Денешна дата
11/12/2018

Брексит или не?

Пишува: Александар Кржаловски

 

Додека кај нас трае втората фаза од процесот на уставните измени, кој според очекувањата, без поголема дискусија и во само три дена вкупно, заврши со изгласување на четирите предложени нацрт-амандмани на Уставот, претходниот викенд во Европа се случуваше средбата на лидерите на земјите членки на Европската унија, со главна тема – договорот за Брексит, односно за напуштање на Унијата од страна на Велика Британија.

По неколку-неделни препирки и закани од обете страни (поединечни земји членки на ЕУ од една страна и В. Британија од друга), на крајот во саботата (24.11) се сведе на последната препрека – барањето на Шпанија за статусот на Гибралтар (споделен суверенитет на ЕУ и Британија, наместо третман само како Британска територија). Со изјава од премиерката Тереза Меј (веројатно депонирана и на писмено) дека во најмала рака барањето на Шпанците не е неприфатливо и може да се разговара, лидерите во неделата прогласија успех на преговорите за излез на Британија од ЕУ и постигнување на договор за тоа.

Во европски (т.е. ЕУ) стил, договорот е темелен и сеопфатен, а е срочен на точно 585 страници, па и скратената верзија, односно прес-соопштението, со кое се информираше европската јавност што всушност се договорило беше 26 страници!

 

И до тука се е во ред. Што би рекле кај нас  – постигнат е разумен компромис… и за очекување би било дека кога лидерите постигнале договор, а тие имаат повеќе или помалку стабилни мнозинства во своите земји, би требало да е релативно лесно (да не речам – формалност) договорот да се потврди во Европскиот и Британскиот парламент и со тоа да стапи на сила и се примени, односно В. Британија излезе од Европската унија.

Но, состојбата во Лондон, според сите коментари, водечки весници, независни анализи, па и според сите мои неодамнешни разговори со драги колеги Британци, укажуваат дека не само што Тереза Меј ја чека тешка задача да обезбеди мнозинство за гласање на договорот (кое и така едвај го има со точно 326 пратеници на својата Конзервативна (Тори) партија заедно со Демократската Унија од Северна Ирска – наспроти 324 опозициски), туку дека се очекува да доживее тежок пораз на гласањето за договорот од околу 400 наспроти 250 гласови на пратениците во Парламентот.

Секако, сето ова го пишувам не зошто сум голем познавач на „Британцките работи“, туку заради споредби со состојбите кај нас и да научиме нешто од 800-годишната британска демократија.

 

Да се вратиме малку наназад, на референдумот со кој започна Брекситот, во јуни 2016 година. Имено, по победата на изборите во 2015 година, тогашниот британски премиер Дејвид Камерон, свика референдум за останување или напуштање на Европската Унија. Некои би рекле без потреба, или „ничим изазван“, по цена на личната политичка кариера, но тој го направи ова заради своите изборни ветувања во кампањата, односно напишаното во изборниот манифест. И кај нас референдумот за „името“ беше запишан во програмите на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а референдумот и се случи… па до тука сме слични со Британците. Но отприлика тука и завршуваат сличностите.

Прво, референдумското прашање гласеше: Дали Велика Британија треба да остане членка на Европската унија или да ја напушти Европската Унија? И јасно, опциите беа тие: Остани (Remain) или Напушти (Leave). Јасно и недвосмислено, нели!

Второ, со распишувањето на референдумот веднаш се формираа истоимените групи за кампањите, кои интересно не беа партиски, односно водачите на спротивставените страни беа од истата партија – Конзервативната: премиерот Дејвид Камерон и пратеникот (и тогашен градоначалник на Лондон) Борис Џонсон. Поголемиот број пратеници на опозициската Лабуристичка (работничка) партија беа на страната на премиерот, додека Партијата за независна В. Британија (УКИП) на (замислете – европратеникот) Најџел Фараж беше најгласниот поборник за напуштање на Унијата. За разлика од тоа, кај нас, за жал, немаше кампања Против (договорот со Грција) бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да не води кампања (иако зазема став против договорот) и остави приврзаниците сами да одлучат дали ќе гласаат и како.

Понатаму, со оглед на јасните кампањи за и против (останување во Унијата), беше постигнат цензусот – гласаа околу 33 милиони лица или 72% од регистрираните гласачи (во В.Б. сите што имаат право на глас мора да се (пре)регистрираат еднаш годишно или пред секои избори), односно околу 65% од вкупното гласачко тело (или нешто малку над половината од вкупниот број граѓани на Британија – 66 милиони). На крајот, од тие што гласаа околу 52% (или 17,4 милиони) се изјаснија за напуштање на Унијата. Или со други зборови, 26% од Британците одлучија за судбината на сите 66 милиони. Ова кај нас би било аргумент за поддржувачите на Преспанскиот договор, бидејќи околу 30% од сите граѓани на Македонија, гласаа на референдумот „за“ договорот.

Четврта разлика е политичката цена, односно последицата по премиерот Камерон, кој веднаш најави оставка, а веќе по месец дена не беше ниту премиер, ниту лидер на својата партија. Не забележав дека било кој кај нас поднесе оставка за било што во врска со договорот од Преспа, без оглед на која страна се наоѓаше.

 

Но, да се вратиме сега во денешницата. Сегашната премиерка Тереза Меј, откако доживеа оставки од двајцата министри за Брексит (Дејвид Дејвис и Доминик Рааб), како и некои други клучни министри (како на пример главниот „брекситер“ Борис Џонсон), со обелоденувањето на текстот на договорот, се соочува со „побуна“ кај своите пратеници, од кои веќе околу 90 најавиле дека ќе гласаат против договорот. Интересно, од другата страна пак (кај Лабуристите) има 15-тина кои најавиле дека ќе гласаат „за“. И тука секоја сличност со нас е повеќе од неверојатна. Додека притисокот за првото гласање за уставните измени (започнувањето на процесот) беше во целост на пратениците од опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ), никој не се запраша како тоа баш сите 72 пратеници од владејачкото мнозинство се „за“ договорот, односно како баш ниеден нема доволно резерви кон него, за да гласа „против“!

Интересно е малку да се задржиме и на оставките на двата Брексит министри. Тие изјавија дека поднесуваат оставки заради нивните несогласувања со начинот на кој премиерката ги води преговорите со ЕУ и отстапките што ги прави кон Унијата. Раб истакна два „фатални пропусти“ во Договорот: условите на договорот се закана за интегритетот на Британија; и одредени одредби ќе водат до неопределено долги (или постојани) блокади, а Британија ќе нема механизам да ги надмине! Ви звучи познато од некои дискусии за нашиот Преспански договор?

Она што е за одбележување е што во моментот кога тие не можеа да се согласат со содржината на договорот што треба да го бранат, си поднесоа оставки. Или што би рекол нашиот Министер за надворешни работи Димитров – постапија одговорно. Се бориш колку можеш да постигнеш подобар договор, па ако не веруваш во договореното – заминуваш, ако веруваш – го браниш до крај!

 

Да почекаме да видиме како ќе заврши процесот кај нас, па да видиме кој, колкава и каква одговорност ќе треба да понесе. Некој, или повеќе, или многумина – ќе треба, но јас не верувам дека тоа ќе се случи. Сепак, се уште сме далеку од Велика Британија… иако и тие, со договор или без, од 29 март 2019 година, во 23 часот по нивно време, односно на полноќ по наше, нема да се веќе членка на ЕУ… како и ние!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.