Денешна дата
18/02/2020

Инфузија за покојникот

Буџетското помагање на увозници на хартија, на сопственици на печатници и на дистрибутерски фирми, е видливо дефектна состојба. Мирисот на печатарската боја одамна не е привлечна ниту за најголемите носталгичари

 

Пишува: Зоран Иванов

Невообичаено и повеќе од чудно е да се трошат пари за нешто што е минато, незадржливо мртво. Таа инвестиција е музејска и не ја бива. За прокламираните цели е однапред промашена инвестиција.

Најновата владина мерка за финансиска помош на печатени медиуми, на дневни весници за покривање на добар дел од трошоците на нивните сопственици за новинска хартија, за печатење и за дистрибуција не е само неекономска и контроверзна, туку во најмала рака е фаворизирачка.

Сосема е јасно дека во Македонија е завршено со печатените медиуми. Времето ги прегази. Ќе проживеат уште колку можат и со помош на платените владини соопштенија, објави за тендери и разни други државни содржини. Ете, дури и тоа токму и како владина финансиска инекција за нивно каково такво догледно крепење.

Никој веќе не купува весници. Тука и таму уште по некој пензионер, одделни државни институции и по купче, две тираж од пријателска компанија на сопственикот на весникот. Денес е толкава целата читателска публика на дневниот печат. Во меѓувреме, не чекајќи ги хартијата, печатницата и дистрибуцијата, журналистичките содржини што во своите рото изданија редакциите ги нудат за утре, преку нивните матични интернет страници консументите на големо ги читаат веќе сега.

На нашиот континент субвенциите за печатените медиуми се на издишување. Точно е дека во некои економски развиени земји тие се уште се помагаат со буџетски пари. И точно е дека секоја буџетска година, низ жестоки дебати за тие пари се тврди дека се фрлени низ ветер. И точно е дека  мотивот за таквите парични додатоци тамошните влади го правдаат со одржување во живот не на новинарството како чувствителна сфера во нивните демократски општества, туку на своите големи печатарски и хартиени индустрии. И, кај и да е, под притисок на новото време, на сѐ подинамичното, подоминантно и посеопфатно технолошко, информативно и социјално цунами, и таму, во тие уште малку земји, многу бргу ќе запре точењето владини пари за печатење дневни весници.

Буџетското помагање на увозници на хартија, на сопственици на печатници и на дистрибутерски фирми е видливо дефектна состојба. Од неа бенефит ќе видат само тие. Новинарите и новинарството ама баш ништо. Ориентацијата на современата читателската публика е веќе свртена кон пазарот на потврдените електронски изданија. Процентуалниот дијапазон помеѓу весниците и порталите е од поодамна неспоредливо предоминантен во корист на вторите. Во последниве десетина години драстичен е пресвртот на сметка на електрониката како печатарска и на и интернетот како дистрибутивна компензација. Тоа многу добро го знаат и во редакциите на дневните весници кои сега се радуваат на селективниот подарок од државата. Патем, нивните електронски изданија се  мал милион пати повеќе читани отколку нивните рото весници. Мирисот на печатарската боја одамна не е привлечна ниту за најголемите носталгичари.

Објаснувањата дека покривањето трошоци за хартија, за печатење и за дистрибуција ќе ја зајакнеле медиумската професионалност и дека ќе ги стабилизирале новинарските плати, не се приказни ниту за малите деца. Во својата блиц анализа оваа констатација многу прецизно ја детектира и познатиот новинар и публицист, доајенот Веле Митаноски. Тој потсетува дека нашето искуство и нашата реалност одат во прилог на заклучокот дека е погрешен приодот на владата за субвенционирање дневни весници. За него е недоволен и неубедителен аргументот на повикување на искуства од земјите на развиените демократии и оценува дека субвенционирањето весници значи враќање на состојбите од пред петнаесет години.

Новинарските здруженија пак и обично мошне активните раководства на еснафскиот синдикат и на етичкиот совет, за оваа владина одлука како да голтнале топче за пинг понг. Мошне очекувано, молкот оттаму набргу ќе се соочи со прашања од своето членство за нивната улога во владиното форсирање на нееднаков третман спрема медиумската селективност. За разлика од нивните раководства, одгласите во јавноста за овој владин потег, без исклучок се негативни.

Владата рескира за неколку дневни весници на кои најголемиот тираж им е ремитендата, да навлече гнев кај куп веќе професионално докажани и афирмирани електронски медиуми. Несомнено и тие посакуваат доза буџетски кислород за своите интернет информативни изданија. Една ваква ориентација за рамноправност и за здрава професионална конкуренција, секако би ги вклучило и интернет изданијата на весниците на кои сега владата сака да им ги плаќа хартијата, печатењето и дистрибуцијата. Токму нивните веб страници, а не нивните атрофирани и бесперспективни печатени изданија, се вистинските информативни авторитети достапни секому во секој миг од било која точка на планетата.

Медиумската печатарска приказна продолжува преку интернетот. Оваа револуционерна технолошка мас придобивка би требало да е мотив за државата. Наместо да плаќа за минатото, да ја субвенционира сегашноста. Парите за хартија, за печатење и за дистрибуција да ги пренасочи кај електронските весници и таму да ја помогне журналистичката професионалност. Тие се и медиумската и новинарската сегашност и иднина.

Идејата за донирање буџетски средства за дневни весници е нерационално и неумно трошење. Тоа е необјасниво државно инвестирање во минатото. Со овој кабинетски протекционистички потег парите ќе бидат фрлени, а ефектот за јавниот интерес никаков. Додатно, на владата не и треба нова афера како онаа се уште не изладената со парите за иновации.

И поради тоа сигурно нема да ѝ биде сеедно од реакциите предизвикани од нејзината инфузија за покојникот.

Или ќе ѝ биде. Можно е и тоа, власт е.