Денешна дата
23/01/2019

На работа на Илинденска или во егзил на Водно

Овде не е прашањето што со Зоран Заев на чело на државата, туку што со владата без Зоран Заев

Пишува: Зоран Иванов

 

„Нема да се кандидирам и тука ја затворам темата“ одговори неделава на прашање на новинар премиерот Зоран Заев и ….

Неодамнешно тестирање на јавноста за тоа кого на пролет посакуваат за нов претседател на државата, мнозинството од анкетираните го одбраа актуелниот премиер Зоран Заев. Самиот факт што во друштво на уште петнаесетина и тој се најде како кандидат на анкетната листа, се симптоми дека премиерот можеби сепак има намера да се исели од Илинденска бб. Ова, како и експресната реакција на негови потврдени поддржувачи аналитичари колумнисти да му препорачаат катапултирање на таа функција, упатуваат на сериозна доза автентичност за ваквата претпоставка.

Работите во политиката се брзо превртливи, менливи поради разни причини, мотиви и околности. Не така одамна, а секако најмногу по негова заслуга, народот низ тешки битки го одбра и го избра него како надеж. Како лидер за промени, за реформи, за живот за сите. Но, според сеопштиот впечаток, досега тој се`стави главно на една, две политички карти. На законот за јазиците, договорите со источниот и со јужниот сосед, уставот и НАТО членството.

За тоа време, наспроти нестрпливоста на граѓаните, неговиот потесен и поширок владин тим не ги испорачува очекуваните резултати. Прибе повеќе речиси и не се спомнува. Аргументите пак, дека државата уште е блокирана од минатиот режим, стануваат се подегутантни, а критиките се побројни и погласни. Влијателни борци од процесите на промените, интелектуалци, аналитичари, граѓански активисти, граѓани забележуваат, приговарат, мрморат за неостварувања. За инертност, неснаоѓање, стагнации, нереализирани ветувања. Но и за партизирања, непотизми, клиентелизам, корупција.

Народот го избра Зоран Заев. Тој пак како да не си избра својот добар тим и гледањата низ прсти веќе го чинат успешност. Тој ги брка интеграциите, тие ги бркаат привилегиите. Јавноста реагира на крупни зделки и особено шумоли за малите матни дејанија на третоешелонските кадри. Сместени по многуте служби, јавни претпријатија, агенции, фондови и секакви други државни институции, тие како да се надвор од владините контроли. Поприличен број од нив, со негово или без негово знаење, тоа јавноста особено ќе сака да го слушне, како да си се по дома. Си местат тендери и тендерчиња, проекти и проектчиња, грантови и грантчиња, дневници и дневничиња. Си пакуваат репрезентативни патувања, журки, седенки. Си вработуват, си унапредуваат, си делат бонуси и бонусчиња, награди и наградичиња. Па така, задскриено но бахато и без контрола, со нивните постапки својот добродател го водат кон неговиот неизбежен премиерски пораз.

А тој, само од нему разбирливи причини и натаму упорно ги држи крај себе и лошите и неспособните и оние со видливи коруптивни, непотистички и клиентелистички манири. И по година пол ги остава на местата од каде и од авион се гледа дека не ги бива, дека поткраднуваат и дека уживаат во привилегиите без да ги испорачуваат очекуваните промени. И особено дека го злоупотребуваат и него и неговата доверба и дека му нанесуваат огромна политичка штета.

Неможно е премиерот да не ги гледа овие општограѓански впечатоци и да не ги забележува нивните катадневните реакции. И оттаму веројатно, поради напливот на тоновите на незадоволство, се и индикациите кои сигнализираат негови евентуални намери да се пресели на побезбедна, на покомотна функција. Факт е дека досега тој навистина премногу стори. Некои нешта и неочекувано премногу во исклучително сложен општествено политички амбиент.

Се измори ли херојот на новата македонска пролет. Се исплаши ли од неможноста да се справи со покрупната и поситната мафија, од неизлечива коруптивна метасаза. Одговорот со сигурност ќе се знае за месец, два. Но смеат ли тие појави да бидат причината за дилемата тој или тие. Дали не можејќи да се справи со Тие, се решил за Тој. Дали веќе крева раце од нас и се подготвува за збег од премиер за претседател, од жешката и секогаш виновна Илинденска бб во мирната и спокојна резиденција на Водно, е сега најактуелното прашањето од јавноста до него.

Зоран Заев покажа ретко видена храброст. Бомбите со кои го растури режимот можеа и уште можат да му експлодираат в гради. Покажа дека е и демократ и космополит. Човек кој манифестира добрина и разбирање за секого. Карактер кој подеднакво умее и со поддржувачите и со противниците. Личност која, доколку му бидат предочени посилни аргументи, е подготвен без препотентност и суета да се повлече од сопствените убедувања.

Но овде не е прашањето што со Зоран Заев на чело на државата, туку што со владата без Зоран Заев. Кој наместо него ќе се отчитува за неостварените надежи. За очекувањата за тоа кога ќе се вратат парите кај граѓаните, како до петстотини евра просечна плата, до кога ни ваму ни таму со правото и со правната држава, како и кога со реформите во судството, до кога со ваквото образование и здравство. Кој ќе се справува и ќе ја реформира тромавата, прекубројна и прескапа администрација. И како натаму со нараснатите злоупотреби на јавните ресурси, со корупцијата, клиентелизмот, непотизмот, партизмот.

Од позиција на претседател на држава актуелниот премиер не ќе може ништо додатно да стори за остварувањето на прокламираните цели. Практично ништо за надежите на граѓаните желни за попристоен живот, за вистинска слобода и демократија, за правда и еднаквост, за спастрени, департизирани, одговорни и авторитетни институции.

Реакциите на борците од шарената против режимот и на шестоилјаднта маса граѓани од септемврискиот референдум која го прифати предизвикот за интегративните перспективи на земјата, се сè побучното ехо на македонската демократска јавност. Ќе може ли Зоран Заев да ги остави своите соборци и следбеници на немилост на атрофираните институции, на неспособните раководители на многуте државни претпријатија, агенции, фондови и служби без претходно да направи генерален ремонт. Без да спроведе кадровско цунами и без, како што вети, да засече длабоки реформски резови. И со таква посакувана акција да создаде политичка реакција и за својата политичка иднина. Да си создаде нов простор за нови лични предизвици. Секако, гледано од наш македонски агол, ако функцијата претседател на држава се уште важи за некаков предизвик.

Времето е кусо и бргу ќе покаже дали актуелниот премиер ќе ги напушти лидерските места во владата и во партијата за да стане петтиот претсеадтел на Република Македонија и првиот претседател на Република Северна Македонија. Кон тоа, и покрај неговата негација,  упатуваат засега само зачестени, па сепак упатни индикации.

Велат, ова особено за политиката, никогаш не вели никогаш. Таму речено – поречено е аксиома.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.