Денешна дата
26/11/2020

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДА ИЛИ САМО КОЗМЕТИЧКИ ПРОМЕНИ?

  • Неколку министри се дел од афери, други се под истрага а трети немаат резултати.
  • Ќе има ли реконструкција на Владата или повторно само козметички промени?
  • Заради сериозните процеси низ кои минува државата, премиерот Заев рече дека не размислува за реконструкција.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Пред да стане премиер Зоран Заев најави нов начин на водење на извршната власт. Беше дециден дека ќе се збогува со секој владин функционер кој нема да испорача резултати.

Но неколку месеци потоа, Заев рече дека не може за секој мал пропуст да се менуваат министри и функционери. „Ако така бараме оставки, потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта“, изјави Заев во јули ова година, откако во јавноста изби аферата со доделување на грантови од Фондот за иновации вреден 10 милиони евра на луѓе блиски до власта.

Во нормални околности, познавачите на приликите велат дека на половина министри и на поголемиот број вицепремиери од владиниот кабинет би им се разнишале позициите и тие брзо би ги напуштиле фотелјите. Но, практиката кај нас со години наназад покажува дека и покрај сериозни пропусти, грешки, па и влегување во криминал им се прогледува низ прсти и не се бара никаква одговорност.

Ќе има ли реконструкција на Владата или повторно како во мај годинава козметички промени? Премиерот Заев во неколку негови изјави потврди дека има министри од кои не е задоволен од нивната работа. Сепак, пред неколку дена рече дека не размислува во овој период да направи сериозно проветрување во министерските кабинети, туку само одредени смени.

Реконструкција на Владата ќе нема, но веројатно ќе има смена на министри. За реконструкција не размислуваме при вакви сериозни парламентарни процеси. Ако некој министер не доаѓа во Владата, логично е дека треба Владата да седне, да размисли тоа да се промени“, рече Заев.

 

ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЛИКА НЕ ДОАЃАШЕ НА РАБОТА, НА ОСМАНИ МУ ВИСИ „ПАЦИЕНТ“

За недоаѓањето на работа Заев веројатно мислеше на Хазби Лика, вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем за кого неофицијално се вели дека е прв на списокот за да замине од владиниот кабинет. Тој подолго време не присуствуваше на седниците на Владата ниту се појавувал во својот кабинет, неофицијално, затоа што му бил лут на лидерот Али Ахмети.

Според владини извори, поради неговото отсуство од работа не можело да се изврши распределувањето на вработените по Рамковниот договор, на кои не им е дадена работна обврска, иако редовно земаат плата. Во обид да се оправда ваквото негово однесување, портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, неодамна на новинарско прашање за недоаѓањето на работа на Лика, рече: „Во одреден период тој не доаѓаше на владините седници, но тоа не значи дека не ги исполнува неговите тековни обврски“.

За вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи пак, Специјалното јавно обвинителство отвори случај наречен „Пациент“. Тој како поранешен министер за здравство од 2010 е еден од 15 осомничени дека  фаворизирал и доделил јавна набавка на фирма од Бугарија, иако не ги исполнувала условите. Фирмата била избрана да реконструира неколку болници, и тоа во Тетово, Охрид и Гинеколошката клиника во Чаир. Османи на прес-конференција тврдеше дека во неговото работење нема никаква незаконитост и до СЈО доставил документација која го потврдувала тоа, но засега се уште нема никаков исход. Премиерот Заев рече дека ќе го чека судскиот епилог и додека не се докаже дали има вина, и дека дотогаш нема да го разреши.

 

ОДГОВОРНОСТА НА СПАСОВСКИ ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ

Човекот од доверба и долгогодишен соработник на Заев, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, наводно разговарал со премиерот за својата оставка како морален чин по бегството на Никола Груевски. Ова го обелодени Заев во интервјуто за Радио Дојче Веле, но како што истакна, тој не видел пропуст кај министерот за тоа и оттука немало потреба од такво нешто. Меѓутоа, освен оваа изјава на Заев, министерот Спасовски не излезе јавно да каже дали има пропуст во обезбедувањето на Груевски да не избега и дали тој чувствува одговорност.

За вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој по новинарите фрлаше со фломастер, се плетат разни афери – од добивање тендери на фирми блиски до него, до судир на интереси преку средства добиени од Фондот за иновации од кои потоа се откажа. И самото негово влегување во Владата беше оценето како проблематично поради тоа што беше сопственик на фирмата за производство на струја ЕДС и за која во јавноста имаше сомневање дека преку неа тој ќе ја добие продажбата на струјата во земјава, па поради тоа ја продаде на грчкото електростопанство.

 

ФАЗЛИУ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА ПРИЈАВА, АДЕМИ СКЛУЧИЛ 27 ТЕНДЕРИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ

Најнов скандал во Владата е кривичната пријава од Финансиска полиција за министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу. Тој и неговиот претходник Лирим Шабани се товарат за незаконска исплата на хонорари во износ од околу 37 илјади, пари од фондовите на ИПА и оперативната програма меѓу Македонија и Бугарија. Ова е потврдено и во ревизорскиот извештај, а пари од буџетот на министерството се вратени во ИПА фондовите. Министерот Фазлиу ги отфрла обвинувањата и вели дека тоа било направено од неговиот претходник.

И кај министерот за образование, Арбер Адеми постои сомнение за злоупотреба на средства и на службената положба. Тој во фотелјата на прв човек во образованието седна во мај годинава а веќе по три месеци, односно во август  склучил 27 тендери во четири очи, а кои тежат 7 милиони евра. Но, за ова покрај тоа што се обелодени во јавноста никој не покрена и не бараше одговорност од него. Засега се молчи и се остава „снегот да ги покрие трагите“.

 

СПОРНИ ТЕНДЕРИ НА МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ, ДУРАКУ „НЕВИДЛИВ“ ВО ЗАГАДУВАЊЕТО

Спорниот тендер за набавка на тестови и реагенси вреден над 35 милиони евра кој министерот за здравство Венко Филипче го поништи поради како што изјави неправилности во тендерската документација но и тоа што имаше само еден понудувач не ги запре сомнежите во јавноста. Тендерот беше спорен по неколку сегменти а најмногу по тоа што новоформираната  фирма  АХР ЛАБ која требала да биде подизведувач, регистрацијата за увоз на лекови ја добила четири дена пред отворање на понудите.  Министерот Филипче минатиот месец најави дека повторно ќе биде распишан тендер. Во меѓувреме Основното јавно обвинителство отвори предистражна постапка за овој случај, а се истражува и набавката на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во вредност од 24,6 милиони денари.

Скандалозната изјава на министерот за животна средина Садула Дураку кој рече дека не го интересираат граѓаните предизвика револт и барање негова оставка. Иако проблемот со загадувањето е секојдневен, министерот кого воопшто го нема во јавност како да не е заинтересиран за неговиот ресор, па целата работа се префрли на неговиот заменик Јани Макрадули.