Денешна дата
02/12/2020

ПОЛОВИНА ОД МЛАДИТЕ И ШКОЛУВАНИТЕ ГРАЃАНИ ПЛАНИРААТ ДА ЈА НАПУШТАТ МАКЕДОНИЈА

  • Според податоците на “Галуп”, таквите резултати ја вбројуваат Македонија меѓу десетте земји на листата чии граѓани сакаат да емигрираат
  • Според податоците на Организацијата за европска соработка и развој (OECD), меѓу 1998 и 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230.000 луѓе
  • Во периодот 1994 од 2016 година од Македонија заминале 13.327 македонски граѓани.
  • Младите заминуваат поттикнати од  повеќе фактори меѓу кои: културните кои се покажаа како најзначајни, понатака социјалните, кариерните, економските и политичките. 

 

Пишува: Ивана Рамаданова

 

Членовите на фамилијата Мојсовски веќе 10 години живеат во Австралија. Во разговор за Инбокс7 тие велат дека, и покрај тоа што им фалат блиските роднини и пријатели во Македонија, сепак се задоволни со животот кој го имаат во оваа земја.

“Долго време размислувавме да се иселиме од нашата држава. Но стануваше се потешко. Нашите деца почнаа да растат, баравме квалитетно образование за нив. Подоцна знаевме дека ќе биде тешко и за да се вработат. Овде во Австралија се снајдовме брзо. Веќе имавме пријатели кои живееја тука и кои ни помогнаа дури да се снајдеме. Сега имаме своја куќа, синот и ќерката си створија свои фамилии. Имаме сите пристојни примања. Овде системот функционира безпрекорно”, ни рече во изјавата Силвана Мојсовска.

Според неа, тие засега немаат намера да се вратат во својот роден крај Валандово, бидејќи како што рече, не гледаат убава иднина во своето родно место.

Судбината на семејството Мојсовски ја имаат безброј други фамилии од Македонија, кои својот живот скоро од почеток го имаат почнато во поразвиените земји на Европа, Америка и Австралија.

Со 52% од младите кои сакаат да емигрираат, Македонија се вбројува како деветта во светот на листата од 152 држави од целиот свет.

Заради отсуство на јасна перспектива, економска стабилност и еднакви шанси за напредок, овој тренд се очекува да продолжи и во наредниот период.

Според најновото истражување на Meѓународниот институтот за истражување на јавното мислење “Galup”, над половина од младата популација не ја планираат нивната иднина во Македонија и сакаат да се иселат во поразвиените земји.

Ваквите резултати ја вбројуваат Македонија како деветта земја во светот, од која младите сакаат да емигрираат. Според анкетата спроведена во 152 земји од светот, Македонија е рангирана високо со 30 проценти од граѓаните кои сакаат да ја напуштаат земјата, од кои 39 проценти се школувани а 52 проценти се млади.

На ниво на Европа, според вкупниот број на луѓе кои сакаат да емигрираат, прва земја е Косово, втора е Босна и Херцеговина, трета е Албанија, додека Македонија е рангирана на четвртото место.

Сиера Леоне, Либија и Хаити се рангирани највисоко на светската листа на земји, каде 54 до 70 проценти од населението бараат начин како да ја напуштат сопствената земја.

Според податоците на Организацијата за европска соработка и развој (OECD), меѓу 1998 и 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230.000 луѓе. Ова значи дека годишно се иселувале по околу 17.700 граѓани, што е околу 1% од населението. Доколку ваквиот тренд продолжил и по 2011 година, вкупниот број отселени во последниве 18 години надминува 300.000 македонски граѓани.

 

ВО МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ ЗНАЕ ТОЧНИОТ БРОЈ НА ГРАЃАНИ КОИ ЈА НАПУШТИЛЕ ЗЕМЈАТА

 

Според Агенцијата за иселеништво, во последните децении мал дел од македонските граѓани официјално го пријавиле нивниот престој во странство, поради што расположливите статистички податоци од домашни извори за лицата кои привремено или трајно заминуваат од земјата се некомплетни. Од таму велат дека опфатот на граѓаните коишто ја напуштаат земјата со редовното статистичко истражување на Државниот завод за статистика е мал и го покажува само бројот на лицата коишто официјално го пријавиле нивниот престој во странство. Според овие податоци, во периодот 1994 од 2016 година од Македонија заминале 13.327 македонски граѓани.

“Обемот на емиграцијата може да се процени единствено преку странските извори на податоци од меѓународните организации, институции и земјите на прием. Како посеопфатни податоци за бројот на емигрантите во одделни земји на прием ширум светот може да се издвојат оние на Светската Банка. Тие покажуваат дека бројот на македонските граѓани коишто престојуваат во сите земји опфатени со овие податоци континуирано се зголемува: од 342.243 лица (2000) на 447.138 (2010) и 62.6312 лица (2013 година), а стапката на емиграција од околу 16%, на 21,8% и 30,3% респективно. Податоците на Светска Банка за 2010 година претставуваат само груба апроксимација”, велат од Агенцијата за иселеништво.

Според расположливите како што нагласија, податоци од пописите на населението и од официјалната статистика на САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, бројот на македонските граѓани во овие земји изнесува околу 183.400 лица, што претставува 105.700 лица повеќе од податоците на Светската Банка за 2010 година. Доколку за прекуокеанските земји се вклучат овие податоци тогаш вкупниот број на македонски граѓани во странство денес достигнува повеќе од 700000 лица, а стапката на емиграција е повисока од 30%. Оваа стапка денес може да се прифати како груба, но сепак коректна проценка на постојниот обем на македонската емиграција во странство.

“Во однос на географската разместеност на граѓаните на Република Македонија во странство, врз основа на сите расположливи податоци, може да се констатира дека и во последната деценија, Австралија, Италија, Германија, САД и Швајцарија останаа петте земји на прием со најголем број на имигранти од Македонија. Што се однесува, пак, на европските земји на прием како најзначајни дестинации се издвојуваат: Германија, Италија, Швајцарија, Австрија, Словенија и Белгија (податоци на Еуростат), односно Шведска (Попис на население, 2011 год.). Германија, Италија и Швајцарија останаа европски земји на прием со најголем број на македонски граѓани, при што нивното заедничко учество во 2006 изнесувало 186000 лица, а во 2016 година достигна околу 229600 лица”, велат од Агенцијата.

Во истиот период, според Еуростат, голем пораст на бројот на емигранти од Македонија е карактеристичен и за Данска, Австрија, Словенија и Турција.

На врвот на листата на земји-дестинации за емигрирање се Нов Зеланд, Сингапур, Исланд, ОАЕ, Швајцарија, Аустралија…

“Во поглед на влијанието на економската и на финансиската криза врз трендовите на емиграцијата и ре-емиграцијата податоците на Светската банка и Еуростат покажуваат дека од 2008 до 2010 година немаше позначителни промени во вкупниот број на македонските граѓани во странство. Од 2011 година емиграцијата од Македонија повторно забележа пораст. Согласно податоците на Еуростат бројот на македонските граѓани кои престојуваат во европските земји на прием се зголеми од 240500 лица (2014) на околу 281000 (2016 година), односно за околу 40000 лица”, информираат од Агенцијата.

Значителен пораст забележа и привремената емиграција поради вработување во странство, семејни причини, школување или по други основи.

“Што се однесува до повратните текови на граѓаните коишто престојуваат во странство расположливите статистичките податоци (првенствено од домашни извори) може да се оценат како мошне оскудни. Редовното статистичко истражување на Државниот завод за статистика за доселените граѓани на Република Македонија од странство го потврдуваат малиот број на повратници (1797 лица во периодот 2009 до 2013 година), и осцилирачката динамика на овие доселувања (259 во 2009, 490 лица во 2013 и 283 лица во 2016 година). Ваквите  податоци не значат целосен опфат на бројот на повратниците, сепак повратните текови може да се оценат како релативно мали”, додаваат од Агенцијата за иселеништво.

 

ЗОШТО БЕГААТ МЛАДИТЕ?

 

Македонскиот образовен форум (МОФ) пак смета дека иселувањето на младите е проблем со кој нашата држава се соочува веќе подолго време, а на истиот може да се влијае ако погледнеме во причините кои го предизвикуваат.

Истражувањето кое  го спроведе Младински образовен форум во првата половина на 2018 вели дека младите заминуваат поттикнати од  повеќе фактори меѓу кои: културните кои се покажаа како најзначајни, понатака социјалните, кариерните, економските и политичките.

“Дополнително, доаѓаме до податоци дека младите се двојно повеќе невработени од останатата популација, губат во просек 4 години поради неефективно образование, 44% од студентие не можат да отидат во кино, потрошувачката кошничка на студентите изнесува 21.500 што е поразително споредено со тоа колку од нив имаат сопствен извор на финансии, а 60% од младите сакаат да си заминат од државата”, велат од МОФ.

Со цел директно да се влијае на оваа состојба, според нив, потребни ни се мерки кои ќе гарантираат подобар статус на студентите и младите воопшто. Тука спаѓаат подобрување на квалитетот на образованието и осовременување на програмите и материјалите во образовните институции, следење, дополнување  и прилагодување на политиката за младинско вработување и доквалификување: „младинска гаранција“, како и остварување на политиките за студентска работа, студетски картички за попусти и бенефиции.

Тие сметаат дека за подобрување на квалитетот на животот на младите владата мора да креира политики за млади, да инвестира средства и да ја обезбеди младинската вклученост, како и да ги поттикне институциите активно да соработуваат со младинскиот сектор.

 

СТОЈАНОВСКА ИВАНОВА: ПАРТИЗАЦИЈАТА НА ИНСТИТУЦИИТЕ ГИ БРКА МЛАДИТЕ ОД ДРЖАВАТА

 

Професорката Татјана Стојановска Иванова од Институтот за социологија, за феноменот на иселување на граѓаните од државата, вели дека е резултат на неколку причини. Како прва причина, според неа, е економската стабилност.

“До скоро партиската книшка која беше репер за работа, а не индивидуалните компетенции и квалитети, потоа заради подобра плата и напредување во струката, поради политички причини, се прогласуваат за неподобни и не можат да издржат политички притисоци”, смета Стојановска Иванова.

Според неа, се иселуваат и заради продолжување на образованието на факултет или Мастер и потоа остануваат.

“Многу е тажно што се иселуваат млади кои се работоспособни и потенцијали кои треба да бидат иднината на општеството и да создаваат фамилија. Потребно е да се изгради национална стратегија Stop brain drain која ќе влијае на младите да ја развијат свеста за односот кон својата држава, но и државата треба да направи план за вработување на најдобрите”, додава Стојановска Иванова.

Инаку, истражувањето на Галуп е направено во период од 2015 до 2017 година и земале учество околу половина милион возрасни лица.