Денешна дата
24/03/2019

ГОРАН МИЛЕВСКИ : АМНЕСТИЈАТА Е ГРУБО МЕШАЊЕ ВО ОДЛУКИТЕ НА СУДСТВОТО

  • Старо-новиот претседател на ЛДП Горан Милевски, по критиките и незадоволството од односот на владејачката СДСМ, најавува поинаков, самостоен настап во иднина. Во иднина вели дека нема слепо да ги следи одлуките на власта. Тоа го покажаа и на гласањето за Законот за амнестија, на кое не дадоа поддршка. „Без ракавици“ и отворено упати забелешки, оценувајќи ја амнестијата како груб упад во судството, а кој бил резултат на „тајно постигнат договор“.
  • Во интервјуто за Инбокс7 Милевски отворено и одлучно говори не само за нивната позиција во власта, туку и за состојбите во ЛДП. По последното Изборно собрание на партијата, на кое тој беше повторно избран со огромна поддршка од членството, неговата противкандидатка, Никица Корубин, го обвини за недемократско управување. Милевски одлучно ги отфрла критиките и вели – ЛДП е партија со голем демократски капацитет.

 

Интервјуираше: Светлана Унковска

 

Инбокс7: Г-не Милевски на неодамнешното Изборно собрание на партијата бевте реизбран за претседател на Либерално демократската партија. Оттаму пративте порака до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија дека сте незадоволни од нивниот однос кон Вашата партија. Рековте „Кога беше најтешко бевме со вас, сега сме на маргините“. Исто така рековте и дека во иднина нема слепо да ги следите нивните одлуки. Дали е ова Ваш личен став, дали го билдате рејтингот на партијата или, пак, тоа членството го бара од Вас?

Горан Милевски: Тој мој говор беше искажан на свечениот дел на нашето Собрание после кое делегатите се изјаснуваа. Имавме повеќе кандидати, тројца кандидати за претседател, така што разликата беше скоро 300 гласови за мене, а 30 за другиот кандидат, што јасно укажува дека членството го поддржало тој мој говор и тоа мое становиште кое што го изнесов и кое што всушност произлегува од нивното незадоволство во овие односи. Нашата цел во овој момент е да го следиме теркот на нашите сестрински партии од Европа и да промовираме да и понудиме на Македонија некои либерални решенија. Конечно, откако ќе се реши целиот овој проблем со решавањето на отворените прашања со соседите, да се посветиме на реалните проблеми што ги имаат граѓаните, а тоа е подобриот животен стандард, повисоки плати, загадениот воздух, образование, здравство…. Значи, да се насочиме реално нашата визија како тие проблеми да се решат да ги соочиме со останатите, па граѓаните да судат кој е подобар проект и на тој начин да ја развиваме либералната мисла во Македонија.

Инбокс7: Меѓутоа, во самиот говор имавте тон на незадоволство. На што се темели тоа Ваше незадоволство кон Социјалдемократскиот сојуз?

Горан Милевски: Ние очекувавме и очекуваме се уште…јас мислам дека не е тоа некој голем проблем да се изрази незадоволство и оставено од времето на груевизмот, кога беше опасно да се конфронтира да се даде забелешка да се критикува лидерот или премиерот. Ние поинаку функционираме во ЛДП и затоа всушност сакавме да се промени минатиот систем на уредување, критичката мисла како на медиумите така и во партиите да биде изразена да не се прават грешки. Не можеме ние да молчиме 10 години па потоа да кажеме ние не сме знаеле што работел премиерот или што работела Владата или да се оградуваме од неговите чекори. Едноставно ние на партнерски однос дискутираме и изразуваме од што не сме задоволни на време. Мислам дека од тој аспект можеби ова сега страшно се доживува во јавноста, особено во владејачката, бидејќи луѓето така се навикнати да размислуваат со страв, меѓутоа сакам и таа бариера да ја разговараме. Ние сме се слушнале со премиерот, ќе имаме средби, ќе ги разговараме нашите отворени прашања и мислам дека ќе најдеме некое решение. Меѓутоа, ЛДП има свој кадар, свој потенцијал кадровски, човечки ресурси, има своја програма која што паралелно сака да биде интегрирана во оваа власт и да даде свој придонес во развојот на државата. Не можеме да бидеме само поддржувачи, без да бидеме креатори.

Инбокс7: Колкаво е учеството на ЛДП во власта? Дали е тука најмногу незадоволството или пак кај игнорантскиот однос на СДСМ кон ЛДП, како партија фактор?

Горан Милевски: Сепак треба да се консултираме за клучните прашања да изнаоѓаме заеднички решенија. Ние имаме еден министер без ресор, кој што реално не може да ја имплементира нашата либерална замисла во никој сектор и граѓаните не можат од таа позиција да разберат што ние всушност можеме да промениме во било кој сектор во Македонија.

Инбокс7: Не го поддржавте Законот за амнестија. Дали е тоа Ваш личен став или со тоа сакате да му порачате на премиерот дека, еве, ЛДП тргнува по свој пат?

Горан Милевски: Амнестијата како таква, ние не сакавме законодавната да ја мешаме во судската власт. Се согласуваме со амнестија, но откако судските органи ќе донесат пресуди. Бидејќи, рековме дека прво треба да има правда за да има мир. Сега ние се мешаме во правдата со ова затоа што го спречуваме судот да пресуди. Можеби некој ќе имаше ослободителна пресуда, можеби некој ќе беше осуден, меѓутоа да причекавме судот да ги изрече пресудите па потоа, дали преку амнестија дали преку помилување од страна на претседателот на државата, тој процес на помирување на некој друг начин можеше да биде направен. А не вака да правиме упад. Бидејќи една од нашите темелни заложби беше да не се мешаме во одлуките на судството. Оваа одлука е грубо мешање во одлуките на судството. Ги знаеме повисоките цели сите, меѓутоа требаше да се најде друг модул за реализација на овој некој договор кој што постоел за кој што ние не бевме информирани.

Инбокс7: Дали гледајќи ги сите овие промени што ги најавувате во партијата можеби на некој начин ја водите ЛДП во опозиција?

Горан Милевски: Повторно се навраќаме на првиот момент. Расправиите секогаш не водат во развод. Водат можеби до поквалитетен брак. Ако така ја разбираме работата тогаш сме ние на иста бранова должина и ќе најдеме заеднички решенија на проблемите, но не можам ништо да исклучам ако нема разбирање за состојбите и од другата страна. Ние заедно сме се избориле за оваа власт и ние чувствуваме дека колку што е наша, толку е и нивна, заедничка и ќе се бориме да направиме во рамките на Владата клучни промени. Доколку не успееме тогаш сите опции се отворени, меѓутоа ние на таква опција во овој момент не размислуваме.

Инбокс7: На изборното собрание Вашата противкандидатка и пратеничка, Никица Корубин, Ве обвини за недемократско управување во партијата, побара оставка од Вас, ја напушти пратеничката група рече дека ќе дејствува во рамките на коалицијата, дека ќе делува како фракција во партијата. Што се случи со пратеничката Корубин, толку остро да се спротивставите?

Горан Милевски: Не би коментирал. Секој си одговара за своите постапки. Делегатите јасно се изјаснија на кој му ја даваат довербата. Не можам да зборувам за недемократичност во ЛДП кога пратениците се избрале на најдемократски начин. Прв пат во ЛДП се бираа на тајно гласање од страна на Централниот одбор и врз основа на таа демократичност, што сум ја овозможил, колешката стана пратеничка во Собранието и не може сега преку ноќ да е нешто недемократско. Со самото тоа што во ЛДП имаше три кандидати за претседател и тајно гласање укажува дека демократскиот капацитет на оваа партија е голем. Јас доколку изгубев ќе останев во партијата и сесрдно ќе ги подржував политиките кои што ќе се изнесеа и немам комплекс од таа работа. Дали не можеше да го издржи поразот не знам, меѓутоа сепак добро е што рече дека ќе остане во рамките на ЛДП како независна пратеничка, впрочем така таа и досега делуваше и тоа за нас не претставуваше проблем. Не претставува проблем и сега затоа што ја следи истата политика на ЛДП, а тоа е поддршка на актуелните политики.