Денешна дата
23/01/2019

Новинарите што известуваа од Собранието на 27 април ќе ја тужат државата

Петнаесет новинари ја покренуваат иницијативата за тужба против државата за надомест на штета. Велат дека на 27 април тие ја вршеле својата работа, а со тоа и спречиле посериозни последици. За тужбата имаат обезбедено адвокатски тим, кој иако ќе ги застапува про-боно, судските трошоци ќе ги покријат самите.

„Во консултации со правен тим, Согласно член 166 за облигациони односи, ја покренуваме оваа иницијатива. Со граѓанска постапка сакаме да се утврди одговорноста на поединци кои што со преземање или непреземање одредени дејства придонеле до настаната ситуација“ – изјави новинарот Боби Христов, кој што е дел од иницијаторите.

Во однос на барањето за надомест на штета и сите други детали, новинарите велат дека ќе бидат со меѓусебен договор. Ги повикаа сите колеги новинари, фотографери и сниматели кои биле дел од известувањето за настаните на 27 април да се приклучат кон иницијативата.

„Брзината на тужбата ќе зависи од брзината на мобилизација на сите оние кои што ќе сакаат да се приклучат кон оваа иницијатива бидејќи новинарите, сниматели и сите оние кои што беа загорени на 27 април заслужуваат правда. Ние само си ја вршевме својата работа“ – додаде новинарката Душица Мрѓа.