Денешна дата
14/12/2019

ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ ВО МАКЕДОНИЈА ГОДИШНО УМИРААТ 3200 ЖИТЕЛИ

  • Дел од мерните инструменти во мониторинг станиците набавени во 2002 година
  • За 2019 година предвидена набавка на една мониторинг станица
  • Дел од скопските општини со нула записници направени по пријави од граѓани за аерозагадувачи

 

Пишува: Бјанка Станковиќ

Европски, но и светски медиуми и понатаму пишуваат дека Македонија е една од најзагадените земји. Активистите постојано ги потенцираат информациите од најновиот извештај на Европската агенција за животна средина, во кој се вели дека поради загадување на воздухот со PM 2.5, азот диоксид и озон во Македонија годишно умираат 3,200 жители. Оваа бројка која треба да е црвен сигнал за Власта, само се провлекува низ социјалните мрежи.

Имено, Министерството за здравство како и секоја зима, со исти препораки: не излегувајте надвор од дома кога е загадено, јадете овошје и зеленчук. Министерот Венко Филипче на прес-конференција изјави дека освен препораките, министерството не може ништо друго да направи.

„Свесни сме дека тоа е проблем долги години наназад, меѓутоа решавањето сепак не е за почнато. Во овој момент кога директно се соочуваме со овој проблем ние во функција на министерство за здравство и Институтот за Јавно Здравје навистина не можеме да направиме ништо повеќе освен да излеземе со препораки до граѓаните, сметам дека преземаме максимално што можеме“ изјави министерот Филипче.

Тој најави дека здравствените власти ќе набават и 50.000 маски за граѓаните со хронични заболувања, но на јавноста се уште не и се познати деталите, како и кога ќе бидат дистрибуирани истите.

И додека хронично болните пациенти и граѓани ги чекаат или набавуваат маските за заштита од загаден воздух, Македонија се соочува со проблемот на нефункционални мониторинг станици за квалитет на воздухот. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) кое води евиденција за квалитетот на воздухот, надлежните тврдат дека во моментов на територијата на Република Македонија има 17 фиксни и 1 мобилна мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух и дека истите се во функција, со тоа што одредени мерни инструменти кои се инсталирани во истите се надвор од функција.

„Во секоја од мониторинг станиците има од четири до шест мерни инструменти (во зависност од локацијата) и сите тие функционираат независно еден од друг. Мерните инструменти кои се во функција или надвор од функција можете да ги видите на порталот за квалитет на воздух при МЖСПП “ – велат од министерството.

 

ЌЕ СЕ НАБАВИ САМО ЕДНА НОВА МЕРНА СТАНИЦА

 

Во дописот што го добивме од министерството, се вели дека станицата ќе биде поставена во пограничната област Гевгелија, а ќе има набавка и на мерни инструменти за постоечката станица во Битола1. Средствата за истите ќе бидат обезбедени од проектот „Развој и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот“, финансиран од програмата ИПА – Прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Грција за период 2014-2020 година.

Од МЖСПП велат дека дел од мерните инструменти во мониторинг станиците се набавени пред повеќе од 10 години. Па така, инструментите во Кочани, Кичевo и дел од инструментите во Куманово се набавени во 2002 година. Две години подоцна се набавени мерни инструменти за Гази Баба, Ректорат, Лисиче, Миладиновци, Гостивар, Струмица, Велес, Кавадарци, Битола 1, како и дел од инструментите во Битола 2. Седум години подоцна, односно во 2011 се набавени за Карпош и Центар, а ланската 2017-та, Тетово и Мобилната станица моментално лоцирана во Бутел, како и дел од инструментите во Куманово и Битола 2.

Но, иако дел од инструментите се стари, надлежните тврдат дека прегледот на податоците од извршените мерења која ја утврдува функционалноста на мониторинг станиците се врши редовно, на дневна основа.

„Редовно одржување на секој од мерните инструменти се врши на период од две недели. Додека пак, сервисирањето се врши во согласност со упатствата дадени од производителот на опремата или по настанат дефект (доколку постојат расположиви резервни делови). Калибрација на мерните инструменти се врши 2 до 3 пати годишно или по извршен сервис на мерните инструменти.“ – се вели во дописот од министерството.

Ели Пешева, активист и дел од О2 Иницијативата вели дека нефункционалноста на мерните станици ги оневозможува граѓаните да добијат базична информација за тоа како да си го планираат денот, но и животот. Во недостиг на информации, тие се склони кон паника.

„Информации недостасуваат цело време, нема прогласување вонредна состојба, нема итни мерки, а со тоа се загрозува здравјето на сите на кои се изложуваат себе и децата на последиците од загадениот воздух. За мерните станици се потребни сериозни средства, само да се поправат и одржуваат, камоли да се набавуваат нови. Тоа повторно не враќа на темата на буџетот и на прашањето зошто МЖСПП и Владата си дозволуваат толку мал буџет за аерозагадувањето?“ – изјави Пешева.

Владата во Предлог-буџетот за 2019 година, предвидува 11 милиони за Министерството за животна средина и околу милион евра за работата на Државниот инспекторат за животна средина. Но, ќе издвои почетен фонд од 1.5 милиони евра, кои ќе бидат дополнителни средства, покрај веќе постојните во различни министерства кои се поврзани со заштита на животната средина.

Граѓанските здруженија и активисти се согласни дека за проблемот се издвојуваат малку пари. Пешева вели дека буџетот е еден од условите за решавање на проблемот.

„Зошто сега се бега од ветувањата, веројатно треба да ни го објаснат актуелните функционери задолжени за штитење на најдобрите интереси на граѓаните, а со тоа за нашето здравје и квалитетот на живот. Се уште не е доцна оваа Влада да издвои повеќе средства за борбата против аерозагадувањетои да покаже дека е сериозна во исполнувањето на статешката цел која си ја поставила и во решавањето на овој проблем“ – додава таа.

 

ГРАЃАНИТЕ НЕ ГИ ПРИЈАВУВААТ ЗАГАДУВАЧИТЕ

 

Од скопските општини ги побаравме записниците кои ги водат инспекторите за животна средина по основ на пријави за загадување на воздухот. Според податоците што ги добивме, очигледно е дека граѓаните не се охрабруваат да ги пријават загадувачите во локалната самоуправа.

На ова се надоврзува и Пешева, таа во врска со овој проблем посочува две причини.

„Причината е веројатно во фактот дека или не се доволно информирани за можностите кои им стојат на располагање за нивниот глас да биде чуен или не веруваат во институциите на системот дека ќе бидат ефикасни во решавањето на нивните проблеми.“ – вели Пешева.

Дел од општините воопшто немаат направено записници, односно се немаат соочено со „пријавување проблем“. Па така, од општина Петровец велат дека немаат направено вакви записници во периодот од 2013 до 2018 година. Сличен е одговорот и од Арачиново. Оттаму велат дека во овој период немале пријави за загадување на воздухот, ниту пак имале инспекција за истото.

И во Чучер Сандево писмени пријави за загадување од засегнати граѓани – нема, како што се вели во дописот од општината.

Во Бутел поднесени се само две писмени пријаво до Секторот за инспекциски работи, односно, одделението за комунална инспекција и инспекција за животна средина на општината, кои се однесуваат на исто лице.

„По направениот увид констатирано е дека пријавата е лажна и тенденциозна.“ – изјавија од општината.

Од скопско Шуто Оризари, со краток одговор:

„За периодот кој го нагласивте во вашето барање за записници од Инспекцијата за животна средина нема од причина секој инспекциски надзор се прави согласно план и програма за Инспекцијата за животна средина.“

Надлежните од општина Центар, во текот на 2018 година постапиле по 20 пријави за угостителска дејност и е извршена контрола на 10 правни субјекти во однос на начинот на греење. Од општината се повикаа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно исклучок на давање информација поради заштита на личните податоци на субјектот на надзорот.

Додека пак, надлежните од Карпош, го изјавија следново:

„Овластениот инспектор за животна средина постапува по доставени пријави за загадување на воздухот од процесите на подготовка на храна во угостителска дејност и начинот на затоплување во правните субјекти.“

Најмногу записници се направени во 2013 година, односно 67 записници. Во 2014 и 2015 по 51 записник, во 2016-та 53 записници. Ланската година имало само 46, а тековната 45 записници. Оттаму, исто како и од Центар, се повикаа на Законот и не ги доставија копиите од записниците.

Од Аеродром велат дека овластениот инспектор за животна средина, постапува по доставени пријави за загадување на воздухот од процесите на подготовка на храна во угостителски објекти, како и за начинот на кој се загреваат истите и по пријави за загадување на воздухот од автомеханичарски работилници, поточно дали се придржуваат на законските одредби да го складираат отпадното масло во садови за таа намена како и за начинот на кој се загреваат автомеханирчарските работилници.

„Во текот од 2014 до 2018 година постапено е по 58 пријави за угостителска дејност и автомеханичарски работилници во кои континуирано се вршат редовни контроли (во текот на 2013 овластениот инспкетор за животна средина е на оправдано отсуство)“ – се вели во нивниот одговор.

Надлежните од Чаир, појаснуваат дека согласно законските надлежности и ингеренции, сите инспекциски надзори во врска со загадувањето на воздухот ги вршат заеднички со надлежните инспекторски служби од Министерството за животна средина и Град Скопје, односно пријавите на граѓаните се препраќаат до нив.

 

АКТИВНО ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО

 

Афродита Муслиу од здружението „Нексус – граѓански концепт“ кои ја креираа платформата Пријави.мк, вели дека пријавувањето на проблемите оди бавно, иако проблемот е навистина голем.

Но, освен што пријавувањето проблеми во државата оди бавно, уште побавна е правдата која се бара на суд. БИРН пишуваше за судската пракса поврзана со загадувачите. Имено, единствениот кривично осуден загадувач на воздухот од 2012 до денес е супермаркет од Гевгелија што испуштал непријатна миризба и голема бучава од вентилациските цевки и со тоа ги загрозил жителите на три куќи. Оваа пресуда била донесена од гевгелискиот суд во 2014 година и е единствената што може да се најде во судската архива на интернет во последниве седум години, што се однесува на загадување на животната средина со непридржување кон прописите. Компанијата била казнета со 130.000 илјади денари, а управителот со 61.500 денари.

Додека започне спроведувањето на мерките што ги предвиде Владата, препораките од сите еко-организации, здруженија и активисти се исти: Луѓето да бидат погласни и да ги „притискаат“ надлежните во врска со трошењето на финансии предвидени за аерозагадувањето, а во деновите кога воздухот е најзагаден да користат маски и пречистувачи на воздухот во своите домови.