Денешна дата
10/12/2022

ЗАГАДУВАЊЕ

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани мои читатели,

Би сакал да се осврнам на една од најгорливите теми во моментов  во Република Македонија, која ги засега сите граѓани, од новороденчињата до старите лица, а тоа е енормно високиот степен на загадување. Станува збор за сериозна закана по здравјето на граѓанинот, чии последици тешко може да ги процениме. Ова не е само несакана туку и разорна појава во нашето живеење.

Стратегијата за решавањето на овој проблем, мора да се заснова на темелна анализа и ефикасни предлог мерки од страна на надлежните во земјава, за деконтаминација. Можеби најважно е надлежниот правен субјект, кој би ги извршувал и имплементирал ваквите стратегии за борба против загадувањето да има висока експертиза во областа. Накратко, нам ни требаат анализи, кои ќе го дијагностицираат загадувањето, не само на воздухот, туку исто така на почвата и на водата.

За овој проблем, не треба да се штедат пари, бидејќи со ниту една цена не можете да го купите здравјето на човекот.

Ќе ми дозволите да се навратам на моето видување за причините, кои се извор за оваа наша нездрава и контаминирана околина.

Во бившата СФРЈ или уште подалеку ФНРЈ, во раните 50 години започна индустријализацијата во Република Македонија, во рамки на која четири града беа особено погодени, а тоа се Скопје, Битола, Тетово и Велес. Овие градови и во моментов важат за најзагадени во светот.

Во Скопје беше инсталирана црната металургија, преку Рудници и железарници Скопје, која се занимаваше со највалканата преработка на рудата во полуфабрикати и фабрикати, во склоп на самата скопска железара. Испуштените гасови и отровни материи, од тогашните топилници, денес тешко дека ќе можеме да ги пресметаме.

Потоа во Скопје беше сместена и обоената металургија, преку Алумина и Купром, како и силната хемиска индустрија преку Охис, а многу одамна и Цветан Димов, како и кожарската, цементната, стакларската индустрија, итн.

Почитувани мои, Скопје е единствениот главен град од сите главни градови од бившите Југословенски републики, каде што беше сместена највалканата и најзагадувачка индустрија во светот. Тетово сеуште ја плаќа цената на бившиот Југохром, како што впрочем и Битола ја плаќа цената на РЕК Битола, која и ден денес работи со технологија, којашто светот одамна ја има елиминирано. Добро е што топилницата во Велес, која уништи и одзема многу животи, после долгогодишна битка, се затвори и не е веќе во функција. Но, последиците сè уште се чувствуваат бидејќи периодот на деконтаминација по природен пат е минимум 20 пати подолг од процесот на контаминирање.

Но, дали сметате дека само воздухот е контаминиран? Или треба да се замислиме подлабоко, дали се контаминирани земјата и водата? По мое лично убедување и водата и земјата се контаминирани, меѓутоа сè уште не постои технологија, која би се применила кај нас за да се докаже ова. Се надевам дека ќе се појави и ќе се примени и кај нас таквата технологија, како што веќе се применува со мерачите на загаденост на воздухот.

Во современиот свет постои разработен систем на прочистување во сите три сегменти – воздухот, водата и земјата. Претпоставувам се прашувате зошто денес Лондон не е магловит град, туку напротив. Кај многумина од нас, кои подолго паметиме, Лондон се идентификуваше како град каде што маглата беше составен дел од секојдневието. Ова е само еден пример како светот се справува со грешките во индустријализацијата, посебно во примарната индустрија.

Како во денешни услови се решава проблемот во Македонија со таканаречените тешки отпади? Мојот одговор е дека нема никаква стратегија, ниту пак одговорните обрнуваат внимание на овој голем проблем.

Ќе ви споменам еден случај што го доживеав како градоначалник на Град Скопје, а се однесува на фабриката Алумина во Општина Карпош, кој што се појави при нејзиното расчистување и подготвување на теренот за урбанизација. Како и секоја индустрија, така и Алумина, имаше тежок и опасен отпад, кој беше складиран во буриња и бидејќи не постоеше никаков систем како да се реши овој отпад, бурињата беа складирани во кругот на самата фабрика, од нејзиното постоење. При расчистување на теренот сите тие буриња беа отворени и со шмркови вода тој отпад беше истуран во канализацијата, а и во самата почва, што значи отпадот делумно завршил во Вардар, а поголем дел сеуште живее со нас и околу нас.

Прашувам најодговорно, до кога ќе се однесуваме вака неодговорно, со проблемите кои го загрозуваат нашето здравје? Република Македонија под итно треба да изгради депонии, особено за тежок отпад, кој ќе биде третиран на начин и со постапки, кои нема да го доведат во прашање здравјето на човекот.

Несаканиот отпад, кој го труе нашето живеење е насекаде околу нас. Ја споменав индустријата којашто загадува, но сакам да потенцирам дека таа не е единствениот загадувач. Во голема мера загадувачи сме ние самите граѓани, кои сме неодговорни кон нашето животно опкружување.

Воедно би запрашал и како ќе се справиме со азбестот вграден во сите инфраструктурни приватни и деловни објекти низ цела Македонија, кој го има во илјадници тони. Знаеме дека една честичка од тој азбест може да биде фатална по здравјето на секој од нас. Но, за оваа тема ќе пишувам во наредните колумни, а со оваа колумна сакав да поттикнам кај вас еден голем знак прашалник: ЗОШТО СЕТО ОВА НАМ НИ СЕ СЛУЧУВА, зошто не умееме да седнеме и размислиме како да се справиме со овие големи проблеми, кои за вистински политичар би требало да бидат предизвик.

На крајот, сакам да ви ги честитам Новогодишните празници, а за темата што погоре пишував, РАЗМИСЛЕТЕ…!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.