Денешна дата
23/01/2019

Накитот и сликите на пратениците се тешки 254.958 евра


  • Пратеникот Сашо Василевски со слики и накит од 85 илјади евра
  • Пушки и пиштоли поседуваат тројца пратеници
  • Музички инструменти само во домовите на две пратенички

Уметнички слики и златен накит од 160 до 60 илјади евра се сретнуваат во имотот на пратениците во Собранието на Република Македонија. Некои од нив поседуваат и оружје и музички инструменти.

Благородни метали до 65.000 евра низ имотот на пратениците

Независниот пратеник, Сашо Василевски, поседува златен накит од цели 65.041 евра, добиен по пат на наследство како и часовници вредни 11.382 евра. Неговата колешка, независната Елизабета Канческа Милевска, поседува наследен накит вреден 29.268 евра.

Јохан Тарчуловски и Борис Змејковски од ВМРО-ДПМНЕ имаат накит од 19.512, односно 16.260 евра.

Пратеничките со накит до 5.000 евра, сопругите на пратениците со накит над 16.000 евра

Пратеничките Лидија Тасевска, Снежана Калеска, Владанка Авировиќ и Нола Исмајлоска поседуваат личен накит од вкупно 12.683 евра.

Додека, пак, сопругите на пратениците со накитот во личен посед достигнуваат и над 16.000 евра. Па така, сопругите на Васил Пишев и Џеват Адеми поседуваат златен накит од по 16.260 евра. Сопругата на пратеникот Зоран Илиоски има  благородни метали вредни 1.951 евра како и сопругата на Африм Гаши со накит од иста вредност.

Уметнички слики од 160 до 20 илјади евра

Истражувањето на СКУП во рамките на проектот „Политички експонирани личности“ покажува дека уметничките слики не изоставуваат ниту во домовите на пратениците.

Сашо Василевски е пратеникот кој поседува највредни уметнички предмети. Тој ги стекнал со договор за подарок и истите се вредни 20.325 евра. Нешто помалку, 19.512 евра вредат уметничките слики кои што ги поседува пратеникот Љупчо Димовски, кој исто така е дел од независните пратеници. Со уметнички слики вредни 7.317 евра може да се пофали и Јохан Тарчуловски, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Најбогатиот пратеникот Васил Пишев, располага со уметнички и колекционерски предмети вредни 4.878 евра, а исто толку вредни слики има и пратениката Снежана Калеска.

Поранешниот премиер, Емил Димитриев поседува слики кои се проценети на 3.252 евра. Нешто помалку, 2.439 евра, се вредни сликите и колекционерските предмети што ги поседува Владанка Авировиќ. Пратеничките Лидија Тасевска и Нола Исмајлоска поседуваат слики вредни по 813 евра, додека пратеникот Илија Николовски има слики вредни 163 евра.

Само тројца пратеници располагаат со оружје

Тројца пратеници од Собранието поседуваат и оружје. Меѓу нив е пратеникот и поранешен министер, Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ. Тој поседува оружје вредно 7.967 евра. Неговата колекција која ја стекнал со договор за купопродажба се состои од: Ремингтон-полуавтоматска пушка 2009/2010, пушка „Merkel RX Helix black” 2017, бокерица бајкал 1990/1998, Карабин-маузер 1970/2011 и пушка „Franchi Affinity”.

Јохан Тарчуловски, поранешниот бранител, поседува оружје вредно 2.926 евра кое е стекнато на „друг начин“ и е наведено под името „моторни возила“.

Сопругот на Благица Ласовска, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, поседува ловечка пушка од 243 евра која е стекната со договор за купопродажба, како и пиштол застава од 325 евра стекнат со наследство.

Музички инструменти само во домовите на две пратенички

Виолина вредна  1.951 евра и Пијано Чајковски вредно 980 евра се единствените музички инструменти кои ги пријавиле пратеничките Јулиана Николова и Славица Шуманска Митева.

 

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата, и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот (ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД.