Денешна дата
19/04/2019

Рејчел Галовеј, британска амбасадорка: Владеењето на правото во случајот на г-дин Груевски требаше да се спроведе во Македонија

Инбокс7: Македонија е во процес на усвојување на уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор, процес што се ближи кон крајот. Сметате ли дека има шанси за некакви компликации до завршувањето на процесот?

Рејчел Галовеј: Процесот се уште тече, првото гласање беше во октомври, во изминатите неколку денови ја следевме втората фаза, сега се во тек јавните консултации и финалното гласање. Преспанскиот договор е историска шанса што и дава на Македонија можност да го реши долготрајниот проблем, за двете земји носи стабилност, просперитет и помага на Македонија да ја исполни нејзината стратешка цел, евро-атлантската интеграција.

 

Инбокс7: Пратениците од опозицијата кои гласаа за отворањето на Уставот беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и видни партиски личности. Од оваа временска дистанца, како ја гледате улогата на ВМРО-ДПМНЕ во целиот процес на решавање на прашањето за името со Грција?

Рејчел Галовеј: Пратениците се избираат за да ги претставуваат ставовите на граѓаните. Граѓаните во Македонија многу долг период се изјаснуваат што сакаат, а тоа е да бидат дел од Европа и дел од НАТО. Сите политички партии постојано тврдат дека тоа е нивната цел. Така што, со почнувањето на јавните консултации во Скопје и другите градови во земјата се дава можност граѓаните да се вклучат,  можност за сите чинители без разлика на нивната политичка страна да се вклучат и да работат во интерес на граѓаните на Македонија.

 

Инбокс7: Опозициските партии на етничките Албанци изнесоа барања за уставни измени кои не се дел од Преспанскиот договор и се однесуваат на статусот на етничките Албанци во Македонија. Ако се земе предвид тенкото двотретинско мнозинство, дали се јавува дополнителна можност уставните промени да не се усвојат?

Рејчел Галовеј: Македонија е земја на различности. За една земја да биде функционална демократија треба да ги претставува и вклучува различните компоненти на своето општество. Затоа разбирливо е луѓето да сакаат да видат промени и да преговараат за нивните страни во општеството. Сепак, разбирливо е исто така што во моментот чинителите сакаат да се фокусираат на главните стратешки цели за кои има консензус од целото општество, а тоа е евро-атлантската перспектива за Македонија.

 

Инбокс7: Дали има руско влијание во Македонија и колку тоа може да ја оддалечи земјата од зачленувањето во НАТО и ЕУ?

Рејчел Галовеј: Македонија е суверена држава и во таа насока има право сама да носи одлуки за себе. Како што истакнав досега неколку пати, граѓаните се имаат произнесено дека сакаат да бидат во Европа, да бидат дел од НАТО и тоа е нивната одлука. Затоа е уште повеќе важно за реформите, да има посилни институции, да се сузбие корупцијата затоа што тогаш Македонија ќе има повеќе капацитет да се справи со неповолното влијание, без разлика дали доаѓа однатре или надвор од земјата.

 

Инбокс7: Споменавте корупција, колкаво сметате дека е нивото на корупција во земјата? Дали имате и некои лично искуство да споделите?

Рејчел Галовеј: Во однос на мое лично искуство за корупција, досега сум немала такво откако сум во земјата. Сите со кои сум се сретнала се однесувале со мене многу коректно. Но, свесна сум за историјата на земјата и проблемите од минатото кои сега владата се обидува да ги реши. Ова е една од областите на која владата планира да работи. Мислам дека е потребно да се врати вербата на граѓаните во институциите да се поврати довербата.

 

Инбокс7: Поддржувате проекти за реформа на македонската администрација. Веројатно сте ги виделе извештаите за тоа што е направено во изминатите години. Дали има некаков напредок во работата на администрацијата затоа што ние како граѓани не можеме да го видиме тоа, барем не во голема мера?

Рејчел Галовеј: Не би можела да понудам анализа на напредокот во моментов, но знам за владините планови, областите во кои рекоа дека ќе се фокусираат како судството, реформата на јавната администрација, борба против корупција, и тоа се вистински области за фокус. Овие области се важни за ЕУ, важни се и за НАТО, но уште поважно, како што споменавте, важни се за граѓаните на Македонија. Ние поддржуваме проекти во споменатите области и ќе продолжиме да се фокусираме на нив.

 

Инбокс7: Дали сметате дека има уште да се сработи во овие реформи?

Рејчел Галовеј: Да, сметам дека треба уште работа.

 

Инбокс7: Новата влада која ја предводи Зоран Заев дојде на власт со големи амбиции за позитивни промени, реформи и економски бум. Една и пол година подоцна резултатите не одговараат со ветените цели. Нема значајни промени во судството, како и во борбата против организираниот криминал и корупција, нема конфискација на имот а економскиот раст е најнизок во регионот. Која е Вашата оценка за работата на владата?

Рејчел Галовеј: Не би давала оценки, би истакнала дека во изминатата година и пол се случија Преспанскиот договор и договорот со Бугарија кои не се мали работи. Тоа се големи достигнувања. Многу храбри одлуки. Во исто време се отпочна со реформската агенда и македонските граѓани треба да ги видат резултатите од неа. Се надевам на понатамошен напредок во овие области во претстојните месеци. Се донесуваат закони во парламентот, институциите треба да донесат некои одлуки и се надевам дека ќе видиме уште повеќе напредок.

 

Инбокс7: Дали би можеле да го преведете Вашето мислење во оценка, на пример од 1 до 10? Која оценка би и ја дале на владата?

Рејчел Галовеј: Не би можела да давам оценки со бројки.

 

Инбокс7: Но, дали би го положила испитот?

Рејчел Галовеј: Да.

 

Инбокс7: На референдумот во 2016 година Обединеото Кралство реши да излезе од ЕУ. Македонија и нејзините граѓани очајно бараат од политичките елити да ги забрзаат реформите за земјата да стане членка на ЕУ. Можете ли да ни кажете каде е подобро, внатре или надвор од ЕУ?

Рејчел Галовеј: Во ЕУ членуваат суверени земји кои избираат да се дел од Европската Унија. Британските граѓани одлучија да ја напуштат и тоа е процесот на кој ние сега работиме. Македонските граѓани се изјаснија дека сакаат да станат дел од Европската Унија и ние му даваме поддршка на тој процес. Што и да се случи кога Британија ќе ја напушти Европската Унија, Обединетото Кралство и Македонија ќе продолжат да имаат блиски односи како и секогаш и ние ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите европски амбиции.

 

Инбокс7: Како би го коментирале бегството на господинот Груевски, поранешниот премиер? Дали сметате дека давањето на азил од страна на Унгарија е оправдано и очекувано или пак сметате дека господинот Груевски треба да има фер судење овде во Македонија?

Рејчел Галовеј: Македонија неодамна излезе од политичка криза која делумно беше и за владеење на правото и за преземањето одговорност. Сметам дека е важно за иднината на Македонија овие случаи да се процесуираат до крај и да има одговорност за работите кои се случиле. Владеењето на правото требаше да се спроведе во Македонија. Тоа ќе беше најдоброто за прашањата на одговорност и помирувањето овде во Македонија.

 

Инбокс7: Како граѓанин јас го чувствувам разочарувањето меѓу народот во Македонија по ијавите на некои од претставниците на меѓународната заедница дека прашањето за името не значи автоматски членство во ЕУ и НАТО. Која е Вашата порака за македонските граѓани? Кои знаци треба да ги следат во иднина?

Рејчел Галовеј: Сметам дека има две работи. Едната е дека на Македонија треба да и се признае за храброста за Преспанскиот договор. Тој не е лесен договор и треба да се уважи од луѓето надвор од Македонија. Но, реформскиот процес, реформите кои НАТО и ЕУ ги бараат пред Македонија да стане нивна членка се исто така во интерес на македонските граѓани. Политичарите во Македонија треба тоа да го испорачаат за своите граѓани и затоа ЕУ и НАТО интеграциите се во интерес на Македонија. Затоа што преку нив Македонија ќе биде подобра за своите граѓани.

 

Инбокс7: Ваша Екселенцијо, Ви благодарам за интервјуто.