Денешна дата
11/12/2018

Образование – светост за секое општество

пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели,

Во последната моја колумна, од минатиот четврток, споменав три постулати кои лежат во основната мисија на нашето Здружение на граѓани, а преку кои сакаме, како активни граѓани кои се грижат за своето општество, да го свртиме вниманието на секоја владејачка гарнитура во Република Македонија укажувајќи на најважните прашања за создавање на едно праведно, еманципирано и напредно општество.

Трите клучни фундаменти врз кои треба да се гради едно слободно, демократско општество за нас се образованието, здравството и економски стабилната иднина во која ќе има социјална правда и безбедност.

Денес ќе напишам неколку збора за местото и улогата на образованието.         Образовниот процес на секој човек почнува во истиот момент кога тој се раѓа и трае до неговото целосно дообразување во областа за која се одлучил да го посвети својот работен век.

Тоа е најважната инвестиција што ние како родители и општество секојдневно треба да ја поттикнуваме, со цел нашите идните поколенија да ги наоружаме со знаење и вештини, кои ќе им овозможат нормална егзистенција.

Образованието го сфаќаме како светост и единство меѓу родителот, општеството          (државата или општината) и образовниот кадар. Секој сегмент на ваквата синергија има посебни задачи кои мораме да ги исполниме.

Родителот е должен да води грижа за домашното воспитување, за создавањето на оние интегрални етички вредносни вертикали и да го помага неговото школување согласно модерните трендови.

Според мене образованието е процес кој се одвива низ целиот живот. Додека сме живи треба да учиме и да бидеме љубопитни за сите нешта, а со тоа постојано да ги втемелуваме и надградуваме нашите знаења.

Согласно моите математики, секое дете ги чини родителите инвестиција меѓу 300 и 500 илјади евра до заокружувањето на неговиот формален образовен циклус.

Почитувани мои, тоа се големи финансиски средства што нашиот граѓанин ги одвојува за образование на сопственото дете.

Вториот сегмент од овој заеднички, споделен животен проект е општеството, односно државните образовни политики. Дали се работи за централната власт или локалната самоуправа, тие мора да имаат обврска да обезбедат максимални услови во институциите на предшколското, школското и високото образование, со цел да младиот човек да се чувствува безбедно и сигурно, а воедно родителите да бидат ослободени од стравот дали нивното дете може да биде изложено на некои опасности по здравјето и безбедноста.

И третиот, можеби најважен сегмент, е образовниот кадар, од воспитувачи, учители, наставници, професори. Од нив и од тоа што тие ќе можат да му го пренесат на младиот човек, ќе зависи квалитетот на веќе оформената личност, која ќе треба да придонесува понатаму за изградбата на општеството.

Не е тајна тоа дека живееме во динамично време и доколку сакаме да ги следиме сите модерни текови во образованието, мора подеднакво да бидат ангажирани сите тие три сегменти од оваа, би сакал повторно да нагласам, општествена светост врз чии основи се гради заедницата.

Родителот мора да бара од општеството и од образовниот кадар квалитетно образование. Општеството мора да ги следи трендовите на светско ниво во насока на примена на најадекватно и најдобро образование, согласно нашите финансиски можности.

Третиот сегмент, образовниот кадар, мора да биде во постојана доедукација, со цел да изгради човек, кој може да одговори на современите предизвици.

Почитувани мои, кога говориме за образованието, говориме за огромни средства кои сите ние треба да ги одвоиме со цел да создадеме современ и образован кадар.

Во 2008 година, како градоначалник на Град Скопје, бев гостин кај градоначалникот на Варшава и бев информиран дека само Варшава добила 13 милијарди евра неповратни средства од ЕУ, наменети само за образование за период 2007-2012 година, кои средства се наменети за сите сфери од образованието на човекот. Посебно бев изненаден дека Варшава практикува доедукација на сиот, сто отсто образовен персонал, почнувајќи од јасли, градинки, училишта и универзитети.

Сиот образовен персонал, имаше секоја година двонеделна доедукација, сè само со една цел – како да се одговори на предизвикот на потребите на младиот човек и како да помогнат во развојот на сопствените земји.

Врз основа на ова искуство и сознание, ја согледувам потребата дека и ние, во нашата Македонија, мора да размислиме за постапките и начинот како да стигнеме до тоа современо општество, а толку посакувано од сите нас.

Без вистински систем и современи, функционални образовни политики, секогаш ќе наидуваме на аномалии во образовниот корпус на нашиот млад граѓанин.

Сакам да покренам иницијатива, сите ние кои сме чинители во општеството, дали како родители, функционери или едукатори, темелито и суштински да го ставиме за приоритет ова прашање. Бидејќи од образовните политики зависи иднината на општеството и на државата. И болестите на општеството, но и неговото здравје зависат од тоа колку и какво образование имаме.

Нема поголема среќа за луѓе во моја доба кога ќе сретнат млад, воспитан, наоружан со знаење човек. Колку гордо звучи зборот ЧОВЕК! Особено човек на вистинско место и во вистинско време.

Размислете…!!!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.