нешто на сила, се менуваше уставот и се случуваа правни ломови. Парадоксално па сепак, тогаш политичките компромиси на сметка на правните догми отворија пат за похармонично општесво, за поперспективна држава. Аналогно на тоа време, на тогашните вакви случувања како сега, идентични очекувања би можеле да си дозволиме и сега.

Денес,  по речиси две декади, повторно контроверзи и правни дисторзии. Пак, помирувања, амнестии, уставни промени. Нов бран доминација на политиката врз правото. Нешто како огледалска рефлексија. Со исти практики, но кон друга цел. Како и тогаш и ова е време кога револуцијата ја компензира еволуцијата. Кога неправните постапки се ставаат во тенка правна обланда и кога лузните врз правната држава повторно ќе треба долго да се лекуваат.

Но ако е тоа цената, високата цена за државните интереси, за нејзините инеграциски цели, тогаш макијавелистичките еквиблиристики на политичките фактори за сметка на правните норми, не само што би можело да ги одредува туку, со сите дилеми и задршки, би можело и да ги оправдува политичките средства.

Оттука, во околности во кои за Македонија и за нејзините граѓани се наѕираат нови вредности, умно или неумно, сеедно, давам поддршка на филозофската доктрина на господинот Николо Макијавели.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.