Денешна дата
11/12/2018

Собранието не кажува како се потрошени парите за референдумот, молк и во министерството за финансии

  • Инбокс7 истражуваше како и на кој начин беа искористени парите наменети за кампања.
  • Сумата потрошена од партиите останува тајна, молчат Собранието и Министерството за финансии
  • Најмногу е потрошено на националните телевизии, за што се исплатени околу 740 илјади евра.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

По повеќе од два месеца се уште не е јасно колку вкупно од издвоените 1.3 милиони евра од буџетот, се потрошија во кампањата за референдумското прашање.

На 30 септември граѓаните со право на глас се изјаснија за прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција?”. Иако имаше консултативен карактер, не беше исполнет предусловот за успешност, кој значи излезност од над  51 отсто од вкупниот број на гласачите.

 

НЕ СЕ ЗНАЕ КОЈА ПАРТИЈА КОЛКУ ПОТРОШИЛА

 

Инбокс7 истражуваше како и на кој начин беа искористени парите наменети за кампања, а кои беа на располагање на парламентарните политички партии.

Единствен податок е дека емитувањето спотови по медиумите чинеше без малку 900 илјади евра. Ова како информација го добивме од Собранието на Република Македонија преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Но, оттаму не ни беше одговорено на прашањата која партија колку потрошила, ниту колку се платени пропагандните спотови и реклами изработени за медиумите, дали се потрошени дополнителни средства за ова и која агенција ги работела.

„Ве известуваме дека средствата наменети за референдумот 2018 година соодветно се распределени во зависност од типот на кампањата, односно во зависност од изјаснувањето на пратеничките групи За или Против референдумското прашање, а не по поединечно учество како пратеник согласно нивното изјаснувањето“, стои во дописот што ни го испратија од Собранието.

 

 

НАЈМНОГУ СЕ ОФАЈДИЛЕ ТЕЛЕВИЗИИТЕ СО 740 ИЛЈАДИ ЕВРА

Во него се наведени само медиумите кои се офајдиле од кампањата што се водеше за референдумот одржан на 30 септември. Најмногу е потрошено на националните телевизии, за што се исплатени околу 740 илјади евра.

Од нив Сител добила нешто повеќе од 139 илјади евра, потоа следува Телма со 107 илјади евра, Алсат-М со околу 106 илјади евра, Канал 5 со 105 илјади евра, 21 ТВ со 82 илјади евра, 1ТВ со 64 илјади евра, 24 Вести без малку со 64 илјади евра, Алфа Телевизија со околу 30 илјади евра, ТВ Клан со 26 илјади евра и ТВ Шења со околу 17 илјади евра.

Кампања се водеше и на локалните телевизии за кои вкупно е платено околу 55 илјади евра. На радио станиците им е исплатено над 76 илјади евра, додека за дневните весници, Вечер, Независен весник, Коха, Слободен печат и Нова Македонија вкупно кампањата чинеше околу 22 илјади евра.

 

МОЛК И ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ

Од министерството за финансии побаравме одговор дали се потрошени сите 1.3 милиони евра кои беа предвидени за кампањата и доколку не се потрошени колку средства се вратени, но и оттаму не добивме информација.

 

 

МИЛОШОСКИ: ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА ЗА МОЈАТА КАМПАЊА БЕШЕ НУЛА ДЕНАРИ

 

За активно учество во кампањата во која се изјаснија дека ќе ја водат „За“ референдумското прашање, уште на крајот на август се пријавија пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници, или вкупно 71 пратеник.

Но никој од партиите не беше расположен да одговори колку средства потрошиле од нивна страна. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ изјави дека нема да учествува во кампањата ниту „За“ ниту „Против“ а нивниот дел од парите бараа да се пренаменат за други цели.

Единствено Антонио Милошоски најави дека ќе води кампања за бојкотирање, но, како што вели самиот, финансиска поддршка не добил.

“Имаше едно Координативно тело во Собрание кое што излезе со заклучок по една средба дека ќе обезбеди средства за соодветна медиумска застапеност на тие кои што ќе водат кампањата „За”, “Против“ и „Бојкотирање“. Откако го видов напишав писмо до кабинетот на Џафери каде наведов дека ќе водам кампања за бојкот. Но, потоа се предомислија и освен тие што водеа кампања „За“ референдумот, друг не доби никаква можност за било каква медиумска застапеност, реклами или што и да е. Така што нивната поддршка за мојата кампања беше нула денари и сите средства што ги потроши беа искористени од една страна од тие што пропагираа гласање „За““, вели Милошоски.

 

ТРОШАНОВСКИ: КАМПАЊАТА НЕ ДАДЕ РЕЗУЛТАТИ

 

Колку целата таа кампања даде некаков ефект и имаше ли потреба од трошење на парите на граѓаните? Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека резултатите не го покажаа тоа за кое се водеше кампањата и беше само непотребно фрлени пари.

„Факт е дека се намали бројот на луѓето кои претходно тврдеа дека ќе излезат да гласаат и од тој аспект гледано кампањата што се водеше За референдумското изјаснување не даде резултати бидејќи не ги убедија граѓаните дека треба да излезат да гласаат, со други зборови нема никаков ефект и оттука сето тоа излезе дека е фрлање пари во вода. Не велам дека не требало да има кампања, напротив тоа е прашање од национален интерес и треба да се информирани гласачите кога прават избор во таа смисла, но велам, едната кампања очигледно не даде резултати, веројатно аргументите што им ги понудија на граѓаните не беа доволни“, вели Трошановски.