Денешна дата
23/09/2021

ДАЛИ ИВАНОВ Е ВМЕШАН ВО „КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК“?

  • Сведоци во судскиот случај посочуваат дека претседателот Ѓорѓе Иванов имал вмешаност во целото сценарио за „крвавиот четврток“.
  • Од Кабинетот на претседателот преку соопштение ги отфрлаат ваквите тврдења на сведоците.
  • Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека нема ништо што го спречува судот да упати покана и до Иванов.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Истрагата за „крвавиот четврток“ се повеќе се насочува кон кабинетот на првиот човек на државата. Во последните искази на неколкумина сведоци во судскиот случај за настаните на 27 април, се посочува дека претседателот Ѓорѓе Иванов и лица од неговиот кабинет имале вмешаност во целото сценарио за крвавиот четврток. Во сведоштвото на еден од обвинетите Александар Василевски – Нинџа се наведува дека шефот на државата требал да прогласи вонредна состојба, а потоа и да се уапсат високи функционери на СДСМ. Но, како што претходно беше сведочено „во намерата бил спречен под притисок на странски амбасадор“.

Во почетокот на септември оваа година и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски сведочеше дека еден од напаѓачите со фантомки му рекол „сега Иванов ќе прогласи воена состојба, сите ќе ве уапсиме“.

„Полицијата ниту еден од тие што не тепаа, не го приведе. Како да дошле на концерт, ги пуштија да си заминат. Еден од тие со фантомки тогаш ми рече: ‘Сега Иванов кога ќе прогласи воена состојба, сите ќе ве уапсиме’. Ти си луд, му реков“, сведочеше Спасовски.

 

ИСТРАГАТА ТЕЧЕ, ИВАНОВ НЕГИРА ВМЕШАНОСТ

На 27 април 2017, кога поголема група на демонстранти упаднаа во Собранието и ги нападнаа пратениците од парламентарното мнозинство, со нетрпение се очекуваше вонредното обраќање на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов. Пред настаните од „крвавиот четврток“ во медиумите беа објавени информации дека претсетаделот на државата, повикувајќи се на член 122 и 123 од Уставот, ќе прогласел воена состојба со цел да ги суспендира овластувањата на владата и собранието, при што целата контрола врз државата би преминала во негови раце. Но истиот ден, во 22 часот, само три часа по изборот на тогаш новиот претседател на Собранието Талат Џафери, Иванов излезе со вонредното обраќање до нацијата, но без да ја прогласи воената состојба.

Од Кабинетот на претседателот, пак, преку соопштение ги отфрлаат ваквите тврдења на сведоците.

Во Кабинетот на претседателот на Република Македонија никогаш ниту се разговарало, ниту се размислувало за прогласување воена или вонредна состојба. Сметаме дека последното посочување на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Борис Јосифовски, во функција на наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба на 27 април 2017 година е уште еден во низата очајни обиди за конструирање сценариои за неосновано вмешување на Кабинетот на претседателот на Република Македонија и лично на претседателот на Република Македонија во настаните од 27 април 2017 година“, се наведува во соопштението.

Околу една година пред настаните на 27-ми април Иванов имаше прогласено аболиција за сите лица кои беа дел од истрагите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), одлука која беше повлечена острите реакции во домашната и меѓународната јавност. Откако ја повлече одлуката, Иванов ја образложи истата како „превентивна“ и ја спомна опцијата за воведување на воена состојба.

„Првата опција беше да дејствувам реактивно. Тоа подразбираше да стојам по страна, и да чекам се додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата. Но, со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена и отворена за илегална миграција. Тоа ќе беше сигнал за милиони потенцијални мигранти дека Балканскиот коридор е повторно отворен. Тогаш Македонија ќе беше преплавена со мигранти. Втората опција беше превентивна. Тоа подразбираше да наметнам нови правила на наметнатата игра со Македонија. Да превземам контрола врз играта и да обезбедам предност за Македонија“, објаснил Иванов во изјава дадена во јуни 2016 година, пренесува порталот СДК.

 

УСТАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ: СУДОТ МОЖЕ ДА ГО ПОВИКА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ, БЕЗ ОГЛЕД НА НЕГОВИОТ ИМУНИТЕТ

 

Сепак претседателот Иванов, без оглед на неговиот имунитет, може да седне во судницата за да му бидат поставени прашања, доколкуе посочен и е споменувано неговото име за наводна вмешаност, велат за Инбокс7 уставните експерти.

Доколку обвинителството смета дека тоа ќе придонесе во расветлување на случајот, претседателот може да биде повикан да сведочи пред судот. После тоа, во текот на постапката или на крајот, откако ќе биде завршен претресот, обвинителството може да го прошири обвинението, бидејќи како што гледаме досега никој од организаторите и нарачателите не е ставен во обвинителниот акт. Ако биде повикан тој ќе биде должен да сведочи без оглед на неговиот имунитет, единствено во кривична постапка, имунитетот може да се бара да се симне ако во случајот му се одреди притвор“, објаснуваат уставните експерти.

Тие велат дека постапката тогаш е органот што го бара притворот го известува Уставниот суд дека е покренат процес и дека од наведени причини се бара одземање на имунитетот. Уставниот суд одлуката ја носи со двотретинско мнозинство.

Но, дали посочувањата на дел од сведоците дека и претседателот Иванов бил дел од сценариото за настаните на 27 април ќе бидат доволна причина, шефот на државата да биде повикан за да даде свој исказ? Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека нема ништо што го спречува судот да упати покана и до Иванов.

„Како сведок нема никаква пречка теоретски, дури и во обвинителство може да го повикаат и да почне постапка за да се бара некаква одговорност. Сепак мислам дека клопчето се одмоткува и оди во насока да се дојде до одговорните односно нарачателите на сето тоа што се случи. Кој е во врвот на оние кои го планирале крвавиот четврток тоа допрва треба да се утврдува и каква била улогата на претседателот на државата“, вели Калајџиев.

Но за тоа дали би можел да заработи кривична пријава и да се соочи со обвинение за настаните на 27 април во Собранието, прво ќе треба да му се симне имунитетот, додава Калајџиев, а тоа е малку покомплициран процес. Без него ќе остане единствено кога ќе му престане и функцијата.

За активна вклученост во случувањата на 27 април се посочуваат и Борис Јосифовски, генерален секретар на Кабинетот на шефот на државата и Синиша Алексовски, тогашен советник за државна безбедност на Иванов. Јосифовски, како што на судењето тврдеше Александар Василевски Нинџа бил на осмиот кат во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ од каде се давале наредбите за организираниот напад на Собранието. Од Јосифовски им стигнала информацијата дека ќе биде прогласена воена состојба. Истото го тврдел и Алексовски кој рекол дека во 22 часот претседателот Иванов ќе прогласел воена состојба а воена полиција ќе го апси раководството на СДСМ.

За случувањата во Собранието на 27 април деновиве притвор му е одреден на поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Во процесот се обвинети вкупно 33 лица, одкои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Меѓу обвинетите има неколку пратеници, припадници на МВР и од собраниското обезбедување.

Latest posts by Администратор (see all)