Денешна дата
26/10/2020

НАДЛЕЖНИТЕ ГИ ЗАБОРАВИЈА „КРЕАТИВНИТЕ РЕШЕНИЈА“ ВЕТЕНИ ЗА ЦЕНТАРОТ ЗА ЗАВИСНИЦИ ВО КИСЕЛА ВОДА

  • Дислокацијата на Центарот за зависници е најголемото ветување од сите кандидати за градоначалници во Кисела Вода
  • Жителите кои живеат веднаш до центарот секојдневно внимаваат да не нагазат игли и шприцови бидејќи ги има насекаде, во огромен број
  • Децата од основното училиште во близина на Центарот за зависници неретко се сведоци како зависниците користат наркотични средства, бидејќи тоа можат да го видат од прозорците во училиштето

 

Пишува: Александар Тодески

На навидум едно од најмирните места во Скопје, до една од патеките која води кон Водно, жителите повеќе од три децении водат војна со локалните власти како да се реши проблемот со зависниците од дрога. Наместо да се лечат во Центарот за зависници, тие го користат паркот кој е веднаш до нив за да консумираат најразлични наркотици.

 

Наместо да се лечат во Центарот за зависници, тие го користат паркот кој е веднаш до нив за да консумираат најразлични наркотици.

ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ВЕТУВААТ РЕШЕНИЈА, НО НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ

Решение за овој проблем ветуваат кандидатите за градоначалници од сите партии, но никогаш тоа не се случило. Пренамена на Центарот за зависници во поликлиника ветуваа и екс градоначалничката Билјана Беличанец – Алексиќ и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, но откако Беличанец – Алексиќ седна во градоначалничката фотелја, тој проект се заборави.

И актуелниот градоначалник, Филип Темелковски вети „креативни решенија“ за Центарот за зависници, но пред повеќе од еден месец, граѓаните одлучија преку протести да го потсетат за ова негово предизборно ветување.

Во овој дел од Кисела Вода израснале многу генерации, но како што велат жителите, ниту едно дете не уживало во паркот кој сега е речиси руиниран, бидејќи тука наоѓале зависници со шприцот во раце. Наместо детски насмевки, тука се слушаат извици од зависници по консумирањето на наркотични средства.

Ветувањата за решение на овој проблем се најразлични, но до сега немало ниту еден градоначалник кој одвоил ресурси за граѓаните конечно да имаат живот без игли и остатоци од наркотични средства. Нема ниту целодневна полициска патрола која на краток рок би го решила проблемот со расфрланите остатоци од зависниците иако овој дел од општината е познат како „дувло“ на зависниците.

 

ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ДОДЕКА НЕ СЕ ИСПОЛНИ ВЕТУВАЊЕТО НА ТЕМЕЛКОВСКИ И ФИЛИПЧЕ

Инбокс7 направи прошетка низ паркот, каде единствено можат да се забележат празни шишиња од наркотични средства, шприцови со крв и игли. Жителите не предупредија да внимаваме каде газиме, бидејќи зависниците користеле и мали игли, кои ги документиравме во фотографии.

Жителите не предупредија да внимаваме каде газиме, бидејќи зависниците користеле и мали игли, кои ги документиравме во фотографии.

„Ова на што сте сведоци, е причина зошто нашите деца ги носиме да си играат далеку од местото каде живееме, иако преку улица имаме парк со фонтана. Ова е и причината зошто излеговме на протест, преку глава ни е од празни неисполнети ветувања додека живееме во страв дали нешто ќе нагазат нашите деца додека одат на училиште“, сведочи еден од жителите на улицата Марко Орешковиќ.

На 30 ноември, по одржани повеќе протести, градоначалникот Темелковски и министерот за здравство, Венко Филипче се соочија со револтот на граѓаните, кои истакнаа дека додека не видат како тој простор се претвора во поликлиника, нема да веруваат на ветувањата на политичарите. Протестот на граѓаните продолжи со блокирање на неколку улици кои водат до Центарот за зависници, со цел да ги потсетат надлежните дека очекуваат брзи решенија.

Сликата наутро, како што велат граѓаните е најстрашна, бидејќи често се случува да видат зависни како лежат во паркот голи и предозирани. Уште пострашен е фактот што учениците од Основното училиште „Круме Кепески“ низ прозорците од училниците се сведоци како зависниците користат наркотици, бидејќи како што велат жителите, тука има паркирани камиони позади кои зависниците се кријат од минувачите на улицата, но не и од учениците и наставниците.

 

ОПШТИНАТА ВЕТУВА ДИСЛОКАЦИЈА, АМА НЕ КАЖУВА КОГА

Од општина Кисела Вода за Инбокс7 велат дека овој проблем на бил дел од предизборните ветувања на градоначалникот Филип Темелковски, но фактите кажуваат спротивно – дека во неговата програма тој ветува „креативни решенија“ за Центарот за зависници.

Решавањето на овој проблем на бил дел од предизборните ветувања на градоначалникот Филип Темелковски.

„Градоначалникот Темелковски неодамна заедно со министерот за здравство Венко Филипче ги повикаа граѓаните на средба во Општина Кисела Вода каде ги слушнаа нивните проблеми и ги информираа дека се работи на решение на проблемот кое би им било од корист на жителите и на лицата го посетуваат Центарот за зависности. Тимови составени од експерти од Министерството за здравство, Општината Кисела Вода, Министерството за труд и социјална политика и Полициската станица Кисела Вода заеднички бараат решение за проблемот“, велат од општината.

Темелковски тогаш вети полициски надзор, но наспроти ветеното, полициско засилување околу Центарот за зависници нема.

Прашања за тоа кога и каде ќе се дислоцира Центарот испративме и до Министерството за здравство, кое е најповикано, но одговор не добивме. И додека надлежните избегнуваат одговори каде и кога ќе се дислоцира центарот за завници, граѓаните велат дека нема да бидат мирни додека решението не е целосно, бидејќи времето е дојдено локалната власт и Министерството за здравство да го решат проблемот кој со децении ги остава без сон.