Денешна дата
26/11/2020

Северна Македонија како нова точка на помирување на Балканот

пишува : Денко Малески

 

Татко ми, еден од основачите на модерната македонска држава и нација не сакаше да зборува за историјата на Македонија. Кога, неговиот пријател професорот Цанко Христов, ме поттикнуваше да се посветам на изучувањето на нашето минато, тој не беше расположен тоа да биде мојата идна академска преокупација. Тој, имено, пишуваше, зборуваше и работеше со невидена жар за сегашноста и иднината на Македонија и Југославија. Без нашето дело, нема на што да стојат идните генерации, рече само во една прилика. Мотото на оваа генерација партизани беше исто како и во другите републики на федерацијата: Нема Македонија ( односно Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина или Словенија), без Југославија и нема Југославија без Македонија. Кога исчезна Југославија, наша задача беше тоа да го демантираме. Дека може да постои македонска држава и нација и без Југославија. Конечно, објективно зборувајќи, друг избор немавме. Фрлени во брановите на меѓународната политика, моравме да пливаме сами. И испливавме. Македонија стана членка на Обединетите нации, универзалната организација на државите во светот. Она во што не можеме да ја демантираме партизанската генерација и покрај сите вратоломии на некои од македонските политичари и нивните игри со антикомунизмот и антиквизацијата, е дека без нивното дело, немаме на што да стоиме и дека тонеме длабоко – во распад.

Приказната не е толку сложена за да не можат денес да ја разберат Каменос и  Каракачанов и не е толку едноставна како што ја прикажуваат грчките и бугарските националисти. Роден во 1919 во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна кралството Југославија, и запишан во книгите како Владимир Маљевиќ, партизанската  генерација на Владо Малески учела во српски школи, за, кога дошле пресудни времиња, да ја апсолвира историската дилема на нашиот народ: има или нема македонска нација.  Има македонска нација, ќе речат комунистите, решавајќи го националното прашање на мултинационалната федерација Југославија, но, нема да останат само на зборови. Ќе вложат огромни лични напори тоа да се случи. Коминтерна? Заборавете на идеолошкиот предзнак, мислете со јазикот на меѓународната политика, со јазикот на моќта, и кажете дека македонската држава и нација, во рамките на Југославија, била создадена и со поддршка на Русија. Фер, нели? Големите сили секогаш ја одредувале рамката на светската политика. Затоа внимавајте да не обвинувате, зашто тоа е исто како да ја обвините Америка за тоа што нејзината помош беше пресудна за опстанокот и меѓународното признавање на истата таа држава на почетокот од деведесеттите.

Македонските партизани ќе го прогласат постоењето на македонската нација, како што подоцна разбрав, и пред воопшто да го прочитале „За македонските работи“ на Крсте Мисирков. Како е тоа можно, се прашував? Одговорот е едноставен: истата мака го произвела истото решение. Кога денес ја следиме нашата историска национална линија, ни станува јасно дека односите меѓу балканските држави и оние меѓу големите сили ја исклучувале можноста од остварување на панбугарската идеја – сите Бугари во една држава. Неуспешните обиди, по серија крваво задушени востанија, македонските Бугари, како што ги нарекувале другите во странство и се нарекувале себеси овие жители на  Отоманската империја, ја произвеле алтернативата: своја нација и држава. И во случајот на Мисирков и во оној на партизаните, примарната грижа бил  како да се сочува нашиот народ и неговата територија.

Значи, застрашувачките околности пред балканските војни и оние пред Втората светска војна, ја произвеле формулата за спас: да се земе судбината во свои раце. Денес, кога нашата држава, нашата нација и нашиот јазик се меѓународно признати, таа линија ни е многу појасна. Тоа е затоа што, како што пишува Хобсбаум, вистинската нација може да биде препознаена и признаена само a posteriori. Мисирков, за да ја спаси својата Македонија од поделби се залага за „национален сепаратизам“ за напуштање на пан-бугарската идеја и за прогласување на македонска (словенска) нација со свој македонски јазик. Иако сите предупредувања во неговата толку модерна  анализа на меѓународната политика , „За македонските работи“, напишана пред сто и петнаесет години, се точни, идејата не се реализирала. Зад идејата за единствена Македонија, имено, не стоела моќ. Зад идејата на поделби, пак, стоела моќта на околните држави. Неколку децении подоцна, за „јужносрбијанците“, македонските партизани, дилемата не била толку тешка како кај Мисирков. Знаеле дека не се Срби и посакале своја нација и држава. Значи, партизаните успеваат да ја реализираат идејата на Мисирков, на дел од територијата на географска Македонија, за која комисијата на Карнеги, згрозена од варварството на етничките балкански војни,  ќе напише дека прогласување за суверена држава на отоманската провинција Македонија, ќе беше најпосакуваното и најправедното решение.

Македонија е наша, скандираат денес грчките националисти, а бугарските одговараат дека е нивна. За која Македонија зборуваат, терминот, сепак, внесува забуна. Всушност, ако зборуваат за оваа Македонија, за Северна Македонија, таа е наша. Очигледно, балканските национализми сѐ сеуште живи и здрави. Уште не излезени од спорот со Грција, Бугарија ни е зад петици. Србија, која има други приоритети, не држи на око. Историјата како да се повторува пред нашите очи. Но, во услови кога имаме своја држава и своја нација и поддршка од САД и ЕУ, треба да се соочиме мирно со предизвиците на кои се изложени сите во меѓународната политика . И треба да знаеме дека за првпат во историјата ние сме во предност: реалната политика поаѓа од она што е, а не од она што некој би сакал тоа да биде. Реалната политика поаѓа од она што сме, а не од она што некој сака да сме. А, реалност е дека постои македонска држава, македонски јазик и македонска нација. Се друго, бледнее пред оваа реалност. И Републиката, а не само балканските национализми, е жива и здрава.

Од Грците направивме пријатели, ќе направиме и од Бугарите. Северна Македонија како новата точка на историско помирување меѓу балканските народи? Звучи неверојатно, но може да биде токму така.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.