Денешна дата
17/08/2019

Филип Темелковски: Не ветувавме дека ќе се дислоцира Центарот за зависници, туку други решенија

  • Не чекавме револтот да стане голем, го решаваме проблемот со Центарот за зависници веќе една година. Ние првично не бевме за дислокација, но со разговори, со консултации се дојде до заклучок дека треба целосно да се дислоцира, вели во интервју за Инбокс7 градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски.
  • Според градоначалникот, граѓаните треба да бидат трпеливи за проблемите за кои потврди дека во општината се многу, бидејќи буџетот на општината е лимитиран.
  • Темелковски додаде дека мерната станица која ја вети за 2018 година ќе се набави наредната година, а со загадувањето, кое во општината не се знае колкаво е, се бори со регистар на загадувачи.

 

Интервјуираше: Александар Тодески

 

Инбокс7: Зошто чекавте да стане голем револтот на граѓаните за да почнете да го решавате проблемот со Центарот за зависници?

Темелковски: Револтот не чекавме да стане голем. Ние го решаваме самиот проблем веќе цела година. Откако сум избран за градоначалник, веднаш почнавме со решавање на проблемот, а тоа е веќе сигурно 9 месеци како е направена таа работна група од општината Кисела Вода, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, претставници од Полициската станица и СВР Скопје, одделот за превенција и двајца претставници од месното население.

 

Инбокс7: Зошто не ја сменивте стратегијата кога гледате дека тие решенија не се доволни, односно дека се уште се гледаат шприцови, игли на сите страни?

Темелковски: Проблемот со болницата за зависници не е една година или 6 месеци, 30 години е таму таа болница, првично е за лечење од алкохолизам, а потоа и за лечење од наркотични средства. Не е за промена на стратегијата, туку со вклучување на сите министерства и на експерти се доаѓа до одредени ситуации каде што и се менува ситуацијата во однос на тоа како да се реши проблемот и за тоа е одолговлечена постапката и за тоа побаравме разбирање од месното население и повеќе време за да може да се најде решение кое ќе биде долгорочно и заемно прифатливо.

 

Инбокс7: Во вашата програма ветивте „креативни решенија“. Кои беа тие креативни решенија?

Темелковски: Едно од тие креативни решенија беше да се намали бројот на корисници на болницата, а ние како општина да го средиме делот околу болницата, да се исчисти, да се стават нови дрва, нови реквизити, најбитно од се ни е да се осветли за да може што помалку да се собираат луѓе по работно време на болницата. Ние предизборно или во мојата програма ниту на централно ниво на СДСМ ниту на локално ниво не ветивме дека ќе се дислоцира.

 

Инбокс7: Вас ви кажаа граѓаните дека се уште може да се видат зависници кои буквално голи лежат во паркот…

Темелковски: Не треба да ми кажат, јас знам. Секојдневно добиваме и пораки и општината добива информации, јас живеам блиску до Домот за зависници и ги знам состојбите. Нас првично ни беше целта да ги запознаеме сите институции. Ние првично не бевме за целосна дислокација, туку нашиот став како општина беше дека секој градоначалник горе-долу си има обврска кон своите граѓани, но со договори и консултации се дојде до заклучок дека треба целосно да се дислоцира и да се направи објект кој ќе може да го издржи капацитетот, или поточно потребите на сите корисници.

 

Инбокс7: Во општината ви се случува уште еден протест за потпорниот ѕид. Разговаравте ли со фирмата зошто не е почнато со работа пред да стане лизгаво земјиштето?

Темелковски: Во однос на тоа, сметам дека притисокот кој беше од жителите што побрзо да се работи таму може доведе до таква несакана ситуација таму. Се уште немаме одговори зошто е дојдено до таква несакана ситуација. Оваа недела имавме средба со трудовиот инспектор, бидејќи градилиштето е затворено од страна на трудовиот инспекторат.

 

Инбокс7: Во Припор има една зграда која не е легализирана и жителите немаат имотни листови. До каде е таа постапка?

Темелковски: По однос на таа огромна зграда со многу стамбени единици и голем број на жителите немаат имотен лист. Ситуацијата таму е комплексна бидејќи има одреден број неправилности во самото одобрение за градба кое потоа е поништено. Има грешки од страна на инвеститорот, но и од страна на општината која дозволила од самиот почеток да продолжи изградбата на градба која е надвор од градежната парцела. Тука имаме постапки и против некои наши вработени кои се водат, си има и против инвеститорот, а напоредно се работи за соодветно решение за да се реши статусот на зградата.

 

Инбокс7: Кисела Вода станува пренаселена. Конкретно во делот кај општината нема место за паркинг, има градинка каде буквално децата се под опасност од автомобилите кои се паркираат на улицата. Како ќе се средат деловите кои се пренаселени?

Темелковски: Кисела Вода има неколку проблеми по однос на урбранизацијата. Еден од тие проблеми е што урбаното јадро со носење на ДУП се пренаселува и неплански се гради. Не се предвидени никаде катни гаражи или соодветен паркинг простор. Има два закони кои се многу популистички. Да, биле во интерес на граѓаните, но до некаде ја имаат уништено нашата општина, а тоа се Законот за денационализација и Законот за легализација. Мое лично мислење е да, треба нашите сограѓани на кои неправедно им било одземено земјиштето да се обештетат, но не на сметка на урбаното живеење, бидејќи откако ќе им се врати земјиштето, сите очекуваат таму да има згради и за жал ние со тоа враќање немаме 5 метри квадратни каде може да се направи парк или катна гаража и се останато.

Една од опциите е паркингот пред општната да се направи мотажна гаража за колку толку овој дел да се растерети со паркирање. Цветан Димов и Бирарија ни се најголем проблем во однос на паркирањето бидејќи таму немаме ниту една педа државно земјиште каде што може да направиме катни гаражи така да ќе мора да бараме алтернативни методи.

 

Инбокс7: Во услови на големо загадување, во општина Кисела Вода граѓаните не знаат што дишат. Ветивте мерна станица за 2018 година, еве изминува годината, мерна станица се уште нема.

Темелковски: Не успеавме да обезбедиме средства, се надевам дека во 2019 година ќе ги обезбедиме средствата бидејќи нас ни е битно да знаеме колку е загадувањето, како е и се останато. Тоа што обезбедивме е дека во моментов на територијата на Кисела Вода се прави регистар на загадувачи на општината.

 

Инбокс7: На веб страната на општината видовме дека има соопштение во кое пишува дека во последниот квартал се казнети 10 луѓе за фрлање на отпад. Сепак, тоа е една од најголемите општини и сепак е една од општините во кои премногу има смет на улиците. Сметате дека комуналните редари си ја вршат работата како што треба?

Темелковски: Ние ја зголемивме бројката на комунални редари во општина Кисела Вода. На почеток на годината имавме инциденти, каде што наши комунални редари беа нападнати од страна на граѓани зошто пишале казна и за тоа малку ситуацијата е таква каква што е, многу им е потешко на редарите да воведат ред бидејќи немаат ингеренција да може да приведат. Не сум задоволен од бројката на пријавени лица кои фрлаат отпад во нашата општина бидејќи во изминатава година цело време ни се појавуваат депонии на исти места, ама да правиш 24 часовна патрола не можеш, треба да се фатат на лице место.

Веќе е направено двосмеснки да работат комуналните редари. Треба да се фокусираме на неколкуте места каде што се појавуваат тие диви депонии, уште еден апел до нашите сограѓани да ни помогнат во борбата со луѓето кои ги прават тие диви депонии, да пријават, да сликаат, за да може соодветно да се бориме. Сметам дека со воведување на втора смена дел од депониите ќе се решат. Дополнително, предивдена е набавка на уште едно камионче, возило за нашите одржувачи на хигиената, за жал ние дневно фрламе околу два тони шут секој ден, што е огромна бројка, општината не е толку чиста, а бројката која се фрла секој ден е огромна.

 

Инбокс7: Граѓаните се жалат дека не се собира навремено сметот од кантите и контејнерите…

Темелковски: Тоа е ингеренција на Град Скопје, но се правеше студија од Комуналното претпријатие, на територија на градот недостасуваат околу 400 контејнери и возила за собирање на смет. Секоја општина и Град Скопје во наредниот буџет има одредени суми за да се докупат тие контејнери и возила. Тоа е една затекната ситуација, некој наместо да градел споменици, туку да купувал возила сега ќе ни беше многу полесно. На територија на Град Скопје има само 7 возила, не можат да стигнат. Општините одвојуваат суми затоа што сметавме дека иако е надлежност на Градот, тоа е во интерес на нашите сограѓани и сите треба да помогнеме што побрзо да се реши тој проблем. Дополнително сите треба да се грижат за урбаната опрема која се поставува. За мене е нелогично нашите канти за отпадоци да не траат повеќе од една недела.