Денешна дата
26/10/2020

ПОЛИТИЧКИ ИГРИ ОКОЛУ ДКСК – КОЈ СЕ ПЛАШИ ОД ФУНКЦИОНАЛНА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА?

  • Антикорупциска останува парализирана – новите членови висат помеѓу актуелниот и новиот закон за спречување на корупција.
  • Дали овој закон може да им обезбеди на антикорупционерите повеќе можност за истражување на корупциски случаи или ќе бидат само административци во бележење на податоци?
  • Евроамбасадорот Жбогар побара повеќе истражувачки капацитети за антикорупционерите, министерката Десковска вели дека нема да добијат посебни овластувања, а бившиот антикорупционер Малиновски смета дека законот можело да биде и подобар.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

ВМРО-ДПМНЕ инсистира што поскоро да се докомплетира Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која ќе биде со многу кус мандат од неколку месеци, додека СДСМ бара изборот на членовите да биде според новиот закон, кој е веќе во собраниска процедура.

И на последната седница на Комисијата за избори и именувања на која требаше да бидат селектирани петте членови, ова точка од дневниот ред се одложи, токму поради разидувањата во ставовите на партиите по ова прашање. На огласот кој беше распишан од Собранието се пријавија 39 кандидати а, според партиски извори, во потесниот круг влегле Александар Наков – поранешен јавен обвинител, Маја Малахова – поранешна судијка и претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Злате Димовски од Факултет за безбедност, Ангеле Илиевски – адвокат кој го бранеше Зоран Верушевски и Чедомир Дамјановски – поранешен член на Комисијата за лустрација.

 

Професионален состав или партиски баланс

Во скоро време и ќе гласаме за новиот состав на Антикорупциска според верзијата на новиот закон. – Мухамед Зеќири

Ние бараме изборот на членовите на Антикорупциска да биде според новиот закон, кој веќе е во процедура, бидејќи инсистираме на професионалци, а не членови предложени од партиите. Новиот закон во кој ќе има строги критериуми при изборот на членовите, ќе биде донесен во скоро време и ќе гласаме за новиот состав на Антикорупциска според верзијата на новиот закон“, вели Мухамед Зеќири член на Комисијата за избори и именувања од СДСМ.

Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека е многу тешко изводливо тоа што го предлага СДСМ од неколку причини. Како прво, според нив, нема време сето тоа да се постигне пред претседателските избори, а како второ – и предлогот за експерти бил под знак прашање заради можноста истите да не бидат независни.

Јас мислам дека нема да успееме да формираме Антикорупциска комисија по теркот на барањето на СДСМ бидејќи многу се куси роковите. На почетокот на февруари претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ги распише претседателските избори а новиот закон за Антикорупциска е на самиот почеток, односно на прво читање. Собранието е преоптоварено со работа, така што нема да има време прво законот да го донесеме па потоа да се објави оглас и да се спроведе избор во некои рамки“, вели Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ и претседател на Комисијата за избори и именувања.

Тој воедно додава и дека за него инсистирањето на СДСМ за именувања на експерти во Комисијата за спречување на корупцијата е само нивно затскривање зад поимот професионализација на Комисијата.

Во сите закони при избор на членови на таков вид институции пишува непартиски личности, но партиите досега не покажале политичка волја да го почитуваат тоа, без разлика кој е на власт. Често инсистираме на експерти, но и тие, скоро сите, се на некоја опција приклонети. Побитно и поискрено според мене е да се обезбеди консензус и со тоа баланс во институциите, отколку да се криеме зад поимот експерти“, додава Димовски.

Често инсистираме на експерти, но и тие, скоро сите, се на некоја опција приклонети. – Илија Димовски

Но Зеќири, сепак, останува цврсто на ставот дека Комисијата за спречување на корупцијата треба да биде со професионален состав.

Го чекаме во многу скоро време да се усвои законот и според него ќе се бираат професионалци по многу построги критериуми. Ниту еден од оние имиња кои беа спомнувани дека се селектирани за комплетирање на Антикорупциската комисија нема да бидат. Ќе се бираат нови членови експерти од таа област“, уверува Зеќири.

 

Жбогар: Антикорупциска ќе има

подобрување доколку има истражувачки капацитети

 

Комисијата ќе има подобрување доколку има истражувачки капацитети, во спротивно ќе биде ограничена на административно заведување на податоци. – Самуел Жбогар

Неодамна на конференцијата „До каде е стигната македонската борба против корупцијата“, евроамбасадорот Самуел Жбогар потсети на фактот дека Антикорупција комисија не функционира веќе девет месеци и дека е потребно ефикасно да почне со работа.

На Комисијата и требаат јасни овластувања, ефикасни ресурси и потполна независност. Комисијата ќе има подобрување доколку има истражувачки капацитети, во спротивно ќе биде ограничена на административно заведување на податоци за конфликт на интереси“, посочи Жбогар

Министерката за правда, Рената Дескоска, на истата конференција, посочи дека со новиот закон е направена промена на избор на членовите, но не и дека е предвидено Антикорупциска да добие овластувања да истражува самостојно корупција и конфликт на интереси, како што посочи евроамбасадорот Жбогар.

„Тие нема да смеат да бидат донатори на политичките партии, ќе мора да бидат стручни, а не партиски предлози и ќе мора јавно да одговараат какво е нивното учество во борбата против корупцијата“, рече министерката Дескоска.

Поранешниот антикорупционер, Драган Малиновски, вели дека не постои совршен закон, но, верзијата на новиот текст нуди малку посилни критериуми за професионалност.

Дефинитивно, новиот текст на законот е исчекор во правец на професионализација на Комисијата за спречување на корупцијата, но повторно, треба да се биде внимателен да се направи добар избор и секако лица кои со посветеност и интегритет ќе ја извршуваат функцијата“¸ оценува Малиновски.

Тие нема да смеат да бидат донатори на политичките партии, ќе мора да бидат стручни. – Рената Десковска

Но, дали овој закон може да им обезбеди на антикорупционерите повеќе можност за истражување на корупциски случаи или ќе бидат само административци во бележење на податоци?

На ова прашање Малиновски одговара дека можело и многу повеќе, но додава дека, сепак, е направен исчекор.

Со новиот закон е даден поголем маневарски простор во смисла на достапност на информациите кои се потребни, Се предвидува директна поврзаност со база на податоци со институции и сето тоа е чекор напред во однос на досегашната состојба кога требаше да се моли секоја институција, дали тоа било катастар, дали банките и така натаму да достави одредена документација, да даде било каков одговор и да се губи време во препишување и дообјаснувања со институции. Значи, тука законот нуди поголема можност за Комисијата да биде поефикасна“, смета Малиновски.