Денешна дата
26/11/2020

Магла и надеж како за крај на годината

пишува: Бардул ЗАИМИ

 

Политичката година не е обична година. Тоа е година на одлуки и ветувања кои висат на воздух. Обично, поинаку го мери времето политиката а поинаку го мерат граѓаните. Политиката ги брои успесите, додека граѓаните ги бројат неуспесите. Ова се два спротивни наративи кои се обликувани во различни реалности. Секогаш кога политиката “се опива” со духовни успеси, граѓаните талкаат во калта. Секогаш кога политиката го покренува знамето на “победи”, граѓаните ги наведнуваат главите. Политичкиот оптимизам е стока која веќе се продава на големо во тезгите на самозадоволство.

Политичката година е време што се “готви” во тажните засеци на актуелноста. Политиката секогаш сака да ги задржи луѓето на овие димензии на актуелноста за да ја кажат “на глас” нејзината “апсолутна” вистина за настаните, работите, судбините, “светлата” иднина, дизајнирана во канцелариите на ПР-реалноста. Политиката секогаш “ја пегла” реалноста преку споделувањето на безнадежениот оптимизам со споделување на транспаренти преку кои има за цел да конструира една прифатена надреалност од што повеќе луѓе. Ова е вака затоа што политиката има сопствена рамнотежа, додека граѓаните имаат свои маки.

Се разбира, меѓу “рајот” што го нудат политичарите и секојдневниот “пекол” на тешката реалност, секогаш постои простор за толкување, секогаш постојат креативни и независни умови кои на оваа антагонистичка врска се обидуваат да и дадат човечко лице, логика на нормалноста која всушност го формира јавниот простор. Меѓу овие тешки односи меѓу двата ентитета “вечно” несогласни, секогаш се заедницата на новинарите, на рационалните независни умови, кои зборуваат со јазикот на аргументите, кои дебатираат за подобар живот.

Веќе е кажано дека “еден творец е секогаш дисидент на реалноста„  додека еден новинар секогаш на прв план го има човечкиот интерес. И за време на ова политичка година, покрај “готовиот” речник на политичари исполнет со “светла иднина”, се слушнал и гласот на овие “вознемирени духови”, кои целат да се даде друго значење на политиката, проширувајќи ја на други димензии и не прифаќајќи ја редукцијата што и ја прават политичките елити.

Овие гласови се секогаш во постојана опозиција со политиката, нудејќи други перспективи, но не паѓајки во еден вид “прометеизам” на различни табори, кои исто така како цел ја имаат само моќта. Овие гласови на разумот и  акумулираните знаења не пишуваат со инаети, со идеолошки проекции, туку пишуваат со чувството на постојан конструктивен бунт над сите тие мрачни реалности што ги допираат граѓаните секој ден. Тоа е еден вид антиполитика што бара други значења за политичкиот живот. Еден вид “антиполитика” како на унгарскиот дисидент, Џорџ Конрад, кој ја бара хуманата димензија во сите оние простори каде што има прст  политиката на елитата.

Политичката година беше проследена со многу наративи на големи теми, под урнатините,на кои граѓаните со големи тешкотии го живееја нивното секојдневие. Прашањето за името, референдумот, законот за амнестија, барањата за редефинирање на Албанците во уставот, беа меѓу темите кои доминираа оваа година. Да, сигурно и “мистериозното” бегство на поранешниот премиер беше уште една од темите што предизвика  реакции кај јавноста.

Се чини дека со текот на времето сè падна во маглата од загадувањето која веќе ги опфати сите градови во Македонија. Огромно загадување кое со години не може да се реши. И повторно, ветувања. И повторно магла. Повторно вина и изговори. Се разбира, не е сè мрачно. Почнаа неколку процеси, како што е случајот со борбата против корупцијата, но сé уште има многу работа да се направи. Постојат и сигнали од ЕУ за почеток на разговорите, но повторно, останува да се направи многу работа од страна на институциите и сите други општествени чинители во утврдувањето на принципите и стандардите што ги бара европската логика.

Големите очекувања, исто така, предизвикуваат големи разочарувања. Политичките елити ветија многу работи, додека граѓаните и понатаму се соочуваат со многу низок стандард и не можат да излезат на крај. Сепак, тие се надеваат на подобра година надвор од маглата и загадениот воздух кој ја опфати нивната екзистенција.

Политичка година измина со многу партиски прекупувања. Под урнатините на овие прекупувања се граѓаните кои се повеќе размислуваат за бегство. Годината 2019 е толку близу. Нов почеток и нова надеж дека граѓаните конечно ќе ги пренасочат своите уморни екстремитети на други димензии од егзистенцијата. Можеби вреди за миг секој да биде сонувач, да се претстави себеси во друг свет, во друга реалност која го препознава достоинството на сите, социјалната благосостојба, дијалогот, комуникацијата на посебните хемисфери, интеркултурализмот, што владата се обврза да ги промовира, но не е познато какви размери ќе им даде. Вреди да се надевате на подобра година. Можеби може и да се случи!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.