Денешна дата
05/12/2020

„ОСПОРЕНИОТ“ ПРЕТСЕДАТЕЛ ТРЕБА ДА ГО ЗАЦВРСТИ РАЗНИШАНИОТ КРЕДИБИЛИТЕТ НА ЗНМ

  • Дел од новинарите го спорат изборот на Чадиковски за претседател на ЗНМ
  • Кредибилитетот ќе треба секојдневно да се брани и зачувува, смета комуниколот Климе Бабунски
  • Столе Наумов не сака да биде причина за поделби: ЗНМ е поголемо од нас

 

Пишува: Александар Тодески

 

Малата сала во арената „Борис Трајковски“ беше полна со новинари, но и полна со поделеност. Тивко се слушаа разни квалификации за двајцата кандидати, а гласно одвај се зборуваше за нив.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во саботата бираше нов претседател, кој во наредните четири години ќе треба да работи за интересите на новинарите. Изборотот беше помеѓу главниот и одговорен уредник на Телевизија 24, Младен Чадиковски и новинарот на Канал 77, Стојанче Наумов.

И кога гласовите се избројаа, ниту еден од присутните во салата не проговори за кворумот и гласовите кои победникот ги добил, а на социјалните мрежи почнаа гласно да се прават математики, дали треба или не да има втор круг. Спорно според едните е тоа што од пријавените 175 членови, за Чадиковски гласале 86, а за да има победа во прв круг му фалат уште два гласови. Според другите пак, гласале само 169 членови, и тоа е бројката која треба да се земе предвид, а според која, победникот во прв круг е избран за претседател на ЗНМ.

На изборното собрание на ЗНМ, од 555 членови се пријавија 175, од кои за Чадиковски гласаа 86, за Наумов 77 членови, а шест ливчиња беа неважечки. Токму разликата меѓу пријавени членови и оние кои гласале ги поделија новинарите, дали Чадиковски е легитимен или оспорен претседател на здружението.

 

Оспорувања пред изборот

„Сакам да верувам во колегите. Не се ова парламентарни избори па да бараме асистенција од МВР. Не можам да ја разберам очајната зависност од здружението. Ако нешто правеле нека им служи на чест“ – Стојанчо Наумов

Иако новоизбраниот претседател на ЗНМ во својот говор по прогласување на победникот рече дека гласањето поминало без дамка, истото беше извалкано уште пред да почне. Дел од медиумите го спореа и начинот на кој се закажало гласањето, односно дека еден од членовите на Управниот одбор телефонски гласал за одржување на изборното собрание, бидејќи во спротивно ќе немало кворум.

На 10 дена пред изборното собрание, новинарите членови со истечени членски карти, но и оние кои сакаа да се зачленат, а до сега не биле членови им било кажано дека ќе може да си го ажурираат членството и да се зачленат, но нема да имаат право на глас затоа што немало време за ажурирање на списокот на членови.

Новинарот на поралот „Сакам да кажам“, Горан Трпеноски, кој на изборното собрание беше член на верификационата комисија вели дека неговата дилема била дали за изборот на претседател на ЗНМ е мнозинство од присутните или од оние кои гласаа.

„За да бидам чист пред себе и пред колегите, и кандидатите за претседател на ЗНМ, јас само како дилема ја ставив и реков дека треба Управниот одбор на пресече, кој според Статутот дава автентично толкување. Никаде немав изјава дека е нелегитимно гласањето. Целата процедура на гласање беше спроведена како што треба и не беше спорна. Само имав дилемата дали се сметаат резултатите според верифицираните присутните на Собранието (175), или тие што гласаа 169. Управниот донесе одлука и дилемите се расчистени, Им посакувам успех во работата на новото раководство на ЗНМ“, изјави Трпеноски.

 

Чадиковски верифициран, неговиот избор уште ги бранува новинарите

Новоизбраниот претседател на ЗНМ, Младен Чадиковски, не сака да ги коментира сите оние текстови и прилози кои изминатите денови се појавија против него.

„Во однос на црната пропаганада што се случуваше изминативе денови, не би коментирал дополнително, само ќе кажам дека затоа ни треба силно ЗНМ и сплотување на фелата, а не разединување. Особено ми е драго што и против кандидатот Столе Наумов ги осуди тие обиди за дискредитација. Во однос на самото гласање, Управниот одбор едногласно даде автентично толкување на статутот и согласно со тоа се расчистија дилемите, ако воопшто постоеја“, изјави Чадиковски за Инбокс7.

Негиовот противкандидат, Стојанче Наумов вели дека сака да верува во колегите и дека не сака тој да биде повод за поделба

„Сакам да верувам во колегите. Не се ова парламентарни избори па да бараме асистенција од МВР. Не можам да ја разберам очајната зависност од здружението. Ако нешто правеле нека им служи на чест. Новинарите не се човечиња од бомбите да ги влечеш за уши до гласачка кутија. ЗНМ е поголемо од сите и јас како што реков во говорот, нема да бидам повод за поделба“, истакна Наумов.

Новинарката Тамара Чаусидис, која беше во изборната комисија, вели дека нема дилеми дека изборот на Чадиковски е легитимен.

„Впрочем тоа го утврди и Управниот одбор на ЗНМ откако ги прегледа сите документи, листи и избирачки ливчиња од Собранието. Разликата за која зборувате на самото Собрание ниту еднаш не беше апосторфирана – ниту од Верификационата комисија, ниту од противкандидатот, ниту од кој било друг. Процедурата за гласање, како впрочем и во секоја друга таква процедура, земете го како пример Собранието, налага пред самото гласање да се утврди бројот на присутни. Тоа се правеше по име и презиме, делегатите беа прозивани и регистрирани дека зеле избирачки ливчиња. Веднаш на списокот беше напишан бројот на луѓето што ќе гласаат. Тој број изнесуваше 169 и тој список е предаден пред да почне броењето на гласовите. Така што од 169 делегати кои гласаа мнозинството го доби кандидатот Чадиковски. Втор круг е постапка кога иматете повеќе кандидати и е наменет да се изберат првите двајца. Во случајов имаше само двајца кандидати од кои тој со повеќе гласови победи“, вели Чаусидис.

Дамката од изборното собрание ќе треба да се исчисти со макотрпна работа на новото раководство во правец на заштита и промовирање само на интересите на новинарите.

 

Кредибилитетот на ЗНМ ќе треба секојдневно да се докажува

 

Комуниколот Климе Бабунски смета дека бранувањата од самиот избор не треба да се гледаат како негативност, туку како здрава клима која развива конкуренција и го насочува критичкото внимание врз процедурите според кои се реализира изборот.

„Основното прашање се поставува одново, односно што ќе стане со кредибилитетот и довербата на ЗНМ, не само од аспект на членовите, туку и пошироко. Колку и да изгледа чудно, новинарството е блиско до докторската професија, бидејќи едните се грижат за менталното, а другите за физичкото здравје на луѓето. Важно е што раководството ќе направи за новинарите, односно за јавноста.“, вели Бабунски за Инбокс 7.

Тој ја повтори неговата теза дека не е доволно да се има едно големо и општо здружение, односно треба да се има предвид и статусно-професионалната различност на новинарите.

„Со оглед на тоа што новинарите имаат различна „специфична тежина“, важно е да се одреди како и кога таквата монолитна структура ќе се измени и ќе ја одразува реалноста соодветно на одлучувачката моќ во професијата, односно ќе се востанови здружение на уредници. Несомнено, уредниците имаат поинаква „специфична тежина“ од новинарите, па логично е тие како здружение да се разликуваат од здружението на новинари. Тоа во секој случај ја преиспитува и сегашната поставеност: главен и одговорен уредник да биде претседател на здружение кое има хетерогена структура. Воедно, здружувањето кое ја рефлектира хетерогеноста и соодветствува на улогата односно на одговорноста при донесувањето одлуки, е јасна потврда за зрелоста на професијата. Ако нешто до сега не чинеше во македонското новинарство од аспект на професионалните стандарди, тоа е многу повеќе заради тоа што уредниците дозволувале такви случувања, отколку заради новинарите.“, смета комуникологот Бабунски.

Иако новинарите неретко се наоѓаат пред поделеност, реакциите речиси секогаш брзо стивнуваат. Здружението на новинари често било мета на напади дека е пристрасно и дека е помалку или повеќе ефикасно во одбрана на интересите на новинарите. Но, дамката од изборното собрание ќе треба да се исчисти со макотрпна работа на новото раководство во правец на заштита и промовирање само на интересите на новинарите.

Администратор

Latest posts by Администратор (see all)