Денешна дата
19/02/2019

Македонска пошта останува уште една година државен монополот на пазарот

пишува: Игор Петровски

  • Македонска пошта уште една година ќе го има ексклузивното право на достава на пратки – писма со тежина до 50 грама
  • “Заради нечии приватно – партиски интереси Македонска пошта останува не реформирана компанија што дава лоши услуги за граѓаните“, вели директорот на Агенцијата за пошти, Влатко Атанасоски
  • Најголем дел од приходите Македонска пошта ги остварува од разнесување писма, а сегментот на достава на пратки нарачани онлајн не е ни чепнат

 

Најмалку десетина пати досега имал проблем со пратките што му стигаат од странство Горан, млад графички дизајнер од Скопје, којшто вели дека поради тоа престанал да ги користи услугите на Македонска пошта, и преминал на многу поскапите експресни достави на пратки.

“Имам потреба од разни технички компоненти што не можат да се најдат во земјава, и прилични често нарачувам онлајн. Но, после неколку случаи на загубени пратки, или пак отворени пакети при што имаше и оштетување на нарачаните предмети, решив да не ги користам услугите на Македонска пошта, иако пристигањето по редовна пошта беше најевтина варијанта за мене“, вели нашиот соговорник.

Горан не е единствен што имал проблеми со доставените пратки од страна на Македонска пошта. Минатата година имало преку 2.000 поплаки за услугите на ова државно претпријатие, од коишто најголем дел, 1907 поплаки биле за изгубени поштенски пратки, 136 рекламации биле за пречекорувањето на рокот на достава, додека само 7 рекламации биле регистрирани заради оштетена/намалена содржина на поштенските пратки, покажува Извештајот за поштенските активности во Македонија во 2017 година што го презентираше Агенцијата за пошти.

“Но, кога ќе се споредат овие 2.000 поплаки со вкупниот број на 38,4 милиони доставени поштенски пратки во 2017 година од страна на Македонска пошта, што е безначајни 0,005%, излегува дека квалитетот на нивните поштенски услуги е одличен. За жал не е така, одговорно тврдам дека бројот на поплаки би бил многу поголем доколку процедурата за нивно поднесување не е страшно компликувана, остаток од стариот социјалистички систем  и ги одвраќа граѓаните што сметаат дека се оштетени“, вели Влатко Атанасоски , директор на Агенцијата за пошти, којашто е регулатор на пазарот за поштенски услуги во земјава.

 

Пазарот за поштенски услуги требаше да биде либерализиран уште во 2012 година

Атанасоски додава дека монополската положба што Македонска пошта ја има на пазарот во делот на достава на пратки со тежина до 50 грама –  што значи претежно во делот на писма со најразлична содржина и намена во внатрешниот поштенски сообраќај, како и пратки што пристигнуваат во земјава од меѓународен поштенски сообраќај – го кочи развојот на слободната конкуренција во бизнисот со достава на поштенски пратки, што доведува до низок квалитет на услугите. Освен Македонска пошта, во моментов на домашниот пазар има уште 36 компании што имаат лиценца за давање на поштенски услуги, од коишто некои имаат овластување за меѓународен сообраќај, некои се само за територијата на државава, а некои пак разнесуваат пратки само за подрачјето на градот Скопје или други градови и општини во Македонија. Од вкупно 41 милион доставени поштенски пратки во 2017 година, на Македонска пошта отпаѓаат 38,4 милиони пратки, или 93,7% од пазарниот колач.

“Агенцијата за пошти беше формирана во 2008 година токму со намерата да ја подготви либерализацијата на пазарот за поштенски услуги, што ќе значеше и продажба на ‘Македонска пошта’ којашто е во стопроцентна државна сопственост. Процесот на либерализација на пазарот требаше да биде завршен уште во 2012 година, а сега сме крај на 2018 и Владата побара уште една година да продолжи монополот на компанијата. Со години наназад, заради штитење на партиски и бизнис интереси се штити и монополот на ова претпријатие”, вели Атанасоски.

Извештајот за пазарот на поштенски услуги што го подготви Агенцијата за пошти покажува и континуиран пад на поштенскиот пазар, односно бројот на доставени пратки последниве неколку години. Во 2014 година обемот на поштенскиот пазар бил без малку 50 милиони пратки, во 2015 47 милиони, во 2016 45 милиони и минатата, 2017 година, нешто помалку од 41 милион пратки. Процентот на намалување од 9% за 2017 година се должи на намалувањето на обемот кај Македонска пошта за 10%, додека обемот кај останатите даватели на поштенски услуги е намален за 1,5%, се вели во извештајот на Агенцијата за пошти.

 

“Наместо да се развива е-трговијата, се штити шверцот“

 

Директорот на Агенцијата, Атанасоски, истакнува и дека Македонска пошта воопшто не го развива сегментот на достава на пратки нарачани онлајн од страна на македонските граѓани, инаку, пазар што вртоглаво расте во светски рамки и веќе ја надминал цифрата од илјада милијарди долари на годишно ниво. Проблем е, според него  и огромната разлика меѓу износот за бесцарински увоз за лична употреба во патниот и износот во поштенскиот сообраќај, што  отвора простор за злоупотреби.

“Во моментов онлајн може да нарачате и да ви стигне преку пошта производ чијашто вредност е максимум 22 евра, без да платите царина. Додека ако влезете во земјава  од странство преку граничен премин, може да внесете стока без царина во вредност од 350 евра. Одредбите за бесцарински увоз до 350 евра во патен сообраќај се злоупотребуваат за нелегален увоз и тоа е една од бариерите за развој на поштенскиот сектор. Во тој шверц се вклучени службеници и на МВР и на Царинската управа“, вели Атанасоски.

Од Агенцијата за пошти во неколку наврати досега, и до претходната, и до оваа владејачка гарнитура доставиле предлог законски измени што треба да ја олеснат конкуренцијата на пазарот за поштенски услуги, да доведат до приватизација на Македонска пошта, како и влез на голем светски играч во онлајн трговијата во Македонија, но како што вели Атанасоски, сите нивни обиди не наишле на одѕив кај властите.

Побаравме и коментар од директорот на Македонска пошта Ејуп Рустеми во врска со наодите на Атанасоски, од чијшто кабинет ни одговорија дека деновиве ќе излезеле со официјално соопштение до јавноста во врска со либерализацијата на пазарот за поштенски услуги и другите моменти што ги истакна Атанасоски.