Денешна дата
13/11/2019

Побогатите ќе плаќаат повеќе данок, некои дури и трикратно

Од 1 јануари 2019 ќе стартува прогресивното оданочување на личниот доход во Македонија. За некого тоа ќе значи плаќање и на ДДВ и на персонален данок на доход, што значи раст на даночните давачки и за повеќе од три пати

Прогресивниот данок ги предомислува оние кои работат за странски компании да плаќаат данок во странство 

 

пишува: Игор Петровски

Марија и Александар се млад брачен пар. Таа Македонка, тој државјанин на ЕУ, но живеат и остваруваат приходи во Македонија и се даночни обврзници на државава. За потребите на овој текст нивните имиња се сменети, како и нивната професија, затоа што сакаа да останат анонимни, но се вистински ликови.

Марија и Александар работат маркетинг консалтинг за големи странски компании и заработуваат многу повеќе од просекот на македонските плати. Претходно живееле во неколку европски земји, но, како што велат, во Македонија се “скрасиле“ затоа што, меѓу другото, имала едноставен даночен систем, рамен данок и ниска даночна стапка.  Но, Александар се плаши дека нивните животи, сепак, ќе се сменат со најавите за прогресивно одданочување и нивната регистрација за ДДВ обврзници од идната година. Имено, со новиот Закон за данок на личен доход од први јануари 2019, се предвидува делот над годишниот доход од 1.080.000 денари, односно над 90.000 денари на месечна основа, да се оданочува со повисока стапка од 18 отсто, наместо како што беше досега со рамниот данок од 10 отсто.

Марија и Александар се само едни од многуте клиенти на даночниот консултант Павле Гацов кои побарале помош од него во врска со новата законска регулатива.

„Овие млади луѓе имаат долгогодишни договори со странска компанија и промените во оданочувањето го погодуваат нивниот семеен доход. Освен со прогресивниот данок на доход, двајцата добиле решение од Управата за јавни приходи за одделна регистрација за ДДВ за изминатата година. Ова ја прелило чашата. Велат дека се подготвуваат за враќање во татковината на Александар и дека кога ќе ги соберат даноците (ДДВ и данокот на доход) што ќе ги плаќаат овде, и семејниот доход што се оданочува во земјата на Александар, ефективната даночна стапка таму е помала од македонската“, вели Гацов.

 

 

 


Наместо 10 отсто “персоналец“, за некого вкупното даночно оптоварување ќе порасне и на преку 30 отсто

 

За да ни илустрира што конкретно значи промената на Законот за данок на личен доход, Гацов ни направи една пресметка за случајот на Марија и Александар и практично, за сите останати што влегуваат во категоријата на физички лица со поголем доход од 1.080.000 денари годишно.

„Тие  остваруваат доход од 1.500.000 денари годишно, секој одделно. Со новата регулатива, тие стануваат ДДВ обврзници и оваа сума ќе им се оданочува со стапка од 18 отсто. ДДВ е вклучен во сумата и изнесува 228.814  денари во нашиов пример. Тоа што ќе остане станува основица за пресметување на персонален данок, односно, сума од  1.271.186 денари, која што го  надминува за 191.186 денари делот од 1.080.000 денари што се оданочува со стапка од 10 отсто (108.000 денари), што значи за овие 191.186 денари ќе се плати данок по стапка од 18 отсто или  34.413 денари. Кога ќе се направи целата математика, на крајот, од почетните 1.500.000 денари, после сите одбиени давачки (371.227 денари), на даночниот обврзник ќе му останат точно 1.128.773 денари, или за 24,7 отсто помалку пари. За повисоки бруто доходи на крајот оваа стапка расте уште повеќе, односно, и преку 30 отсто. Во изминатиот период, ова лице плаќало само 10 отсто персонален данок“, објаснува Гацов.

 

Бизнис коморите остро се спротивставија на прогресивното оданочување

 

На промената во данокот на доход реагираше и бизнис секторот во земјава, преку стопанските комори, кои што остро се спротивставија на воведувањето прогресивно оданочување, оценувајќи ја владината постапка како избрзана и недоволно транспарентна, односно  дека „продолжува штетната пракса на користење на скратена постапка при носење на важни закони кои имаат огромно влијание врз економијата во Македонија“,  како што изјавија од Американската стопанска комора – AmCham.

„Прогресивното оданочување нема да го постигне посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост, а ќе доведе до намалување на продуктивноста, вработливоста, и развојот на висококвалификувани кадри. Исто така, сметаме дека предложениот закон ќе ја намали даночната послушност и ќе ја зголеми сивата економија, при тоа ќе доведе до зголемена даночна евазија, отежнато прибирање на даноците, и зголемување на трошоците и комплексноста на прибирање даноци. Воедно, сметаме дека предложениот закон ќе има негативен ефект врз растот и развојот на македонската економија, одлив на капитал и намалени инвестиции, одлив на мозоци и дестимулација на иновативните “смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата“, беше ставот на AmCham.