Денешна дата
13/11/2019
По повеќекратните ургенции од страна на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, надлежните служби на Република Албанија ги обезбедија побараните докази кои треба да бидат преземени од наша страна. Во меѓувреме се прибираат и анализираат и други докази, а се сослушуваат и сведоци во насока на расчистување на случајот.

Груевски престојува во луксузен хотел во периферијата на Будимпешта

  • Гуревски два дена ги полни медиумите со фотографии и видеа од Будимпешта
  • Поранешниот премиер и во Унгарија има сопствен возач кој го чека во возилото додека тој јаде во елитни ресторани во Будимпешта
  • Унгарските новинари имаат неофицијални информации каде престојува Груевски 

 

Пишува: Александар Тодески

Поранешниот премиер Никола Груевски веќе два дена е мета на унгарските медиуми – Го фотографираа како шета, а потоаи како руча во еден од најелитните ресторани во Будимпешта.

„Кафе 57“ е елитниот ресторан во кој Груевски одлучил да јаде вчера, а пред кој новинарите од унгарскиот портал „24.hu трпеливо го чекале.

Двајца новинари и еден фоторепортер од порталот вчера извадија фотографии и видео запис од осудениот екс премиер, кој во опуштена атмосфера руча со две засега непознати лица.

Неочекувано, на вратата му се поставуваат прашањата „Како ја напуштивте Македонија“, „Дали Унгарија ви помогна“, но тој како што правеше и во Македонија, ги избегна новинарите. Влезе во автомобил „Волксфаген Шаран“ со унгарски регистарски таблици, каде го чекаше возач, и веднаш замина.

 

НОВИНАРИТЕ ГО „УЛОВИЈА“ ГРУЕВСКИ ВО БУДИМПЕШТА

Еден од новинарите кои го уловија екс премиерот, Солт Кернер, за Инбокс 7 изјави дека не се изненадени од односот на Груевски кон медиумите, бидејќи таков однос имале и унгарските политичари. Вели дека не очекувале тој да застане и да одговори на новинарските прашања.

„Има неколку гласини за тоа каде престојува. Според нашите информации, тој престојува во помал луксузен хотел во периферијата на Будимпешта, но има неколку такви, па се уште не знаеме точно во кој престојува“, вели Кернер.

Дописникот на „Гардијан“ од Будимпешта, Даниел Нолан пак, пред два дена објави фотографија од Груевски како шета низ престолнината на Унгарија, а фотографијата ја објави на социјалната мрежа Твитер под наслов „Го фатив жив! Пребеганиот македонски екс премиер забележан во Будимпешта“. До него, на фотографијата, се забележува и човек кој многу наликува на Александар Трајковски, советник во општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но и обвинет во случајот на СЈО за шамарите во Центар. Сепак, дали е тоа Трајковски и дали тој се дал во бегство заедно со неговиот поранешен лидер или пак е отиден да го види, ќе се дознае во понеделник, кога треба да се појави на закажаното рочиште во Кривичниот суд.

 

БЕГСТВОТО ОСТАНУВА ЕНИГМА ВО МАКЕДОНИЈА

И додека во Унгарија се оди чекор понапред и се бараат одговори од Никола Груевски, кај нас се уште стои отворено прашањето како тој излегол од границите на Република Македонија и дали и кој му помогнал.

Кривичниот суд и официјално истакна дека нема пропуст кај Пајазит Пајазити, судијата кој ја  напиша поканата за затвор за Никола Груевски, но нема информации до каде е истрагата која се води во Министерството за внатрешни работи, ниту пак дали некој ќе понесе одговорност.

Во исто време кога шефицата на обвинителството за организиран криминал, Вилма Рускоска зборуваше за истрагата која ја води за бегството на Груевски, протече и видеото на Груевски, па таа не можеше да каже дали тоа ќе и биде дополнителен доказ. Сепак, рече дека ќе се истражува кој го фотографирал Груевски и од каде потекнува фотографијата на која тој со црвена јакна шета низ Будимпешта.

„Веројатно ќе видиме од каде потекнува и кој ја сликал. Во обвинителството ќе бидат повикани сите за кои сметам дека може да дадат одредени информации во врска со бегството. И досега сослушувавме лица од неговото обезбедување и ќе продолжиме во таа насока”, рече вчера обвинителката Рускоска и најави дека со повеќе информации за предистражната постапка ќе се јават во наредните две недели.

Унгарските власти се уште немаат одговорено на барањето за екстрадиција кое Министерството за правда го испрати на повеќе од 700 страници. Сепак, нашите власти иако помина веќе еден месец, се уште се надеваат на екстрадиција. За разлика од нивниот оптимизам, еврокомесарот Јоханес Хан вели дека не очекува Унгарија да го испрати Груевски во Македонија на одлежување на казната затвор, иако освен барањето за екстрадиција од македонските власти, негова екстрадиција побараа и голем дел од европратениците.