Денешна дата
11/12/2019

СЕКОЕ ДОМАЌИНСТВО ВО ПРОСЕК ДОЛЖИ ПО 4.700 ЕВРА ВО БАНКА

  • За една година – од 30 јуни 2017 до 30 јуни 2018 – задолженоста на домаќинствата во Македонија  по основ на кредити пораснале за 9,2%
  • Задолженоста на домаќинствата е релативно ниска и постои можност за натамошно задолжување на граѓаните, смета НБРМ
  • Од 2019 година граѓаните ќе добијат личен кредитен рејтинг, што треба да го олесни добивањето на кредит кај банките

 

Пишува: Игор Петровски

 

Расте задолженоста на домаќинствата во Македонија, покажуваат податоците на Народната банка (НБРМ) заклучно со вториот квартал во 2018 година.

На 30 јуни годинава вкупниот износ на кредитната изложеност на секторот население (домаќинства) кон домашните банки бил 164 милијарди денари, или 2,67 милијарди евра, што е за 9,2% годишен пораст, а 2,5% пораст во однос на претходниот квартал.

Ако се земе предвид бројката од околу 566 илјади домаќинства во земјава, според државниот Завод за статистика, тогаш во просек секое домаќинство должи по околу 290 илјади денари или 4.700 евра во банка по основ на разни видови кредити.

Најголем пораст за една година, или 14,7% има кај станбените кредити, пред потрошувачките кредити чијшто износ се зголемил за 11,2%, негативните салда по тековните сметки коишто пораснале за 4,2% и категоријата “други кредити“ со пораст од 1,1%.

Најголем пад, пак, во износот на кредитната задолженост има кај кредитите на трговци поединци, коишто од 30 јуни 2017 до 30 јуни 2018 паднале за речиси 15%, додека двојно помала стапка на пад има кај автомобилските кредити, од 7,7%. Состојбата со сумата на задолженост по основ на кредитни картички во текот на една година речиси и да не се променила, односно се намалила за само 0,2%.

Без малку половината пак, или 48,8% од задолженоста на домаќинствата отпаѓа на потрошувачките кредити (80 милијарди денари или 1,3 милијарди евра). Потоа, следат станбените кредити со 26,4% (43,3 милијарди денари или 704,6 милиони евра), задолжувањата по кредитни картички со 14,2% (23,3 милијарди денари или 380 милиони евра), негативните салда по тековни сметки со 7,7% (205 милиони евра), итн.

Најмал дел од кредитната изложеност се автомобилски кредити со само 328 милиони денари/5,33 милиони евра или едвај 0,2% од вкупната кредитна задолженост на категоријата население/домаќинства.

 

НБРМ: НЕМА ПОТРЕБА ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ

 

Растот на задолжувањето на населението го продолжува трендот од 2017 година, што според НБРМ не треба да предизвикува загриженост, поради релативно ниската задолженост на секторот “домаќинства“ во целина. Според последниот годишен Извештај за финансиската стабилност за 2017 година, растот на расположливиот доход на македонските домаќинства е поголем од растот на учеството на каматните отплати во просечниот долг за последните четири години.

“Малата системска ранливост на домаќинствата како целина, ја потврдува нивната солидна платежна способност и можноста за натамошно задолжување и воедно не предизвикува поголеми ризици од секторот домаќинства“, се вели во Извештајот на НБРМ. Сепак, забележуваат аналитичарите од Народната банка, „треба да се има предвид  дека намалувањето на каматните отплати може да се поврзе и со постојниот надолен тренд кај каматните стапки, како и продолжувањето на рочноста пред сѐ кај потрошувачкото кредитирање.“

 

ЛИЧНЕН КРЕДИТЕН РЕЈТИНГ ОД 2019 ГОДИНА

 

Од следната година се најавуваат новитети во делот на способноста на граѓаните за задолжување, односно воведувањето на личниот кредитен рејтинг од страна на Македонското кредитно биро. Тоа ќе им помогне ако бараат, полесно да добијат кредит, а на банките да им го одобрат. Лесно достапна ќе им биде и информацијата кој и по кој основ им ја блокирал сметката.

„За секој граѓанин е важно да знае во ова време на динамика каде должи, што должи и колкав износ на обврски има, за да може и да има увид и да не се соочи со зголемување на трошоците во намирување на обврските“, рече Тони Трајанов, директор на Македонското кредитно биро за телевизијата Алсат – М деновиве.

Податоците на Бирото покажуваат дека во државата вкупно 1,2 милиони граѓани се задолжени на кредитни картички, а 140.000 се жиранти на други кредитокорисници. Македонското кредитно биро располага со информации за сите обврски кои ги имаат граѓаните кон фирмите, банките, државните и јавни институции.