Денешна дата
14/12/2019

Здравство

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели,  би сакал да повторам кои се основните столбови на кои што почива едно современо општество; образование, здравство и инвестирање во прогресивна иднина.

Денеска би сакал да се осврнам на улогата на здравствениот систем, погледната од перспектива на современиот развиен свет.

Во сржта на секое модерно општество безпоговорно клучниот фокус мора да биде врз квалитетните здравствени политики. На секој човек му е потребно достоинствена и квалитетна здравствена грижа.

За да се воспостави квалитетен здравствен систем мора да се земат предвит неколку сегменти: квалитетни здравствени установи ( амбуланти, клинички центри), фармацевтската индустрија и современите технолошки достигнувања во најсофистицираната медицинска опрема. Сите овие компоненти ќе овозможат човекот да има континуирана и темелна грижа за своето здравје.

Сведоци сме дека фармацевтската индустрија и развојот во современата медицинска опрема во светот достигнуваат врвни резултати кои овозможуваат квалитетно дијагностицирање, лекување и што побрзо оспособување на пациентот и негово враќање во нормалното секојдневно живеење.

Во развиените општества кои имаат сериозни стратегии по овие прашања се инвестира многу, а тоа се одразува и врз просечниот животен век кој е продолжен во последната половина на овој век скоро за 20 години.

Затоа, најприоритетното и најургентното прашање што треба да си го постави секое општество, а особено ние овде е како да се создаде функционален, ефикасен и хуман здравствен систем кој ќе се грижи за секој граѓанин подеднакво.

Иако јас немам експертиза во оваа област, сепак моето искуство ми дозволува да дадам предлози како да се дојде до едно одржливо и прифатливо ниво. Затоа ќе набројам кои се нештата кои по мене се од клучно значење за подобрување за девастираниот здравсвен систем во ова општество.

Првенствено нужно е постојано инвестирање во едукација и доедукација на  медицинскиот кадар, почнувајќи од лаборанти, сестри, доктори. Тие се оние кои ја имаат најголемата одговорност за здравјето на целокупното население, а само адекватното знаење и стручност можат нивните услуги да ги направат квалитетни.

Инвестирањето во овие кадри овозможува примена на најновите достигнувања во медицинските науки, но и во фармацевтската индустрија и индустријата за медицинска опрема.

Би можел да ви укажам на два примера преку кои може да согледаме што значи добро организиран здравствен систем.

Уште од раните 90-ти години на минатиот век јас важам во познатата АКХ Државна болница во Виена, Австрија, како најголем донатор на приватно лекување на лица кои доаѓаат од Република Македонија. Сум го помогнал до сега лекувањето на 107 наши сограѓани. Не се случило ниту еден од оние кои заминале таму на лекување да не се врати закрепнат и покрај комплексноста на дијагнозите.

Во времето кога бев спонзор на Ракометниот Клуб Ѓорче Петров, беа извршени 25 успешни операции на ракометарките од клубот. Имајќи предвид дека станува збор за напорен спорт, успешноста на операциите беше огромна, што тие до ден денеска немаат никакви последици. Сите оцие операции беа направени од реномираниот хирург Др. Шенк, специјалист по спортска хирургија.

Овие две мои искуства со здравствениот систем во Австрија, се потврда дека добрата организација во здравствените услуги и врвното инвестирање во стекнување на современи знаења во областа на медицината, се силна гаранција за здравјето на човекот.

Би сакал да се осврнам на реалноста поврзана со здравствениот систем во нашата Македонија.

Ние имаме добар медицински кадар. Многумина од нив имаат и светски признанија за своите постигнувања. Но прашањето е зошто тој високо едуциран медицински кадар нема услови за да ја извршува својата хумана професија и да спасува животи. Зошто до ден денешен не се обезбеди добра инфраструктура, медицинска опрема, и внатрешна болничка организациска структура, како и квалитетни фармацевтски производи, за да може да имаме јавно здравство кое ќе биде на услуга на секој граѓанин.

Голем противник сум на набавка на ефтини лекови со сомнително потекло, што подразбира сомнителни состојки во нивната изработка.

Како што во модата постои бренд кој е гаранција за квалитетот, така и во фармацевстката индустрија точно се знае кои се корпорациите кои произведуваат квалитетни лекови.Не смеат моите сограѓани да бидат лекувани со лекови кои ќе предизвикаат несакани и штетни последици.

Најголемата институција во Македонија во јавното здравство е Клиничкиот Центар во Скопје. Не би сакал да употребам поостри зборови, но јасно е од реакциите на пациентите и од сето она што може да се проследи во медиумите, а што секојдневно се случува во Клиничкиот Центар дека станува збор за речиси целосно распаднато јавно здравство и за незадоволни пациенти.

Се прашувам ЗОШТО? Одговорно и со мирна совест можам да констатирам дека онака како што сега работи Клиничкиот Центар е речиси целосно нефумкционален и неможе да ги задоволи ниту основните здравствени услуги.

Повторно ќе го земам примерот на АКХ болницата во Виена која исто така е јавна здравствена установа. Таа е сместена во една зграда, висококатница, организирана до совршенство. Можеме да ја земеме за пример оваа болница како треба и физички како објект и организационо и специјалистички да функционира нашиот Клинички Центар.

Се прашувам и себеси, а и вас драги мои читатели и сограѓани, зошто дозволивме да користиме здравствени услуги во систем кој го прегазило времето и не умееме согласно нашите финансиски и институционални можности да создадеме јавно здравство кое што ќе ги задоволи достоинствено барем во голема мера потребите на секој граѓанин.

Модерниот свет чекори напред инсистирајќи на синергија помеѓу добро организираниот и функционален здравствен систем кој ќе биде достапен за секого, со добро образован и обучен кадар, со софистицирана медицинска опрема и со најквалитетни фармацевтски производи.

ДАЛИ ЌЕ ИЗВЛЕЧЕМЕ ПОУКА?

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.