Денешна дата
19/02/2019

Ели Пешева: Од власта треба да бараме одговори, но и одговорност за загадувањето

Ели Пешева е познат активист за зачувување на животната средина. Таа е дел од О2 Иницијатива, организација која го крева гласот против институциите кога истите забораваат да го обезбедат најосновното право загарантирано и со Устав – правото на чист воздух.

„Зошто сега се бега од ветувањата, веројатно треба да ни го објаснат актуелните функционери задолжени за штитење на најдобрите интереси на граѓаните, а со тоа за нашето здравје и квалитетот на живот. Според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина, поради загадување на воздухот со PM2.5, азот диоксид и озон во Македонија годишно умираат 3,200 жители.“, вели таа во интервју за Инбокс7.

 

Интервјуираше: Бјанка Станковиќ

 

ИНБОКС7: Како ги оценувате и коментирате мерките предвидени во програмата на Владата, односно планот за чист воздух што го најави заменик-министерот Јани Макрадули? 

Ели Пешева: Планот/Програмата е за две години, но нема одвоено што треба да биде остварено во првата година, што во во втората. Сметаме дека е тоа проблем. Две години од сега, кога ќе се даде отчетност за овој план, мандатот на оваа Влада ќе биде изминат или ќе биде при крај. Тоа според нас претставува огромен проблем во однос на преземање одговорност за спроведување на програмата.

 

ИНБОКС7: Што според Вас е изоставено во планот, а е најважно?

Ели Пешева: Мерките немаат детален опис, не е прецизирано кој ќе ги спроведе, која институција, не е прецизирано кој е одговорен за која мерка, нема интеримни рокови на 3, 6, 9, 12 се до 24 месеци кога треба целосно да се исполни најаваеното. Нема прецизирано колку средства се потребни за секоја мерка да се спроведе, од каде ќе бидат обезбедени и кога.

Што се однесува до мерките, некои се конкретни, како: “комплетна замена на сите инструменти во мониторинг станиците” и тука нема место за толкување. Но, некои се недоволно јасни, не се знае што точно се подразбира, како пример мерката “воведување на поефикасен систем на вршење инспекциски контроли”. Каков е тој систем? Што точно подразбира тој систем? На кој начин ќе се спроведе, итн. Мерките во областа на инспекција “Зголемен број на вработени” или “Зголемен обем на редовни контроли” повторно не е конкретна, за колкав број на вработени се работи, кој ќе биде обемот на редовни контроли, колку често?

Мерките во областа на греење на домаќинствата, каде се заклучува дека субвенционирањето не е најсоодветниот и најефикасен начин и може негативно да влијае врз пазарните активности, се наведува дека активностите ќе бидат насочени кон изнаоѓање на модели за поттикнување на приватните компании да понудат посоодветни пакети, а домаќинствата полесно да можат да се одлучат да ги променат технологиите за греење. Од ова може да се заклучи дека допрва ќе се утврдуваат активностите, моделите, итн. Значи во овој сегмент, планот нема точно дефинирани активности и конкретни модели. Генерално такви се мерките во сите наведени области, што според нас е соодветно за предизборна програма, но не за усвоена програма од страна на Влада како стратешки приоритет и тоа по поминати две години од нивното избирање од гласачите.

Се наведува дека допрва ќе биде воспоставен систем за следење на програмата, допрва ќе се подготви мониторинг план со мерливи и реални индикатори, и алатка за собирање и анализа на податоците. Ние сметаме дека сето ова требало веќе да е спремно и да се почне со реализација.

Овие нејаснотии, немање на интеримни рокови, немање на одговорна институција, немање наведени средства за секоја и од каде ќе се обезбедат, немање систем за следење на програмата, немање воспоставени мерливи и реални индикатори, немање алатки за собирање и анализирање на податоците, нè наведува на заклучок дека не се направени потребни анализи, не е изготвен детален и реален план, врз чија основа ќе се реализира програмата, конкретно, месец за месец, со видливи и мерливи резултати.

 

ИНБОКС7: Ќе се постигне ли посакуваниот ефект со планот?

Ели Пешева: Во мерките има многу “зголемено, зајакното, зачестено, воведување, стимулирање, примена, измени” и отсуствуваат конкретно наведни мерки каде би стоело точно за колку зголемено, за колку зајакнато, колку зачестено, како точно ќе се спроведе, тоа што се планира да се воведе, како ќе се стимулира, кои точно модели ќе се применат, законските измени кои ќе бидат и што тоа значи конкретно, импликации.

Со толку многу нејаснотии, немање конкретност во програмата/планот не знаеме каков ефект ќе се постигне. Планот е дефиниран за две години, што наведува дека нема што многу да очекуваме во текот на следнава година, а прашање е и на крај од втората дали ќе се постигне посакуваниот ефект. Ако мерките беа точно дефинирани, конкретни, со точни средства, со наведена одговорна институција која ќе ги спроведе, тогаш ќе можевме да одговориме на прашањето дали ќе се постигне посакуваниот ефект од планот.

 

ИНБОКС7: Дел од граѓанските здруженија и организации што се занимаваат со овaа тема, се согласни дека станува збор за мал износ на парични средства кои се издвоени за борбата со загадениот воздух и ова се чини како традиција во Македонија. Колку пари навистина се потребни?

Ели Пешева: Во последниве неколку години државата собира околу 180 милиони евра во вид на даноци поврзани со животната средина. Оваа година за борбата против аерозагадувањето Владата одвои само 1.6 милиони евра и тоа со препорака дополнителни финансиски средства да се обезбедат преку донации. Во вакви услови на енормно загадување, треба да чекаме милостина. Во предизборето, ветувањата беа дека: “Повторно ќе биде воспоставен Фондот за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животна средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата (службени патувања, плаќање телефони или опремање на кабинети на министрите). Ќе воспоставиме Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар ќе бидат наменет исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина.”

Зошто сега се бега од ветувањата, веројатно треба да ни го објаснат актуелните функционери задолжени за штитење на најдобрите интереси на граѓаните, а со тоа за нашето здравје и квалитетот на живот. Според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина, поради загадување на воздухот со PM2.5, азот диоксид и озон во Македонија годишно умираат 3,200 жители.

Го бараме она што следува, она за што се платени даноците на граѓаните, бараме исполнување на ветувањето каде секој денар од средствата добиени од такси за животна средина, ќе бидат наменети исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина. Овој буџет е еден од условите за решавање на проблемот, и се уште не е доцна оваа Влада да издвои повеќе средства за борбата против аерозагадувањетои да покаже дека е сериозна во исполнувањето на статешката цел која си ја поставила и во решавањето на овој проблем.

 

ИНБОКС7: Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека дел од мерните инструменти во мониторинг станиците за воздухот се набавени пред повеќе од 10 години, а во новиот план предвидена е набавка на нови мерни станици. На што се должи долгогодишната негрижа од страна на институциите?

Ели Пешева: Во константното маргинализирање на проблемот. Како е можно да зборуваме за толку сериозен проблем, кој се провлекува со години, а да дозволиме да стигнеме до ваков распад на сите сегменти на животната средина. Кај нас веќе не е проблем само воздухот во зима, туку низ целата година, и во летните месеци имаме неверојатни необјасниви пикови, имаме загадени води, имаме загадена почва, 16 жешки еко точки, меѓу кои и огромни депонии на повеќедеценски линдан, шестовалентен хрон, јаловини од стари рудници, најава за нови рудници, сечење на шуми, уништување на Водно. Ние сме во еден тотален општествен колапс, во кој поединци или групи профитираат на сметка на здравјето и животот на граѓаните. Оние кои треба да реагираат, пред се државната и општинските власти, институциите, одговорните функционери, сите кои можат, а не го прават тоа, се соучесници во ова масовно труење на сопствените граѓани.

Нефункционирањето на мерните станици ги оневозможува граѓаните да добијат базична информација за тоа како да си го планираат денот, животот. Кога нема информации, луѓето генерално се склони кон паника. Паниката не ја правиме ние, кои повикуваме на мерки, краткорочни и долгорочни, туку недостиг на валидни информации. Врз основа на нив, Министерството за животна средина треба да донесе одлука и дали ќе се влезе во вонредна состојба, кога ќе се алармираат граѓаните. Информации недостасуваат цело време, нема прогласување вонредна состојба, нема итни мерки, а со тоа се загрозува здравјето на сите на кои се изложуваат себе и децата на последиците од загадениот воздух.

За мерните станици се потребни сериозни средства, само да се поправат и одржуваат, камоли да се набавуваат нови. Тоа повторно не враќа на темата на буџетот и на прашањето зошто МЖСПП и Владата си дозволуваат толку мал буџет за аерозагадувањето?

 

ИНБОКС7: Прстот е секогаш вперен кон Владата и повисокиот круг на функционери и министри, но какво е Вашето искуство на терен кога станува збор на локално ниво, дали надлежните во општините се занимаваат со овој проблем?

Ели Пешева: Нашето чувство е дека надлежните во општините се кријат зад грбот на Владата, додека во меѓувреме, случајно или намерно им се провлекуваат, активности кои дополнително ќе го загрозат здравјето на граѓаните. Еве земете ја за пример скопската општина Гази Баба, нејзиниот градоначалник, објавува оглас за издавање на општинско земјиште на користење на период од 99 години, на компанија која ќе добие дозвола за Г1, или преведено на разбирлив јазик, тешка и загадувачка индустрија. Кој при здрава памет, во услови на вакво енормно загадување, при што Гази баба е една од најзагрозените општини, во 21 век, стационира тешка индустрија во сред град? И на сите аргументи, одговара само со „тоа е“. Да не зборуваме за југоистокот, во кој и покрај референдумите со кои жителите јасно го искажуваа својот став и страв од најавата за отворање нови рудници, процесот полека и суптилно, надвор од очите на јавноста, си тече. Има ли некаква одговорност? Очигледно, одредени бизнис интереси го прават невидливо и загадувањето, и сите опаности кои тоа со себе ги носи.

 

ИНБОКС7: Каков е нивниот повратен одговор кога им се обраќаат граѓанските здруженија, организации и активисти со конкретни решенија или пак, пријави и жалби?

Ели Пешева: Најчесто игнорирање, одложување, избегнување. Никако да сфатат дека се токму на тие позиции поради ветувањата кои ги дале кон граѓаните. Во предизборието на локалните, повеќето кандидати на скопските општини ги потпишаа барањата кои ние како граѓанско здружение им ги доставивме и се обврзаа на нивно спроведување. 18 месеци подоцна, со исклучок на кабинетот на градоначалникот Шилегов, сите останати едноставно ги игнорираат нашите барања да ни го соопштат статусот на нивното спроведување на мерките за заштита на животната средина.

Верувам дека со задоволство би сакале, нас граѓаните, да не направат пасивни и инертни, јавно да не прогласуваат за и непријатели ако треба, но никако да разберат дека граѓанската свест е будна. Дека иако можеби никогаш не сме сакале, сега мораме, да читаме годишни буџети, ГУП-ови и ДУП-ови, закони, членови и правилници, да се групираме и поддржуваме меѓусебно и конечно да притискаме за одговори и активности во корист на сите нас.

 

ИНБОКС7: Со дел од општините во кои успеавме да стапиме во контакт велат дека не добиле пријави од граѓани за загадувачи на воздухот. Што мислите на што се должи ова, односно зошто луѓето, не ги пријавуваат локалните проблеми токму во заедницата?

Ели Пешева: Причината е веројатно во фактот дека или не се доволно информирани за можностите кои им стојат на располагање за нивниот глас да биде чуен или не веруваат во институциите на системот дека ќе бидат ефикасни во решавањето на нивните проблеми.

 

ИНБОКС7: Што можат граѓаните да направат додека почнат да се реализираат мерките од програмата што ја предвидува Владата во наредните две години?

Ели Пешева: Можеме да бидеме гласни, да ги притискаме надлежните за повеќе пари, за финансирање на вистинските мерки кои ќе ја подобрат состојбата, да бараме одговори, но и да бараме одговорност. И секако, кога ќе дојде до примена на мерките, макар и на краткорочните, да разберат дека сите треба да излеземе од својата зона на комфорот. Тоа подразбира подолго време за да се стигне до дома, на работа, од точка А до точка Б, да се користи јавен транспорт (со надеж дека и тој ќе биде многу поквалитетен од постоечкиот), да ги остават своите автомобили, да не се греат на влажни дрва, на мазут, на јаглен, на отпадоци кои се штетни за сите, да бараат субвенции, да ги алармираат надлежните за секое прекршување од правни или физички лица. Доколку се во состојба да набават прочистувачи и да користат маски кога е најзагадено.