Денешна дата
14/12/2019

Македонско-грчкиот подвиг наречен Преспански договор

пишува : Денко Малески

 

Потпишувањето на Преспанскиот договор е голем подвиг за општества какви што се македонското и грчкото, во кои политичарите на својата професија не гледаат како на процес за решавање на големите, стратешки, проблеми на државата, туку како на непрекината серија жестоки, тактички, пресметки за лични и партиски придобивки. Кога, згора на тоа, тие самите се или намерно ги држат народите заробеници на историски митови, сликата е комплетна. Потврда е нашиот повеќедецениски спор. Но, сега кога интересите на големите западни сили за решавање на македонско-грчкиот спор извршија пресуден притисок да се смени таквото поведение и се најдоа луѓе и партии кои одлучно застанаа зад компромисното решение, потребна е безрезервна поддршка во реализацијата на овој мировен план. Мигот е навистина историски. После стогодишна војна, два балкански народи, македонскиот и грчкиот, се подготвуваат да си пружат рака на помирување. Компромисот е обостран: ние се согласуваме да се откажеме од митовите за Голема Македонија и за античките Македонци, тие, пак, се согласуваат да се откажат од митовите за Голема Грција и за „грчкиот збор Македонија“, кој не може да означи словенска нација и јазик. Се согласивме и на географска одредница – Северна Македонија. Така, историскиот јазол, конечно, е отплеткан. Со Договорот, „хардверот“ кој ќе не внесе во НАТО и во ЕУ, е поставен. Следува поставувањето на европскиот „софтвер“: нови добрососедски политики кои ќе ја променат ултра-националистичката свест кај народите, обединети околу заедничката човечност.

„Едно човечко суштество е дел од една целина, кое ние го нарекуваме „универзум“, дел ограничен во времето и во просторот. Тој се доживува себеси, неговите мисли и чувства, како нешто издвоено од останатите – еден вид оптичка илузија на свеста. Оваа илузија е еден вид затвор за нас, ограничувајќи не на нашите лични желби и на чувства кон луѓе кои ни се најблиски. Нашата задача мора да биде да се ослободиме од овој затвор, ширејќи го нашиот круг на сочувствување за да ги опфати сите живи суштества и сета природа во нејзината убавина“, ќе напише Алберт Ајнштајн. Во годините пред нас, кога и ние ќе станеме дел од единствениот европски политички и културен простор, ќе следи продор на објективната историска вистина за Македонија и за заедничкото страдање на нејзините народи. Таа вистина за заедничката мака, ќе не обедини  околу заедничката човечност. Зашто, кога ќе го прифатиме тој факт, имено, дека сме сите ние луѓе, и кога ќе почнеме да сочувствуваме со маката на другиот, сме излегле од затворот за кој пишува големиот научник. Во нашиот случај, од затворот на грчкиот и на македонскиот национализам. Клучот е во нашите раце.

В`очи референдумот реков дека треба да замижиме пред сите партиски поделби и злоупотреби и да гласаме „за“ европска Македонија. Се чини дека и сега, до конечното усвојување на договорот од страна на двете држави, ќе треба уште да мижиме. А, понекогаш и да затвораме очи и уши.  Во реализацијата на овој мировен проект, партијата на власт главно  се потпира врз своите активисти и симпатизери и врз своите стари, некогаш скинати, па набрзина закрпени, врски. Се потпира и врз институциите кои, иако поделени, преку репрезенти кои се „за“, манифестираат фиктивно единство и поддршка со владата. Мораме да замижиме пред фактот дека некои од интелектуалците кои се јавуваат во улога на фронтмени во амандманската расправа, биле на спротивната страна, менувале партиски бои, не биле приврзаници на компромис во време кога не било исплатливо да се биде тоа, или едноставно се конфликтни личности. И ќе замижиме. Она што ме загрижува е дека нивниот, како од нафталин изваден нормативен говор нема да може да допре до срцата и повреденото достоинство на граѓаните и да ги придобие за новите политики.

Човек може само да крене раменици и да рече: Било што било, сега тие се главните за спроведување на договорот кој не води во НАТО и во ЕУ. Сите анимозитети мора да се остават по страна за да се реализира планот да се спаси македонскиот брод да не потоне во уште една политичка криза и безбедно да стаса до модерниот свет. Во вакви моменти, секогаш се сеќавам на зборовите на Бернадр Шо дека кога тоне бродот не е време за израмнување на стари сметки туку дека сите треба да се фатат за кофи и за пумпи. Ако, пак, сте еден од оние кои мислат дека цел живот сте фрлале кофи додека други забушавале, знајте: виновен е моралниот принцип во вас и големиот небески свод над вас.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.