Денешна дата
20/11/2019

Општините тонат во долгови, градоначалниците бараат фискална децентрализација

Задолжувањата на општините се должат на нивното нерационално работење и нереално планирање на буџетите

Пишуваат: Ѓурѓица Бојчовска и  Љубица Иванова

 

Во Република Македонија многу од општините тонат во долгови  и имаат блокирани   сметки. Тие им создаваат големи проблеми на општините заради што не се во состојба  успешно да ги извршуваат законски доверените надлежности и да даваат  квалитетни услуги на граѓаните. Околу 20 општини имаат континуирано блокирани жиро сметки, од кои некои и со децении.

Меѓу причините за таквата состојба се нерационалното работење и нереално планирање на нивните буџети, како и превработеноста во општинските администрации. Голем дел од буџетските средства се трошат токму на платите и на придонесите на вработените.

 

НАЈЗАДОЛЖЕНИ ОХРИД, ТЕТОВО, КАРПОШ И КУМАНОВО

 

Од поголемите општини најзадолжени се Охрид, Тетово, Карпош и Куманово.

Иако на прв поглед избалансираноста помеѓу приходот и расходот, кај некои од општините, можеби и не изгледа запрепастувачки, запрепастувачки се цифрите кои директно укажуваат на износот на пријавените доспеани, а неплатени обврски на општините.

Секоја година општините тонеле во долгови. Многу од нив креирале огромни буџети и преземале обврски кои не можат да ги платат.

Оттаму и долговите. Владата на Република Македонија донесе нов закон за ребалансот на буџетот од кој ќе обезбеди поддршка 51 % за неплатените обврски на општините. Со ребалансот на буџетот ќе им помогне на општините да ја подобрат финансиската состојба. Со тоа што ќе им овозможи и воспоставување механизми за раздолжувањето, исто така ќе им овозможи простор за нови проекти.

Законот  за финансирање на Единиците на локална самоуправа и Законот за финансиска поддршка  на единиците на локална самоуправа е изгласан во Собранието  на 13 ноември 2018 година.

Од Министерството за финансии ни ги доставија двата закони, Законот за финансирање на Единиците на локална самоуправа и Законот за финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа. Нивната цел е за санирање на општинските долгови. Но пред се тоа да не се повтори.

Бројката на општини чии сметки се блокирани се менува на дневна основа. Така на 27-ми ноември годинава со блокирани сметки биле 17 општини.

Графика според објавени податоци на задолженост на општините во Службен весник на РМ, бр. 209 од 15.11.2018 година

Од графичката презентација се гледа дека најзадолжена општина во Република Македонија е општина Охрид. Веднаш зад неа по задолженост се навидум богатите градски општини Тетово, Карпош, Битола. Од општините задолженоста ја оправдуваат со нереалните ветувани проекти во времето на предизборието. Тоа особено го ветувале градоначалниците и нивните партиски централи неводејќи сметка за реалните општински приходи.

 

ЗАДОЛЖЕНОСТА И ЗАВРШНИТЕ СМЕТКИ 

Експертите велат дека задолженоста на една општина не е пропорционално со исходот од завршните сметки на приходи и расходи, односно ако општината е во суфицит не мора да значи дека не е задолжена. И обратно – ако општината е во дефицит не мора да значи дека општината е во долгови. Познавачите на проблематиката објаснуваат дека суфицитот ни покажува колку парични средства остануваат на крајот од годината, за да се додадат на буџетот за следната година како вишок на приходи. Дефицит пак е негативната разлика –недостаток. Долговите не влегуваат во приходи/расходи.

 

Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес, смета дека за дел од долговите не се виновни општините бидејќи тие се настанати во претходниот систем, а како обврски за експропријација на земјиште им се пренесени на сегашните општини.

Дел од долговите, според него, се заради несоодветните решенија за превоз на учениците откако средното образование стана задолжително.

„Поради што училиштата општините им создаваат големи долгови. За третиот и најголем дел од долговите виновни се градоначалниците затоа што грубо кршејќи ги законите, со цел да се додворат на избирачите, граделе повеќе отколку што имале средства, со што енормно ги задолжиле своите општина“, додава Коцевски.

Тој нагласува дека, непочитувањето на законите, непреземање на казнени мерки, создадената штетна системска пракса да се штитат должниците наместо доверителите, доведе до ваквата состојба. Со доследно почитување на законите и со преземање на законски санкции против неодговорните градоначалници долгови нема да се создаваат“, подвлекува Коцевски.                   

 

ПРЕВРАБОТЕНОСТА – ГЕНЕРАТОР НА ДОЛГОВИ            

Други фактори кој влијаат за задолжувањата на општините е и превработеноста во  општинската администрации. Слична е и состојбата на јавните комунални претпријатија на општините и на Град Скопје.
Со превработеноста општините парите ги трошат за плати на заслужни партиски кадри без потреба вработени во општинската администрација и во јавните претпријатија, наместо за инфраструктурни проекти за подобрување на квалитетот на живеење во локалните заедници.

Моментот кога ветувањата, особено ветувањата за капитални објекти како изградба градинките за деца, пробивање нови улици, реновирање на училишта и бројни скапи комунални проекти како што се водовод и канализација, на пример, за кои граѓаните го дале својот глас на избори, не можат да се исполнат, е моментот кога општините влегуваат во загуба.

Меѓутоа ако градоначалниците ги задолжиле општините во име на идни проекти, а истите не ги реализирале до пред истекувањето на мандатот, тогаш логично се поставува прашањето за тоа на што се потрошени општинските пари ако не за тоа што било ветувано и планирано.

Одговорот на ова прашање делумно се гледа и во завршните сметки на биланс на приходи и расходи од буџетот на општините. Тие јасно упатуваат на фактот дека најголем дел од приходите се наменети за плати на вработените во администрациите, поради што релативно останува мал дел од средствата да биде наменет за сè останато, па последователно на тоа општините си дозволуваат задолжувања.

 

КУМАНОВО ОТПЛАЌА ДОЛГОВИ ОД ВРЕМЕТО НА  СФРЈ, А ПЕХЧЕВО Е ПОД БЛОКАДА ОД 2009 ГОДИНА

 

Новите градоначалници не можат битно да ги менуваат условите во Општината. Дел од нив наследија блокирани општински сметки. Сите отплаќаат стари долгови. Кај некои општини што имаат презадолжување што довело до блокирани сметки. Нечии општински долгови се влечат дури од поранешна Југославија. Кај некој долгот е стар околу десетина години. Низ годините долгот растел поради камати и поради дополнителни задолжувања што ги правеле градоначалниците за некои нови проекти.

Градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчевски, вели дека законот за финансирање на општините ќe го олесни начинот на функционирање на општината, така што ќе може да реализира нови капитални проекти.

,,Министерството за финансии по претходно буџетирање од страна на Општина Пехчево, проценува која е вредноста, која може да ни биде одобрена за истото тоа задолжување. По претходно реализирани  приходи. Така,  на тој начин се избегнува потребата на задолжување на општините и пред се зависно од менаџирањето, односно начинот на градоначалникот ги предвидува самите средства”, вели Тренчевски.

Тренчевски уште вели дека многу е важно што владата на Република Македонија излегува во пресрет со најавеното  раздолжување на општините , во висина од 51 % од нивните долгови и што тие се неповратни средства. Тоа, додава тој, ќе им ја олесни работата и функционирањето на општините па и на општините па и општина Пехчево ќе може да ги реализира капиталните проекти.

 

ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА САМО НА ОБВРСКИ, А НЕ И НА ПАРИ

Истражувањето на новинарскиот тим на СКУП Македонија покажа дека општините во земјава од нивното формирање до денес тонат во долгови. Некои од нив се наследени, повеќето се направени уште од првата година од нивното формирање и се провлекуваат и зголемуваат до денешен ден. Општините се должни на повеќе компании за услугите што ги побарале. Должат на градежни компании, на дистрибутери на нафта, должат за струја, вода и за што уште не. На не мал број единици на локалната самоуправа со години им се блокирани и сметките па се финансираат со привремени одлуки на Владата на Република Македонија.

Под притисок на побарувањата на своите пари за извршените услуги од страна на компаниите, извршната власт реши на собранието да му предложи закон за санирање на дел од долговите на општините. Законот е усвоен и во овој период општинските администрации очекуваат да ги добијат ветените пари кои, како што налага законот, се строго наменски за враќање на долговите.

 

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ЕЛС?

 

                                                           Член 2
Финансиската поддршка се однесува за финансирање на пријавените доспеани, а неплатени обврски на општините и единки корисници во Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврските заклучно со месец септември 2018 година.

                                                        

                                                         Член 4

Вкупниот износ на обезбедени средства како финансиска поддршка за финансирање на доспеани, а неплатени обврски за општините и единки корисници изнесува 3.032.383.086 денари, односно 51% од вкупниот пријавен износ на општините и единките корисници, заклучно со месец септември 2018 година. Средствата од ставот 1 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија за 2018 година, раздел 09002- Министерство за финансии- функции на државата, програма 2 – Функции, потпрограма 20- Функции, ставка 464- Разни трансфери.

 

                                                         Член 5
На општините поединечно им се распределуваат финансиски средства во висина од 51%  од износите утврдени од членот 3 од овој закон.

 

                                                         Член 7
Општините и единките корисници имаат обврска доделените средства да ги користат исклучиво за намената утврдена во членот 2 од овој закон.

Согласно законот, казни во износ од 1.000 сè до 5.000 евра во денарска противвредност можат да бидат изречени на градоначалниците во случај на прекршоци. Надзор на нивната работа ќе врши Министерство за финансии преку финансиската инспекција во јавниот сектор.

 

Новите градоначалници немаат избор. За да добијат државни пари за отплата на половина од долговите условот е тие пари да ги потрошат на отплата на своите стари долгови, а не и со овие пари да реализираат изборни ветувања. Сега тие мора да се грижат за долговите на општината и да одвојуваат средства за платите и надоместоците за општинската администрација.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, вели дека главните причини поради кои општините се задолжуваат е затоа што со години наназад се вршела децентрализација во делегирање на обврските со несоодветна фискална децентрализација, односно со недоволно обезбедени средства.

,,Во Општина Битола од вкупниот буџет се издвојуваат 38.48% на плати, во кој се вклучени платите и на локалните институции и училишта, што значи дека општината не издвојува поголем дел од буџетот за плати и не се соочува со превработеност. Во Општина Битола има 150 вработени лица на неопределено време и две вработени лица на определено време“, вели Петровска.

Градоначалничката додава дека една од основните функции на Општина Битола е да биде сервис на жителите на општината, така што преку различни форми на делување (месни урбани заедници, училишта, населби) ги одредува приоритетите на своите жители. Оттука, при планирањето на буџетот за наредната година, се земаат во предвид нивните приоритетни барања, а се издвојува и за развојната компонента на градот, која ќе им обезбеди подобри услови на живеење на граѓаните.

Ивица Димитров, градоначалник на Општина Виница на оваа тема за СКУП вели:

,, Поради ограниченоста на Буџетите, т.е. малите приходи кои се собираат од основниот Буџет, а се со цел да се реализираат основните капитални проекти кои се во интерес на општината, голем број општини мора да се задолжуваат. Доколку процентот на ДДВ кое се враќа на општините или доколку се зголемат средствата од Владата до општините, дел од нив не мора да земаат кредити или да се задолжуваат по друга основа“.

Овој пат Владата на Република Македонија преку државниот буџет им помогна на општините. Но тоа, судејќи според досегашната практика нема многу да помогне зашто и реалните потреби на општините за реализирање на тековните обврски но и поради преголемите апетити на градоначалниците и на нивните политички партии во борбата за власт на граѓаните им ветуваат и брда и долини. Секогаш апетитите се поголеми од можностите па локалната власт влегува во проекти кои не може самата да ги плати. И така од избори до избори македонските општини се постојано во долгови, со блокирани сметки и со недовршени проекти. Одговорност нема и општинските долгови се постојан проблем на државата.

Дали е дојдено време за преиспитување на поставеноста на единиците на локалната самоуправа, на рационализација на бројот, на економскиот критериум како единствено валиден за опстојување на една општина. Одговорот на овие прашања ќе треба да ги дадат политичките партии и Собранието на Република Македонија. Дотогаш и со општинските финансиски загуби Република Македонија тони во уште поголеми долгови.

 

Графика – приходи и расходи на општините од 2013 до 2017 година

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)