Денешна дата
11/12/2018

Арафат Муареми: Знаеме чии се парите префрлени во Монако

Триесет и шест годишниот гостиварчанец Арафат Муареми на функцијата прв човек во финансиска полиција дојде од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде беше дел од тимот истражители.

Во интервју за Инбокс7 порачува дека за поефикасно работење на финансиската полиција е потребна подобра соработка со другите институции, особено со јавното обвинителство.

Како директор на Управата за финансиско работење, Муареми говори за актуелните случувања со истрагите околу префрлања на пари во Монако, но и за прашањето кој потфрли во случајот со екс-премиерот Никола Груевски, кој без проблеми и незабележано ги испразни сметките и избега.

 

Интервјуираше: Светлана Унковска

 

Инбокс7: Господине Муареми актуелните случувања со префрлањето пари и празнењето на сметки се уште ја буди јавноста и се поставуваат прашања – кој тука потфрли? Каква е улогата на Финансиската полиција во овој случај?

Арафат Муареми: Следењето на паричните средства согласно позитивните законски одредби на Република Македонија надлежна е Управата за финансиско разузнавање. Значи, согласно Законот за перење пари и финансирање тероризам секоја банка е обврзана да ја пријавува секоја сомнителна трансакција или секоја трансакција што ја поминува границата над 15 илјади евра. Банките кои што ги имаат тие податоци ги пријавуваат во Управата за финансиско разузнавање. Понатаму постапката продолжува – Управата за финансиско разузнавање доставува информација или до јавен обвинител или до Правосудната полиција, од која сме и ние дел.

 

Инбокс7: Какви се вашите информаци за префрлањето на парите во Монако. Чии се тие пари?

Арафат Муареми: Управата за финансиско разузнавање ги достави информациите до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде што надлежен обвинител даде наредби за натамошно постапување од страна на Правосудната полиција. Така што и Управата за финансиска полиција има една улога на која што работи и мислам дека понатаму не би смееле да дадеме некои нови податоци бидејќи предметот е во предистражна постапка.

 

Инбокс7: Колку трагата, односно протокот на парите може да открие детали околу тоа кој ги префрлил парите и исто така и за случајот со празнењето на сметките на Никола Груевски? Кој е тука виновен зошто не се постапило претходно да се преземат некакви мерки?

Арафат Муареми: Секоја постапка, дали се работи во предистражна постапка или во истражна постапка си ги има своите правила, нормално согласно Закон, и тоа секој надлежен, во случај Управата за финансиска полиција немаше никакви информации за празнењето на сметките. Сепак, кога се добива наредба ние како институција, како Финансиска полиција постапуваме и нормално, во актуелен момент ние бараме и замрзнување. Такви случаи имаме и во минатото и во сегашноста, каде што веднаш реагираме, бидејќи сметаме дека како институција сме најактуелна за водење такви финансиски истраги. Во конкретниов случај, надлежност имаше Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и верувам дека тие ги одмериле сите механизми кои се потребни за да се следат паричните средства. Нормално, некогаш во интерес на истрагата бараш помал пропуст за да видиш каде ќе завршат паричните средства. Тоа се следи и се набљудува и е некој подолг процес на истрага.

 

Инбокс7: Каква е вашата соработка со Специјалното јавно обвинителство?

Арафат Муареми: Ние сме во перфектна соработка бидејќи и јас самиот како директор на Управата за финансиска полиција, порано работев во Специјалното јавно обвинителство и соработката ни е на многу добро ниво, каде што и ние помагаме како институција на Специјалното јавно обвинителство кога добиваме наредба, нормално.

 

Инбокс7: Во овој случај ви беше побарана помош?

Арафат Муареми: Не. Значи наредба не добивме за ова. Но добро е да се спомене дека ние како Финансиска полиција имаме дадено истражители во Специјалното јавно обвинителство.

 

Инбокс7: Имавте изјавено дека досега Финансиската полиција има отворено случаи за околу милион евра, меѓутоа од обвинителство нема постапување по нив. Зошто е тоа така?

Арафат Муареми: Ние како дел од Правосудната полиција секогаш ги преземаме сите мерки кои што се бараат од нас, согласно Законот за кривична постапка и тоа во предистражната постапка. Сите активности кои што ги истражуваме на крај завршуваат со кривична пријава доколку има елементи за кривично гонење, по службена должност што се водат сите тие кривични дела. Сите кривични пријави согласно Законот за кривична постапка се делат на кривични пријави што се доставуваат до Основното јавно обвинителство и до Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Последно време имаме некои поголеми активности и соработка со Обвинителството за гонење на организиран криминал затоа што од таа област ни се и предметите. Нашиот дел е да ги доставуваме тие кривични пријави со обезбеден доказен материјал. Понатаму јавен обвинител е должен да отвори истражна постапка, или пак доколку мисли дека има уште некој дел кој што не е истражен дава наредба да се доистражи од наша страна и да им се обезбедат дополнителни докази кои што се потребни за да се отвори истражна постапка и на крај со обвинение.

 

Инбокс7: Каква ви е соработката со обвинителството?

Арафат Муареми: Соработката со обвинителството мора да биде на перфектно ниво затоа што една од друга институција сме зависни. Бидејќи Управата за финансиска полиција е постручна во делот да истражува инкриминирани финансиски истраги, секогаш кога ние ќе побараме обвинителство ни излегува во пресрет во обезбедување наредби, во замрзнување на имот. Меѓутоа, сепак е потребно како две институции малку да се крене свеста и кај Обвинителство, но и кај Финансиска полиција кога се работи за утврдување на паричните средства. Секогаш знаеме дека секое кривично дело без да има одреден надоместок на парични средства не се прави. Значи сите сакаат да стигнат до што повеќе пари. Тука јас се фокусирав последната година, да ги опфатам тендерите од реализација на било каков проект за да видам како се завршени тие проекти. Затоа што знаеме дека поголем инвеститор е самата држава. Буџетот ни е над 3 милијарди евра и секогаш сакаме да бидеме институција која што ќе ги следи тие проекти, односно реализацијата на јавните набавки. Сакам секогаш да биде транспарентна постапката, сакаме еднаш засекогаш да излеземе од тој ќор-сокак и од тоа зло што е опфатено и за кое постојано се зборува, а тоа е корупцијата. Сакаме да ја искорениме, меѓутоа ни треба помош и во соработка со јавен обвинител да се надеваме дека во иднина ние како институција ќе придонесеме многу.

 

Инбокс7: Во мај имате покренато постапки за неколку градоначалници за криминал, корупција и незаконито работење. До каде се овие случаи и има ли исход овие пријави?

Арафат Муареми: Последната недела мислам дека се доставени неколку наредби за да се обезбеди уште некој дополнителен доказ, за наведените градоначалници. Мислам дека тие ќе се обезбедат и верувам дека што поскоро Обвинителство ќе излезе со резултати и да се покрене и обвинение од нивна страна.