Денешна дата
24/03/2019

ФАТОН АСАНИ: ЗА ЕДНА ГОДИНА ИМАМЕ КОНФИСКУВАНО 1.4 МИЛИОНИ ЕВРА, СУДОВИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ПОАЖУРНИ

  • Фатон Асани e директор на Агенцијата за управување со одземен имот.
  • На чело на Агенцијата доаѓа од август минатата година, кога е именуван од страна на владата да управува со институција, за која се верува дека ќе игра клучна улога во процесот на одземање на имот стекнат на нелегален начин.
  • Вели дека за да има конфискација на нелегално стекнат имот треба да има поефикасно судство.

 

Интервјуираше: Горан Лефков

 

ИНБОКС7: Господине Асани, како го гледате системот за борба против корупција во Македонија како црешна на тортичката е одземањето на имотот?

Фатон Асани: Ние сме последната алка од тој синџир. Односно по спроведување на постапките за конфискација и по пресудите на судот настапуваме ние. По секое донесено правосилно решение кое доаѓа кај нас ние настапуваме.

Агенцијата постапува согласно правосилните решенија кои стигнуваат кај нас, благовремено и се трудиме да имаме успех во тоа. Во последно време пресудите кои стигнуваат се извршуваат навремено иако Агенцијата ја затекнав занемарена. Не знам колку и државата и обратила внимание на Агенцијата. Меѓутоа со тие капацитети што ги имаме се трудиме да го дадеме најдоброто од нас. Агенцијата има 47 вработени од кои 27 се обезбедувачи и чувари на магацини.

 

ИНБОКС7: Има ли капацитет едно тело со 27 вработени да работи и да одзема имот?

Фатон Асани: За успешна работа на Агенцијата мора да имаме и добри услови. Во случајов во Агенцијата условите се минимални. Ни фали канцелариски простор, ни фалат магацини, ни фалат и луѓе. Засега со овие луѓе даваме се од себе, меѓутоа дека на Агенцијата и се потребни овие работи, и се потребни. За успешна работа требаат добри услови за работа. Без добри услови нема да имаме 100% успешно извршена работа.

 

ИНБОКС7: Колку луѓе ви требаат за добро екипирање?

Фатон Асани: По систематизација треба да бидеме над 70 луѓе. Меѓутоа ви кажав дека сме 47.

 

ИНБОКС7: Секојдневно се примаат луѓе во државна администрација а на клучни места кај што треба гледаме дека фалат луѓе. Ваша оценка има ли политичка воља за борба против корупцијата и одземање на имот од кривични дела?

Фатон Асани: Мислам дека има. Во Македонија треба прво да се самокритикуваме. Сите сакаме да критикуваме, но никој не сака да биде критикуван дали фали нешто или не фали во институцијата. Воља за работа има, но повторувам и мора да повторам, за успешна работа мора да има и добри услови за работа. Агенцијата се соочува со многу проблеми, воспоставуваме систем на работа. Ние имаме возила кои се за старо железо, воспоставување на систем за продажба на истите. Веќе втора или трета продажба се подготвува во рок од една година, што не било случај од порано. Имаме уништување на разна стока. Уништивме 42 тони на различна стока. Воспоставуваме систем за донирање. Сега имаме неколку предмети кои ги донираме на Министерството за труд и социјална политика за ранливи категории кои би биле добредојдени за секое семејство. Воспоставуваме систем за продажба на разни предмети. Така да буквално се почнува се од нула. Со толку луѓе ние го даваме максимумот. Доколку имаме добри услови и кадар Агенцијата би работела три пати повеќе од тоа што работи сега.

 

ИНБОКС7: Имаме ситуација кога државата сакаше да воспостави нешто како што треба го основаше Специјалното јавно обвинителство, што внесе еден многу силен и моќен импулс за борба против корупцијата. Другите тела на некој начин се запоставени. Имавме една стара финта, што ја правеше режимот на Груевски, ќе формира институција, нема да и даде пари. Тоа беше индикатор дека нема политичка воља за функционирање на институцијата. Ми треба ваш коментар за целиот систем за борба против корупција. Вие секојдневно сте поврза ни со финансиската полиција или обвинителството. Колку таму има импулс за борба против корупцијата?

Фатон Асани: Мое мислење е дека новата власт затекна уништени институции, а народот од друга страна си го бара своето односно бара правда и која правда треба да ја добие. Новата власт не беше ниту свесна дека институциите се уништени до таа мера што не можат да функционираат како што треба.  Би посочил еден пример, од кај нас од Агенцијата. Најголем проблем кај нас се возилата. Можам да кажам слободно тука дека се над 10-15.000 возила кои се по цела Македонија, фактички самата бројка кажува колку се работело. Не можат да се наталожат 10.15.000 возила по цела Македонија, а од друга страна да кажеме дека сме работеле. Од друга страна се затекнати институции кои се уништени, ни треба и време и парични средства да ги ставиме во колосек. Од друга страна кога викаме дека се навистина уништени за вработување требаат и парични средства. Тој што ќе го вработиш на крајот од месецот треба да биде платен. Министерството за финансии го прави тоа што може да го направи за да ние добиеме пари за нови вработувања.

 

ИНБОКС7: Маршаловата служба во САД, што е пандан на вашата Агенција, собира пари и го финансира целиот систем за борба против корупцијата. Минатата година имаме одземено само 450.000 евра како имот стекнат од кривични дела. Кое е вашето мислење во овој дел?

Фатон Асани:  Откако сум јас директор на Агенцијата, како парични средства имаме конфискувано над 1,4 милиони евра.

 

ИНБОКС7: За една година?

Фатон Асани: За една година.

 

ИНБОКС7: Мојот податок е за 2017 година.

 

Фатон Асани: Не, мојот податок е до сега. До денешен ден имаме конфискувано над милион и 400.000 евра. Ако имавме конфискувано 80-90 недвижности како Агенција досега над 50 имам конфискувано само јас, односно Агенцијата во текот на оваа година. Ние сме лимитирани бидејќи потпаѓаме под државен буџет. Сето тоа што влегува во Агенцијата, дали како парични средства, дали што продала Агенцијата сето тоа оди на една посебна наша сметка, од која еднаш во годината ги префрламе тие пари во Министерството за финансии. Оваа година префрливме 61 милион денари односно милион евра.

 

ИНБОКС7: Во Македонија за 30 години се донесени само 26 пресуди за перење на пари. Како што спомена директорот Муареми идејата на секое кривично дело е создавање на противправна имотна корист. Колку ова е индикатор дека Македонија вистински се бори против корупцијата и криминалот?

Фатон Асани: Ова е 4-5 интервју што го давам за телевизии и на неколку пати ги обвинив судовите. Ние сме последна алка во овој синџир, доколку дојде правосилно решение можеме да настапиме, доколку не дојде не можеме да настапиме, меѓутоа перцепцијата кај народот е дека Агенцијата одзема имот. Меѓутоа Агенцијата за одземен имот настапува по судско решение. Не настапуваме по тоа кој бил криминалец или на кој што треба да му се одземе па ние да настапиме. Така да и овој пат би ги обвинил судовите. Ние припаѓаме на Бамин Мрежа, годинава претседателството го имаше Македонија, во јуни беше одржана средба тука. Со размена на искуствата кои се дел од таа Бамин Мрежа, инаку тоа се држави на екс-Југославија, таму констатиравме дека истите проблеми ги имаат и другите држави, односно судските процеси траат по 4-5 години. Сепак треба судовите да бидат поажурни за потоа ние да настапуваме како Агенција.

 

ИНБОКС7: Рековте дека имате 15.000 возила. Колку од нив се уништени ако имаме судска пресуда после 5,6 или 10 години? Едно возило ако стои на едно место 10 години што може да очекуваме од него?

Фатон Асани: Неколку пати ги повторувам бројките, можам да кажам дека Шумска полиција на нивни список има над 2.500 возила одземени од дрвокрадци. Во нашите магацини имаме над 3.500 возила. Последнава година откако сум јас директор доделивме над 230 возила по различни институции, односно ги дониравме. Споменав дека воспоставуваме систем за продажба за старо железо, веќе втора или трета продажба тече, мислам дека е и успешна, меѓутоа треба да се знае дека треба да се земе некој терк, овој баш што го споменав системот на работење. Кога ќе создадеш една група која ќе работи продажба на возила ние ќе имаме секој месец продажба на тие возила, меѓутоа ако се наталожиле толкав број на возила ќе треба и време да се решат.

 

ИНБОКС7: Колку приходи се остварени од продажба на старите возила?

Фатон Асани: Имавме една продажба и продадовме околу 120 возила. Веќе е подготвена втората продажба и се спрема список за трета продажба. Како се вели капка по капка вир. Секој денар е добредојден. Возила со години лежат по магацини, од друга страна добиваме парични средства кои се помош за државата.

 

ИНБОКС7: Колку од прилика е таа бројка?

Фатон Асани: Цената за старо железо ја одредува бирото за судски вештачења. Ги продаваме по 10 денари за килограм железо мислам беше почетната и толку достигна и продажната 10,5 денари.

 

ИНБОКС7: Се проценува дека преку системот за перење на пари на бившата власт, на секој граѓанин од Македонија му се одземени по 150.000 денари или 2,500 евра, а се вратени само по 4 денари. Кој е вашиот коментар и како да го подобриме системот за борба против корупција?

Фатон Асани: Сите тела кои сме во овој синџир треба да настапат по своите овластувања. Ако ние секој ден сме ажурни сигурно би имале и успех. Треба да се самокритикуваме самите себе или и другите. Во Македонија нема самоиницијатива, во Македонија сите чекаме на готово. Нема режим на работа. Ако сакаме Европска Македонија, мора да го смениме балканскиот менталитет. Европска Македонија со балкански менталитет не може да имаме.